Аудио-ропство

Црвената линија која ја означува разликата помеѓу приватното и јавното, од пред неколку дена е грубо прегазена. Тоа го води општеството кон срамно дно и кон желба за одмазда на идентичен начин. Ризикот е – сѐ да заврши во длабок талог, од кој никој нема да излезе неизвалкан од разни рестлови на аудио-отпад.

До кога ќе се однесуваме како ништо да не случило? Како да не била ставена некаква аудио-снимка на Јутјуб, како никој да не ја слушнал, како никој да не ја прераскажувал и како да е сосема „нормално“ приватни разговори на луѓе да се наоѓаат закачувани овде-онде, на дофат на сите.

До денес не слушнав дека е поведена истрага за тоа како еден приватен разговор на двајца македонски граѓани во кои се спомнуваат и други лица, се нашол на Јутјуб и зошто сѐ уште е таму. Воопшто не ме интересира дали разговорот е автентичен или монтиран. Ме интересира зошто чинот на негово објавување и натаму е несанкциониран, односно не е проследен со никаков институционален одговор.

Молкот по ова прашање не навестува ништо добро, барем не за општество кое тврди дека сака да изгради правна држава. На ваков начин не се гради правна држава. На ваков начин само се мотивира градење анархија, чија сила и моќ ќе извира од една голема канализациска цевка со големо „фи“, а низ која ќе се дистрибуираат разни гомненици (се извинувам, но не најдов посоодветен израз), претпоставувам, за наменски таргетирани лица.

Она што многу повеќе ме разочара од бедниот потег на оној кој ја објавил снимката, е фактот како беше густирана во јавноста. Ниско, бедно, најбедно… Само болно општество може да продуцира таква доза на сеир, воајеризам и фрустрации.

Може некој да има илјадници причини да не се согласува со професионални/јавни постапки на лицата од снимката, но не постои ниту една основана причина поради која нивниот, или чиј било друг приватен разговор, макар и најмајсторски измонтиран, би бил ставен на увид на јавноста.

Кој е тој (нај)овластен во државава, со највисок морален чин на неговите т.н. еполети, кој е тој врвен доктор по етика, месија на моралноста или поседувач на сертификат за упаѓање во туѓи животи, овластен да дистрибуира и презентира „докази“ за нечиј морален/семеен кредибилитет? Ја изложил ли прво на јавен увид приватноста на својата безгрешна аура, според која сега треба да ја мериме и на другите? Денеска на еден, утре на друг, задутре на трет… Зошто би било тоа работа на севкупната јавност?

Црвената линија која ја означува разликата помеѓу приватното и јавното, од пред неколку дена е грубо прегазена. Тоа бришење на разликата никому не му носи корист, бидејќи го води општеството кон срамно дно. Го води кон желба за одмазда на идентичен начин. Ризикот е – сѐ да заврши во длабок талог, од кој никој нема да излезе неизвалкан од разни рестлови на аудио-отпад.

Патем, отсуството на институционална истрага за сторителот, ги зголемува и шпекулациите од чии рафтови потекнува снимката, или од каде би требало да изгледа дека потекнува. Таквите шпекулации во актуелниот фрагилен политички момент се солната киселина што треба да разори каква било надеж дека можеме да се вратиме во некаква нормалност.

Ова ги компромитира и заложбите за слобода на медиумите, за слободно изразен став и за слободна мисла, бидејќи ја искривоколчува нивната изворна суштина и им дава привид на претензии по некаква „слобода“ за плукање по сѐ и сешто, за упаѓање во приватни животи, разговори, судбини… Простете, но тоа не е слобода.

Тоа е ропство од највисок степен, во кое сите стануваат заложници на оние кои по разни основи станале сопственици на аудио-снимки во кои дефилираат имиња и разговори на илјадници граѓани. Притоа, не мислам само за загрозената приватност на граѓаните. Зборувам и за „должничкото ропство“ во кое ќе западне официјалната политика, не заради финансии туку ако такви материјали почнат да се користат за уцени меѓу политички опоненти, бизнисмени, јавни личности…

Во таква ситуација, како граѓани никогаш нема да бидеме сигурни дали одредена политичка или економска одлука е донесена како резултат на длабински анализи и аргументи, или според силата на евентуална закана дека во спротивно ќе протечат „незгодни снимки“.

Нема поголема беда, пораз и срам ако општеството падне на тоа ниво. Со споменатиов инцидент, ми се чини дека сме на работ да бидеме навлечени на тој пат. Индиции, за жал, има многу. Се намножија многу лица од сите страни, кои тврдат дека имаат што „аудио“ да му порачаат на овој или оној, што само укажува дека не недостига репроматеријал за ваква пресметка.

Во демократијата важи едно правило: луѓето мораат да им гледаат на властите и под ноктите, да ги контролираат како владеат, како ги трошат буџетските пари. Но, никој никому не смее да му ѕирка дома. Никој никому не смее да му ги снима приватните разговори. Никој не смее да му ги објавува. Никој не смее да компромитира чија било приватност, ако таа на никаков начин не го тангира јавниот интерес. МВР и Обвинителството мора итно да постапуваат за овој случај.

Надвор од службената надлежност на споменатите, сите оние кои барем досега гласно се бореа против секакви видови тоталитаризам, треба да застанат енергично и против вакви рецидиви на тоталитаризам. Не верувам дека сакаме да замижиме и да се вратиме во некои мрачни периоди од историјата, кои завршуваа со прогласи од типот: „Твоето тело и мисла ѝ припаѓаат на нацијата“.

Затоа мора јавно и јасно да се спротивставиме на дистрибуцијата на „производи“ кои ја тангираат приватноста на секој човек, стекнати по разни видови законски или незаконски надзори. Мора да бараме институционална разврска и заштита. Ако тоа изостане, граѓаните ќе бидат принудени вонинституционално да си дојдат по своето – да си ја вратат убиената слобода. Отстапки по ова прашање – не смее да има.