„Ќе соработуваме ние, ама под мои услови“, ми рече една министерка на крајот на работниот состанок посветен на превенцијата од насилство врз ЛГБТИ младите. Каква ли е таа соработка кога условите ги поставува само едната страна? Се сеќавам, тогаш помислив дека таа барем го изговори она што другите го премолчуваат затоа што се подразбира: малцинските прашања се секогаш предмет на условно вклучување.
За јуни велиме дека е месец на гордоста, месец во кој ЛГБТИ заедницата го слави своето постоење додека истовремено се бори за своите политики и слободи. Во текот на овој месец, во Скопје се одвива еден од најзначајните фестивали на квир културата во Европа, куриран од незаменливиот Славчо Димитров, а кон крајот на месецов, градот повторно ќе биде домаќин на Парадата на гордоста.
Го сакам јуни затоа што само тогаш Скопје отвора нови простори за поврзување и за поинаква политичка имагинација. Овие денови колективно се интересираме за условите под кои гордоста станува можна.
Политичките ветувања бараат од ЛГБТИ луѓето постојано да чекаат, да бидат трпеливи и да почекаат за имплементација, за реформи, за попристапни институции…за да живеат живот вреден за живеење
Онаа форма на демократија што ја живееме се материјализира преку институции, права, процедури и законска заштита, но она што ги држи субјектите поврзани со овие форми е нивната ветувачка структура: очекувањата дека правата ќе бидат заштитени, институциите нема да исклучуваат, признавањето ќе обезбеди припадност, а демократскиот развој ќе го направи нашиот живот попријатен.
За квир луѓето, овие ветувања се особено важни. Со децении тие ги обликуваа борбите за заштита од дискриминација, правното признавање на родот, слободата на јавно собирање, семејните права, заштитата од насилство и телесната автономија. И токму на овие места, ветувањата почнуваат да се кршат. Тие се кршат секогаш кога правата се појавуваат без инфраструктурата што би ги направила употребливи, кога вклучувањето се одвива под кревки, нестабилни и отповикливи услови.
Колку и да изгледа чудно, прекршеното ветување не треба да се сфаќа како надворешност или спротивност на ветувањата на власта или институциите. Тоа е една од нивните повторувачки форми. Ветувањето останува секогаш присутно, но и секогаш одложено. Имаме поважни прашања и поголеми проблеми, уште до овие ни дојде, само уште вакви ни требаат на улиците, не сега, не тука.
Политичките ветувања имаат интересна временска карактеристика. Тие бараат од ЛГБТИ луѓето постојано да чекаат, да бидат трпеливи и да почекаат за имплементација, за реформи, за попристапни институции, за европско усогласување, за да живеат живот вреден за живеење. Прекршените ветувања, исто така, произведуваат и специфична квир просторност: свет на делумен пристап, условна припадност и нееднаква заштита.
ЛГБТИ луѓето можат да влезат во речиси сите физички, правни, институционални, социјални, интимни, па дури и геополитички простори, но истовремено да не им припаѓаат целосно, можат да се појават во нив без да будат суштински вклучени. ЛГБТИ животите не се ниту целосно вклучени, ниту едноставно исклучени, туку постојано суспендирани помеѓу препознавањето и напуштањето. Токму тоа се условите што ги артикулираше споменатата министерка, но кои одамна ги произведува и ги одржува целиот државен апарат.
Во такви услови, ЛГБТИ животите се живеат низ постојана амбивалентност и неизвесност. Преведено во политички термини, тие се обликуваат преку стратешка репрезентација (како Парада на гордоста), исцрпеност и прегорување (како активистички симптом), неформални практики на грижа (во отсуство на системска заштита), но и разочарување. Со други зборови, тоа се животи што населуваат еден кршлив свет на постојана нестабилна состојба.
Овие кревки светови егзистираат некаде помеѓу доминантните наративи преку кои квир животите обично се прават разбирливи. Еден таков наратив е наративот на жртва, често репродуциран од вокабулар на невладини организации, политики, донатори и медиуми. Во таа рамка, квир субјектите стануваат читливи првенствено преку повреда: како дискриминирани, исклучени, трауматизирани или на кои им е потребна заштита.
Со други зборови, насилството станува главен доказ за постоење. Од другата страна на оваа структура стои славеничкиот наратив за вклучување. Тука квир животот се појавува преку парадите на гордоста, јазикот на различноста, институционалната симболика во вид на виножитно знаме на странски амбасади. Во таа рамка, признавањето се третира како напредок, видливоста како еманципација, а вклучувањето како доказ дека демократијата функционира.
Квир животот станува знак на толеранција, модерност, европеизација и либерален успех.
Кршливи светови се појавуваат токму помеѓу овие рамки. Тие не се заробени од сликата на квир жртвата, ниту од сликата на целосно вклучениот либерален субјект. Тие го именуваат нестабилниот терен на кој квир животите не се ниту едноставно напуштени, ниту безбедно заштитени, ниту невидливи, ниту безбедно видливи, ниту надвор од демократијата, ниту удобно се чувствуваат дома во неа.
ЛГБТИ животите не се ниту целосно вклучени, ниту едноставно исклучени, туку постојано суспендирани помеѓу препознавањето и напуштањето
Да се биде квир значи делумно да се припаѓа на семејството, нацијата, Европа, граѓанското општество, академијата, заедницата. Делумното припаѓање е поврзано со нестабилни услови: дозволено е да се влезе во простор без целосно да се биде препознаен како дел од него.
Кршливите светови се создаваат преку овие делумни припадности и тие се простори каде што квир животот постојано преговара за условите на своето присуство.
Од оваа перспектива, реченицата „ќе соработуваме, ама под мои услови“ добива значење покомплексно од една обична организациска забелешка. Таа претставува барање едната страна да ја задржи привилегијата да ги дефинира условите на соработката.
Прашањето тогаш не е само дали ќе соработуваме, туку кој ќе одлучува што значи соработка. Оттука, најголемите политички победи речиси никогаш не се поврзани со усвојување еден закон или една политика, туку кога ќе успееме да ги промениме условите под кои во иднина се носат одлуките. Тогаш, не само што сме победиле во една дебата, туку сме ја промениле и самата структура на дебатата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












