Живко Митревски, претседател на ССМ, Ирена Мишева, претседателката на Советот на град Скопје, претседателот на комисијата за дискриминација Душко Миновски и портпаролите на Централниот регистар и Министерството за финансии се само дел од оние што нема да плаќаат придонеси на хонорарите за членство во одбори
Живко Митревски, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, е само еден од оние кои нема да бидат
засегнати од плаќањето придонеси за секој хонорар што му легнува на сметка. Митревски освен што е претседател на ССМ, воедно е и член на Управниот одбор (УО) во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Измените за задолжително социјално и здравствено осигурување на лицата на кои им се исплаќа хонорар, кој почнува да важи од 1 јануари 2015 година, не се однесува на функционерите и на оние кои членуваат во управните и надзорните одбори на претпријатијата со државен капитал. А такви се многу.
Ако се погледне списокот на функционери објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата се гледа дека околу 300 лица членуваат во управни и надзорни одбори и за тоа земаат хонорари кои можат да се движат од 5.000 денари па сè до 93.000 денари, зависно од видот на јавниот фонд и бројот на одржани состаноци.
Овие лица нема да плаќаат придонеси за хонорарите што ги земаат (освен персоналниот данок од 10 отсто), за разлика од останатите граѓани кои доколку земаат дополнителни приходи над износот на минималната плата од 9.590 денари, ќе мора да плаќаат над 35 отсто за пензиско и здравствено осигурување.
На листата на членови на Управни и надзорни одбори можат да се видат многу јавни личности кои нема да бидат засегнати од новите законски измени.
Душко Миновски е претседател на Комисијата за дискриминација и советник во Министерството за труд и социјална политика. Тој од работното места добива плата со платени придонеси, а од комисијата зема хонорар, за кој нема да треба да плаќа дополнителни придонеси, за разлика од останатите граѓани кои не се избрани или именувани функционери.
„Ако треба да плаќам, ќе плаќам, не е тоа проблем. Но, не сум баш запознаен со овие измени. Како и да е, концептот на дискриминација е спрецифичен. Не секоја неправда значи и дискриминација. Сето ова влегува во контекстот на афирмативни мерки кои се во интерес на граѓаните. Точно е дека има чувство на нееднаквост, но станува збор за мала група граѓани кои се изземени, а целта на законските измени е сосема друга“, изјави Миновски за БИРН.
На листата се наоѓа и Ивана Билбиловска, портпаролка во Министерството за финансиии која воедно е и член на УО на Фондот за осигурување депозити.
Тука е и Емил Јакимовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кој работи во Централниот регистар на Македонија, а воедно е и член на УО на Државниот студентски дом „Пелагонија“, со што влегува во списокот функционери кои се изземени од плаќање дополнителни давачки за примените хонорари.
Минатата недела за неизвршен член на Одборот на директори на Т-мобиле Македонија беше избрана Ирена Мишева, која е претседател на Советот на Град Скопје од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од плаќање придонеси за хонорарите ќе се спасат и Тања Каракамишева и Слободан Чашуле. Професорката на Правниот факултет и амбасадорот на Македонија во Шпанија неодамна беа избрани за членови на Надзорниот одбор на АД „Македонска пошта“.
Првиот човек на ССМ Живко Митревски вчера се огласи во јавноста со оправдување на измените со кои хонорарците од свој џеб ќе треба да го плаќаат здравственото и пензиското осигурување.
„ За нас како синдикат значајно е овие работници да бидат внесени во системот на социјални осигуреници – за секој труд да биде евалуиран и да биде платен и со пензиско и со здравствено осигурување. Со донесувањето на овој закон ќе се елиминира големата нелојална конкуренција и ќе се елминира еден голем дел на работници кои работеа во сива економија и не можеа да бидат заштитени “, изјави Митревски за медиумите.
Тој денеска не одговараше на нашите повици за да објасни зошто оправдува измени од кои самиот е изземен и дали смета дека во случајов станува збор за дискриминација на граѓаните.
Професорката Мирјана Најчевска, активист за човекови права, вели дека во случајов станува збор за класична дискриминација направена директно од државата.
„Според сите можни дефиниции, станува збор за дискриминација. Сметам дека случајот треба да се даде пред Комисијата за дискриминација, но и претседателот на оваа комисија членува во управен одбор и не треба да плаќа придонеси. Тогаш останува омбудсманот или Уставниот суд… Но и за Уставниот суд знаеме колку е независен. Оттаму, ми останува само да заклучам дека треба да најдеме други начини да се бориме против оваа дискриминација која е направена директно од државата“, вели Најчевска за БИРН.
Од Владата не отстапуваат од ставот дека измените стапуваат на сила од први јануари, а на 22 декември најавени се протести организирани од неколку синдикати и здруженија.