Вести

Протест поради неуставната наплата на придонеси од хонорари

Претставници на повеќе здруженија и синдикати следниот понеделник најавија протест против примената на измените за наплата на социјални придонеси на примања од договор на дело или авторски договор. Тие се сомневаат во уставноста на измените бидејќи истите не важат за избраните функционери кои како членови на управни и надзорни одбори земаат и до 93.000 денари месечни хонорари

Со новите измени, голем дел од вработените ќе ги изгубат своите права, предупредуваат организаторите на протестот | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Со новите измени, голем дел од вработените ќе ги изгубат своите права, предупредуваат организаторите на протестот | Фото: Синиша Ј. Марушиќ

Во понеделник, 22 декември, ќе се одржи протест против наплатата на придонеси од хонорари што треба да почне да се применува од почетокот на следната година, или за десетина дена. Протестот е најавен откако од Владата соопштија дека законските измени кои ја предвидуваат ваквата мерка нема да се одложат. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и денеска повтори дека реформата ќе се применува од први јануари.

Организаторите сметаат дека со воведувањето на овие измени,ниту ќе се стимулира вработувањето, ниту ќе се спречат злоупотребите на договорите на дело.

Напротив, пред работодавците ќе се изедначи статусот вработен со хонорарец. Со тоа, голем дел од вработените ќе ги изгубат своите права станувајќи хонорарци. Измените, исто така, се неуставни бидејќи одредена категорија граѓани, како избраните функционери се ослободени од обврската. Организаторите затоа ќе поднесат пријава пред Уставниот суд.

Некои категории кои се ослободени од плаќање придонеси, земаат
месечни хонорари кои што изнесуваат околу десет минимални
плати. Така, јавните функционери за членство во Управни и Надзорни
одбори земаат хонорари кои може да достигнат од
23.000 па до 93.000 денари. Толку им следува ако присуствуваат
на четири состаноци на Управен или Надзорен одбор во
текот на еден месец.

Претставниците на Движењето за социјална правда „Ленка“, синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации КСОМ, левичарското движење „Солидарност“ и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), како потписници на Повелбата за солидарност, вчера одржаа уште еден состанок на кој одлучија да преземат поефективни чекори против измените со кои се воведува наплатата на придонеси од задолжително социјално и здравствено осигурување од хонорари.Тие побараа итна средба со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на која би разговарале за одложувањето на примената на петте закони со кои ќе се применуваат новините од први јануари и нивна измена, но не добија повратен одговор.

Во однос на случаите на прикриен работен однос или злоупотреба на договорите на дело, што е оправдание на властите за носење на овие измени, организаторите на протестот бараат преку засилени контроли и инспекции да се отстранат истите.

Спорните измени се донесени со измена на законите за работни односи, за придонеси од социјално осигурување, за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за вработување во случај на невработеност.

Конкретно се предвидува да се плаќаат над 35 проценти од хонорарот за придонеси и даноци наместо сегашните 10 отсто само за персоналниот данок на доход. Овие 35 отсто за здравствено, пензиско и за персоналец ќе ги плаќаат оние кои земаат хонорар од договор на дело или авторски договор над износот на минималната плата од 9.590 денари.

Наплатата на придонеси од договори на дело и авторски договори не важи за примањата на врвните спортисти, пратениците, советниците, јавните функционери, стипендистите, судиите, поротниците, вештаците, стечајните управници, волонтерите, пензионерите и за договорите за јавна работа коишто ги склучуваат општините.

Така, јавните функционери за членство во Управни и Надзорни одбори земаат хонорари кои може да достигнат од 23.000 па до 93.000 денари. Толку им следува ако присуствуваат на четири состаноци на Управен или Надзорен одбор во текот на еден месец.

Овие средства не се оданочуваат, како што објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика, поради тоа што јавните функционери вршат општествено корисна работа.

Инаку членувањето на службени лица во управни и надзорни одбори на јавни претпријатија, фондови, агенции, комисии е спротивно на член 21 од Законот за спречување на корупцијата поради судир на интереси или кумулација на функции. Државната комисија за спречување на корупцијата кон крајот на 2008 година започна постапка за 21 случај каде службени лица, најчесто пратеници, членуваат во вакви одбори и. Но, поради промена на раководството на Антикорупциска, овие постапки никогаш не завршија.