Куршумот наменет за американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, го погоди – Џозеф Бајден!
Иако и претходно, особено по катастрофалната јунска претседателска дебата, шансите на Бајден да биде реизбран за претседател на САД беа минимални, дури неодамнешниот неуспешен атентат врз Доналд Трамп овие шанси ги изедначи на нула.
Атентатот го промовираше Трамп во национална жртва, еден вид иконична фигура, која храбро го жртвува својот живот за доброто на Америка и на Американците. Во таа смисла, иако по низа притисоци и силен отпор, повлекувањето на Бајден од претседателска трка беше само прашање на денот. А денот, ете, беше вчера (недела, 21 јули).
Во секоја друга ситуација, повлекувањето на претседателскиот кандидат во оваа фаза на предизборната кампања, само неколку месеци пред изборите, би претставувало голем хендикеп за неговата партија, но, парадоксално, потегот на Бајден допрва ги прави американските избори интересни
Во секоја друга ситуација, повлекувањето на претседателскиот кандидат во оваа фаза на предизборната кампања, само неколку месеци пред изборите (првиот вторник во ноември, односно на 5 ноември), би претставувало голем хендикеп за неговата партија (во случајов за Демократската партија на САД), но, парадоксално, потегот на Бајден допрва ги прави американските избори интересни. И, помалку или повеќе, неизвесни.
Неговото повлекување ширум ги отвори вратите за кандидирањето на неговата актуелна потпретседателка Камала Харис за местото на најмоќниот човек на планетата Земја. За разлика од Бајден, се проценува дека поддршката за 60-годишната Харис (родена е на 20 ноември 1964 година) не само што не е начната, туку дека таа може сериозно да му се спротистави на моќниот популист Трамп.
Која е Камала Харис
Гледано и од аспект на некои геополитички трендови, победата на Харис, како тоа сега и да изгледа, воопшто не е некаква „невозможна мисија“.
Наспроти тврдењата за незапирливиот растеж на популарноста на антиглобалистичкиот десен популизам (чиј главен претставник е токму Трамп), изборите во Франција (каде што победи левицата), во Велика Британија (лабуристите), па и во Европската Унија (десниот центар) покажуваат дека избирачката волја и не е толку лесно предвидлива, како што тоа на прв поглед се чини. Особено не во случајот на Камала Харис.
Оваа правничка и јавна обвинителка ја стекна својата репутација уште на млади години како специјализиран обвинител за случаи на сексуална злоупотреба на деца.
Наспроти тврдењата за незапирливиот растеж на популарноста на антиглобалистичкиот десен популизам (чиј главен претставник е токму Трамп), изборите во Франција (каде што победи левицата), во Велика Британија (лабуристите), па и во Европската Унија (десниот центар) покажуваат дека избирачката волја и не е толку лесно предвидлива, како што тоа на прв поглед се чини. Особено не во случајот на Камала Харис
Како јавна обвинителка на Сан Франциско ја крена успешноста на обвиненијата од 52 на 67 проценти. Во 2019 година се номинираша за претседателски кандидат на Демократската партија под мотото „Камала Харис за народот“ (што веројатно ќе ѝ биде слоган и во сегашната претпоставена предизборна кампања).
Тогаш се откажа од трката за номинација „поради недостиг на финансиски средства“, а Џо Бајден ја избра за свој кандидат за потпретседателската функција. Потпретседателскиот мандат го помина фокусирајќи се на одбраната на правото на абортус и на решавање на проблемите со мигрантската криза.
Иако првата реакција на Трамп беше дека Камала Харис ќе ја победи многу полесно отколку Бајден, загриженоста во републиканските кругови е евидентна.
Без оглед на оваа изјава, забележително е ублажувањето на реториката на Трамп по неуспешниот атентнат. Тој е сѐ попомирлив, и главните пораки не му се повеќе сведени во слоганот „Првин Америка“, туку во повиците за единство и помирување на нацијата, на што порадикалниот дел од републиканските кругови не гледа со симпатии.
