Никој не знае подобро како да го живееме сопствениот живот од нашите роднини и комшии. Колку и да се и самите конкретни индивидуи, тие живеат истовремено и во нас, во нашата глава, во нашите идеи за тоа како треба да изгледаме пред светот. Судбината да се родиме и да живееме во мала и конзервативна земја прави од нашите животи едно голо и драстично паленечко искуство на впрегнатост во некритичко исполнување на правилата на јавниот морал.
Парадоксално, ама во рамки на системот на јавниот морал, нема место за апсолутно морално исправен човек, затоа што таков не постои. Постојат единствено луѓе што го живеат животот во континуиран напор да ги исполнат нормите на јавниот морал, да бидат доволно пристојни, доволно успешни, доволно пожртвувани, доволно нормални, доволно тивки, доволно препознатливи како „исправни.“
Оние животи што јавниот морал ги означува како неисправни, срамни или непожелни се втурнати во уште поинтензивно самообликување, во обид да се поправат, сокријат, оправдаат, ублажат или преведат себеси на јазик што нормата може да го поднесе.
Кога нешто е третирано како здраворазумно, тогаш оние што се обидуваат да го проблематизираат истото, лесно се етикетираат како опасни, неморални, хистерични…
Јавниот морал ретко настапува како јасна забрана, како закон или директна наредба. Наместо тоа, произведува желба самите ние да се усогласиме со него, да станеме поприфатливи, попристојни, помалку видливи, помалку проблематични. Неговата принуда е најуспешна тогаш кога почнува да се интернализира, да изгледа како наша лична амбиција, како желба да бидеме „поисправни“ и „поправилни.“
Кога јавниот морал е преоблечен во нормалност наместо во идеологија, тој станува „здрав разум,“ „очигледна вистина“ или плејада на претпоставки и судови толку често повторувани и поддржувани, што нивното преиспитување почнува да изгледа како нарушување на нешто очигледно, природно и неприкосновено.
Кога нешто е третирано како здраворазумно, тогаш оние што се обидуваат да го проблематизираат истото, лесно се етикетираат како опасни, неморални, хистерични или идеолошки преинтензивни. Таква е, на пример, идејата дека приватните работи треба да останат во семејството, а дека зборувањето за непријатни или насилни искуства во семејството значи „вадење валкан веш надвор.“
Овие изјави изгледаат како здраворазумни, дури и мудри, но ваквите „мали вистини“ функционираат како морални регулатори. Преку нив, системот ја дефинира прифатливата женственост и ги прави жените одговорни за одржување на општествениот ред.
Се сеќавате ли на Жизел Пелико, Французинката, чиј случај ја потресе јавноста откако беше откриено дека нејзиниот сопруг со години ја дрогирал и организирал други мажи да ја силуваат? Таа одби да биде чуварка на „валканиот веш“ и побара судењата да бидат јавни, присуствуваше на нив, даваше и дава изјави за медиумите, помага во слични истраги во други земји и со тоа го претвори сопствениот случај во јавно сведоштво за насилство, кое најчесто останува скриено зад ѕидовите на домот, семејството и срамот.
Срамот е врзан за она искуство и чувство дека не сме успеале да исполниме извесен идеал, но и дека овој неуспех е виден и препознаен од другите
Нејзината изјава „срамот мора да промени страна“ е можеби најцитираната современа изјава од жена затоа што успева да ја погоди сржта.
Срамот не е само последица на сексуално насилство, туку претставува една од клучните афективни технологии на дисциплинирање на луѓето. Жените се научени да се срамат кога се злоупотребени, но исто и кога „сакаат повеќе“, зборуваат гласно, се разведуваат, не раѓаат деца, стареат без сокривање, се облекуваат „погрешно.“
Мажите, пак, се учат да се срамат кога се ранливи, сиромашни, неуспешни според пазарните критериуми, емотивни, зависни од грижа, неспособни да ја изведат улогата на „силен“ маж или кога нивната желба, тело и живот не се вклопуваат во хетеронормативната слика за машкост.
Срамот е афективен механизам, кој го отелотворува јавниот морал и секогаш ги претпоставува другите, светот што нè гледа, оценува и нè споредува со нормите што треба да ги исполнуваме. Затоа Сара Ахмед го разбира срамот како „социјална релација“, а не како чувство што едноставно извира однатре. Срамот е врзан за она искуство и чувство дека не сме успеале да исполниме извесен идеал, но и дека овој неуспех е виден и препознаен од другите.
Јавниот морал е токму тој критизерски поглед на другите што нè прави анксиозни, несигурни, уплашени и секогаш подготвени на послушност и конформизам. Со други зборови, јавниот морал нè учи да го живееме сопствениот живот според туѓите очекувања.
Оваа постојана изложеност на погледот на другите, нужно не изискува реална публика. Доволно е тоа да е веќе интернализирано. „Што ќе кажат комшиите?“ станува внатрешен глас, механизам на самонадзор. Ова паланечко искуство, внимателно пренесувано „од колено на колено“, креирало цели форми на живот засновани на страв од изложување.
Затоа не е чудно што луѓе остануваат во лоши бракови, геј-луѓе влегуваат во стрејт-бракови, жени молчат за насилство, мажи глумат успех со брзи кредити, а многумина ги кријат сиромаштијата и проблемите за да останат читливи како нормални, пристојни и „исправни“ луѓе.
Секој изблик на слобода, секое јавно одбивање на срамот, секој автентичен живот покажува дека поинаку е возможно
Па, сепак, невозможно е да се живее без другите. Важно ми е да нагласам дека во никој случај не се застапувам за либералната фантазија за самодоволна индивидуа, која никому ништо не должи, никому не припаѓа и никого не зема предвид. Напротив, се залагам за поинакво заедништво, за односи во кои другиот не е чувар на нормата, патрон, надзорник или морален обвинител, туку некој со кого можеме да градиме релации на грижа, доверба, автентичност и слобода.
Во мојот јавен живот, често сум била мета на морални приговори, но децении подоцна, сè повеќе верувам дека најголемата провокација за чуварите на јавниот морал не е тоа што некој живее „погрешно“, туку тоа што одбива да се срами од сопствениот живот и уште повеќе го живее со радост, јавно и со други.
Разведената жена може да биде посмирена од жената заробена во лош брак. Геј-мажот што одбил лажен живот, може да биде послободен од оној што ја одиграл улогата што му била доделена. Мажот што престанал да глуми успех може да биде подостоинствен од оној што се задолжува за да изгледа моќно.
Токму тоа ги вознемирува чуварите на моралот. Секој изблик на слобода, секое јавно одбивање на срамот, секој автентичен живот покажува дека поинаку е возможно. Ако нешто го одбележува моето зреење и мојот влез во петтата декада, тоа е оваа мантра: тие нека бидат исправни, ние да сме живи, здрави и среќни.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










