Бранимир и Звонимир се двајца дивјаци од најзафрленото место во Хрватска, наречено Поскоковата Долина, пустелијата надвор од цивилизацијата, таму некаде високо во брдата на Далмација, едвај би можеле да ја најдете, а и зошто би ја барале. Ако не дај боже заскитате во неа, ќе паднете во заробеништво на четворицата браќа Поскок и нивниот татко Јозо Поскок.
Сепак, без грижа, се случи ли да сте толкави баксузи и налетате на овие озлогласени дивјаци, не сте без шанси да преживеете. Ако не сте дојдени да им наплатите заостанат долг за струја, како кутрине двајца инкасатори што ги чуваат врзани во визбата, најверојатно ќе ве пуштат и ќе поминете само со полесни телесни повреди од самиот чин на заробување.
Е сега, ако случајно планирате одмор на хрватското приморје и некако ве фаќа шубе од почетоков на текстот, без гајле, петмината поскоци, Јозо и неговите синови, во колумнава се дојдени „изравно” од романот „Чудо во Поскоковата Драга” на Анте Томиќ.
Нема да ви го раскажувам романот, сами ќе си го прочитате. Само една сцена. Бране и Звоне, средните синови на Јозо, близнаци, со репутација на најголеми вагабонти што некогаш стапнале во хрватски школски објект, едниот малку писмен, другиот ич, и во третата декада од животот со незгодна навика сите проблеми да ги решаваат по пат на употреба на прекумерна физичка сила, во еден момент паѓаат во рацете на шефот на сплитската полиција Горан Капулица.
За да извлече од нив некои информации што му требаат, знаејќи дека можат да издржат фина количина физичка болка без да пропеат, наместо да ги измачува, им вели дека ќе примени похумани методи, базирани на знаења од хемијата. Ќе им шибне инјекција со магнезиумов трисулфат тетрахидробинитроклорид.
„Тетра… што?” прашува Бране, овој што малку знае да чита.
„Го викаат и серум на вистината. Има чудно својство да му ја одземе волјата на човек, а волјата е како што знаат сите што го читале Шопенхауер, посилна од интелектот, таа господари со секој човек…” им објаснува Капулица, додека Бране и Звоне тапо го гледаат и им вели дека по инјекцијата неговата волја ќе стане и нивна.
А тие двајцата, можеби не се по читањето, ама ги бива за млатење. Откако ќе го добро ќе го измлатат полицискиот инспектор, ќе му ја шибнат нему инјекцијата со тоа соединението на тетра. И ќе загосподарат со неговата волја, наредувајќи му да ги однесе далеку од Сплит, а потоа и заповедувајќи му пеш да се врати назад додека надвор истура дожд. Гледајќи го така на дождот, како послушно си чекори по магистралата, Звоне само кратко ќе искоментира:
„Е, јеба те Шопенхауер.”
Што ми е муабетот? Ако си на одмор надвор од Македонија, далеку од дометот на средствата на масовно комуникација познати уште и како фрлање касетна бомба во полски нужник (при што самата експлозија најчесто ја нарекуваме огномет, а тоа што врне од небото потоа – кисели дождови), уште поочигледно е како систематски, од небо се наѓубрува умот на полуписмениот македонски општествен субјект.Ако си на одмор надвор од Македонија, далеку од дометот на средствата на масовно комуникација познати уште и како фрлање касетна бомба во полски нужник , уште поочигледно е како систематски, од небо се наѓубрува умот на полуписмениот македонски општествен субјект
Еве, на пример, приказниве со наводните бегалските кампови. Стравот од нив, мора да се признае, не прилега за една нација надалеку позната по својата широчина и гостопримливост, а уште помалку за нација која бегајќи од виорите на страшните светски, балкански или граѓански војни, населувала бегалски кампови дури до далечниот Ташкент.