Од друга страна, Камала Харис го претставува сето она што не е Трамп. Таа е дете од успешно мигрантско семејство. Нејзиниот татко е Доналд Харис, доселеник од Јамајка, инаку успешен и почитуван универзитетски професор по економија, а мајка ѝ е Индијката Шјамала Гопалан, ценета лекарка и научничка од областа на ракот на дојката.
Во една прилика Камала ќе каже дека нејзините родители ја воделе на протести дури била во „количка“, што кај неа ќе го разбуди интересот за човековите права и за правото воопшто, уште од мали нозе. Во таа смисла и Џо Бајден, претставувајќи ја како своја потпретседателка, ќе ја дефинира како „бестрашен борец за малите луѓе“.
Камала Харис го претставува сето она што не е Трамп. Таа е дете од успешно мигрантско семејство. Во биографијата на Харис многу пати може да се прочита зборот „прва“. Таа е првата жена, јавна обвинителка на Сан Франциско, на пример. Таа е првата црна потпретседателска кандидатка и само трета жена потпретседателска кандидатка во историјата на двете најголеми партии во САД.
Во биографијата на Харис многу пати може да се прочита зборот „прва“. Таа е првата жена, јавна обвинителка на Сан Франциско, на пример. Таа е првата црна потпретседателска кандидатка и само трета жена потпретседателска кандидатка во историјата на двете најголеми партии во САД. (За волја на вистината, ако добро се сеќавам, во 80-тите години на минатиот век и црномурестата Анџела Дејвис беше потпретседателски кандидат, но во име на мошне маргинализираната американска Комунистичка партија, освојувајќи нешто помалку од 0,02 проценти од гласовите).
Кога заедно со Бајден ја положува (пот)претседателската заклетва, таа станува не само првата жена што стапува на таа функција, туку и првата личност со јужноазиско потекло што ја презела таа улога и првата жена со највисок ранг што кога било служела во американската влада.
Камала Харис веќе ја доби поддршката од нејзиниот сѐ уште номинален шеф Џо Бајден („Таа ги има сите капацитети да биде претседателка. Затоа ја избрав за потпретседателка“), но и од голем број други видни членови на Демократската партија (брачната двојка Бил и Хилари Клинтон, на пример).
Таа нема да биде прва жена кандидат за претседателка на САД. Пред неа, во име на Демократската партија, тоа се обиде да го направи токму Хилари Клинтон. Но, секако, може да биде првата жена претседател на САД.
Во селото и во светот
Што тоа ќе значи за светот, а што за нас? Геополитичките односи веројатно подрастично би се промениле ако на власт се врати Доналд Трамп, отколку ако Харис го освои мандатот. На Трамп фокусот му е Кина, а не Европа. Тој, едноставно, ја гледа Кина како главна закана за американската доминација во глобални рамки.
Втор приоритет веројатно ќе му биде Иран, како растечка (евентуална) нуклеарна сила и како американски архи-непријател што ги загрозува американските интереси на Блискиот исток (читај: нафтените интереси).
Што се однесува до Европа (руско-украинската војна), тука Трамп не гледа некоја потреба од посебен ангажман и издвојување големи средства за одбрана на Украина. Веројатно целиот проблем ќе ѝ го остави на Европа, сметајќи дека и легализирањето на анектираните украински територии нема и не може никако да им наштети на американските интереси.
Во држава во која главни политички теми се: дали членовите на Антикорупциската комисија треба да имаат дипломатски пасоши и службени возила и кој направил „фарма со волтаици“, а кој не, сосема е сеедно е кој ќе биде претседател на САД
Наспроти него, Камала Харис има поистенчени чувства за правата на луѓето, што може да насети некаква проактивна американска улога секаде каде што тие права се кршат. Вклучувајќи ја тука и Украина. Особено Украина. Од една страна тоа би можело да се нарече „принципиелна политика“ (сечија судбина е важна), а од друга може на тоа да се гледа како на опасност за глобалниот мир (кој, патем речено, не ни постои).
А ние?
Во држава во која главни политички теми се: дали членовите на Антикорупциската комисија треба да имаат дипломатски пасоши и службени возила и кој направил „фарма со волтаици“, а кој не, сосема е сеедно е кој ќе биде претседател на САД.
Светот не живее тука.