Вести

Апелација одлучи за Кежаровски, но не кажува како

Одлука е донесена. Таа е во фаза на изготвување и ќе биде доставена до Основниот суд Скопје 1. Не можеме да соопштиме каква е одлуката додека не биде верифицирана, изјави за БИРН судијата Сафет Кадриу

Апелацискиот суд може да го врати предметот на повторно одлучување, да ја потврди првостепената пресудата, или пак да донесе нова пресуда за Кежаровски

Апелацискиот суд може да го врати предметот на повторно одлучување, да ја потврди првостепената пресудата, или пак да донесе нова пресуда за Кежаровски

Апелацискиот суд донел одлука по жалбата што ја поднесе новинарот Томислав Кежаровски, кој е осуден на 4,5 години затвор, но не ја соопштува во јавноста. Судијата Сафет Кадриу за БИРН потврди дека одлуката во моментов се пишува.

„Точно, одлука е донесена. Таа е во фаза на изготвување и ќе биде доставена до Основниот суд Скопје 1. Не можеме да соопштиме каква е одлуката додека не биде верифицирана, а тоа ќе се случи во законски предвидениот рок од 60 дена“, изјави Кадриу за БИРН.

Тој сепак очекува, поради големиот интерес на јавноста за овој предмет, одлуката да се за знае за една недела.

Петмината апелациски судии можат да ја укинат затворска казна на која беше осуден Кежаровски и да го вратат предметот на повторно одлучување, можат да ја потврдат првостепената пресудата, или пак да донесат нова пресуда.

Од Иницијативниот одбор за поддршка на Кежаровски веќе изјавија дека секоја пресуда освен ослободителна би биде неприфатлива.

„Доколку судот реши да го врати предметот или да ја ублажи казната, тоа би било правна одлука за да се покрие политичкото гонење на еден новинар“, изјави за БИРН минатата недела Зоран Димитровски, член на Иницијативниот одбор.

На изборното собрание на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во саботата едногласно беше усвоена „Декларација за Томислав Кежаровски“.

„Ние, македонските новинари упатуваме уште еднаш силна поддршка за нашиот неправедно осуден и притворен колега Томислав Кежаровски. Бараме од Апелацискиот суд во Скопје, додека сè уште го чекаме неговиот финален збор, да ја донесе единствената одлука со која ќе ја задоволи правдата – да го ослободи од вина“, се вели во декларацијата.

Во 2013 година, кривичниот суд во Скопје го осуди Кежаровски на 4,5 години затвор. Тој помина 6 месеци во истражниот затвор во Шуто Оризари, а лани од октомври е во домашен притвор. Тој се жалеше на пресудата, а жалбата веќе месец и половина се наоѓа во Апелацискиот суд.

Процесот против новинарот предизвика реакции од меѓународни организации и новинарски здруженија, а се појавува како црна точка во сите извештаи за медиумските слободи во Македонија.