Мислев дека ова кафеавото што врне во нашите глави директно од етерот и од воздушниот простор на интернетот е киселиот дожд од разнесената утроба на полското агипроповско веце, но еве, по читањето на Антета, не ја исклучувам можноста вмронските и други ксенофобично управувани ХАAРП-пови своите црни облаци за масовно дезинформирање на нацијата да ги напојуваат со магнезиумов трисулфатиден трахидробинитроклорид.
Во такви моменти, кога капките кисел дожд Македонецот ќе ги пречека со отворена уста, како што вели тој цитираниот филозоф, емоцијата (стравот) загосподарува со него и ништо веќе не допира до разумот. Потоа, најчесто за политички или партиски цели, тој е спремен да си ја претвори главата во кофа за цедење на крпата од џогерите со кои се чистат националистичките и шовинистичките санитарни јазли.
Да бевме здраворазумни и хумани човечки суштества, наместо да ги шириме бесплатно лагите дека се градат бегалски кампови, ќе се побуневме зошто прифатните центри за овие кутри луѓе повеќе личат на нацистички логори отколку на бегалски кампови. Но, наместо тоа, ние шириме паника дека ќе сме ги сместеле бегалците поудобно од што заслужуваат тие гомна од луѓе и така ќе сме се наполнеле Сиријци со далекусежна опасност да се смени генот на македонската раса и чистотатат на македоноидот како уникатно битие.
Но, тоа не е сè од Татковината. Стасуваат овде во мрачните острови на една ЕУ земја, и други, поинакви вести. Пошарени, ако смеам така да кажам.
Во еден момент полицијата го сопира Миле, поранешен хрватски бранител, еден од помагачите на акцијата за крадење на невестата и се обидува да го легитимира.
„Шта који сан ја? Ја сан десетник Миле Скрачиќ, Четврта бојна Седме гардијске бригаде, а који си ти, матер ти балаву јебен?! Представи се, који си и чији си и ди си бија кад сан ја гинија за ову државу? Ко теби даје за право да само тако, без разлога, заустављаш једног хрватског бранитеља који се моторон враќа с плаже.”
„Возите без кациге, господине…”
„Без кациге, јел ли? Има сан ја кацигу, момак! Има сан је и кад смо се повлачили из Дрниша, и кад смо ослобаѓали Книн. Десетник Миле Скрачиќ носија јекацигу кад је трибало носит кацигу, а ди си ти бија, мој драговиќу? Да ја тебе упитан, ди си ти бија кад сан ја…”
„Добро, добро, у реду је.”
Да бевме здраворазумни и хумани човечки суштества, наместо да ги шириме бесплатно лагите дека се градат бегалски кампови, ќе се побуневме зошто прифатните центри за овие кутри луѓе повеќе личат на нацистички логори отколку на бегалски кампови
Секоја сличност на оваа одломка од романот со вестите за апсењето на шарениот револуционер и газда на дискотеката „Сектор”, Оги, е случајна. Иако, мора да се признае, сатирата на Томиќ со ореолот на недопирливост на хрватските бранители некако неодоливо потсеќа на привилегиите кои за себе ги очекуваат сите што фрлиле една рака боја на Триумфална или држат во фиоката од орманот маица со СЈО.
„Јас кој сум? Јас ли кој сум! Мене ме прашуваш кој сум! Мене ли најде да ме легитимираш, па, јас сум скинал три рала по скопските улици кога се рушеше режимот, жена ми роди две деца зашто сте кондоми за боење фасади ни отидоа, два пати завршив во Козле ради запалење плуќа од многу дување во свирчиња, полуглув сум дека на големиот народен собир на 17 мај стоев до звучникот, три пати сум заокружуван на „Курир” и ти мене најде да ме…
„Ама господине, најдена е дрога во вашата дискотека.”
„Дрога? Дрога велиш, така! А кај беше ти кога медиумите на режимот сееја опиум за народот, на чија страна се бореше кога Хорхе даваше интервјуа зашеметен од апауретици, кај беше ти Диме Спасов кога пијан крадеше службени коли…”
“Добро, добро, у реду е господине, изгасете музиката.”
Што сакав, всушност, да кажам? А, да. Јебо вас Шопенхауер.