Досега низ Скопје можеа да се слушнат стотици приказни за плимата од дроги во градот, какви закани добиваат угостители ако се дрзнат да ги бркаат дилерите што им ги запоседнуваат локалите, и кои делови од Скопје се „освоени“ од нарко-подземјето.
Во тие приказни има многу детали за тоа кој коси, кој вода носи, во кое време од денот доаѓаат доставувачите на „бело“, кои службени лица збогувани со моралот внимателно бдеат за сѐ да помине „во најдобар ред“, кои субјекти мора да молчат за да не се најдат во ендек, кои познати фаци шмркаат во заднински простории или тоалети.
Последната акција во Грчец, донесе зрак надеж дека клопчето потемелно ќе почне да се отплеткува. Очекувањата ги подигна и министерот во заминување, Оливер Спасовски, кој отворено потврди дека има податоци за многу инволвирани луѓе од институциите, кои соработувале со криминалната нарко-група од скопски Грчец.
Утврдување на нивната одговорност мора да биде следниот клучен чекор, за да се расчистат спрегите во кои врие од сѐ и сешто, а тоа не изгледа баш лесно.
Акцијата „Планина“ што претходно беше пробиена, стана едно од последните предупредувања дека закрилата врз групата од Грчец била добро негувана и платена
Само предводникот на групата од Грчец, Ш.М. се има фотографирано со сегашни и со бивши претставници на извршната, законодавната и локалната власт, што покажува дека пипалата на октоподот се трудат да стигнат до сите лостови на власта. Дел од тие фотографии можеби се сосема случајни – настанати на маргините на масовни јавни настани, но дел очигледно се настанати во многу тесен круг и рефлектираат исклучителна блискост и доверба меѓу актерите.
Покрај 16-те лица осомничени по последната акција, многу поважно е полицијата да се справи токму со сивата бројка на соучесници во криминалните активности, помагачи и јатаци заседнати во полицијата, агенции, разни министерства, судови, обвинителства…
Без логистиката на вториве, првите не би можеле да бидат успешни во криминалот. Клучот на успехот сега би бил во длабокото сечење на таа институционална закрила врз подземјето. Со тоа ќе се елиминира праксата криминалците навреме да бидат предупредувани за воведени посебни истражни мерки или за планирани акции на полицијата.
Ќе се елиминира можноста мандатно да се радуваат што на важна позиција е именуван „нивен човек“, со претходно докажана наклонетост и заштитничка улога кон нивните активности. Или личност, која, според проценки на нивните луѓе во институциите, со соодветен финансиски надомест лесно би можело да ја убедат да не им се меша во штипки на овие групи и во нивните бизниси.
Акцијата „Планина“ што претходно беше пробиена, стана едно од последните предупредувања дека закрилата врз групата од Грчец била добро негувана и платена. Цената на тој дебакл не ја опфаќа само сумата што криминалците им ја плаќаат на лицата од институциите кои им стојат на услуга и ги штитат, туку и цената што ја плаќа општеството.
Не ја знаеме бројката на семејства завиени во црно од начинот на кој млади луѓе биле навлечени на дроги или вовлечени во бизнисот. Не ја знаеме ни бројката на лица што станале двојни жртви на криминалните групи – прво се уценети и мобилизирани да продаваат дрога, а потоа се ограбени од истите тие што им ја дале дрогата за продавање.
Граѓаните одамна не сакаат партиски програми на хартија, туку потези на дело. Во случајов и за „бело“.
Така се вовлекуваат многу млади во магичниот круг на безизлезот, се претвораат во должници и со години не можат да се извлечат од канџите на криминалот. Не знаеме колку семејства се заглавени во кредити за да ги извлечат нивните деца од вакви стапици, ни колку успеале, ни колку дополнително заглавиле, бидејќи морале да продадат имот и да останат без дом, за да ги извлечат децата од таа агонија.
Во меѓувреме, криминалните имоти се движат само во една насока – растат, се мултиплицираат. Криминално стекнатите пари се инвестираат во формалната економија, криминалците го шират своето влијание и моќ меѓу актерите на домашната политика и бизнис, но и многу подалеку од матичните земји.
Моментот кога криминалците ќе станат премоќни за органите на прогонот е знак дека државата ја изгубила битката со мафијата. Македонија сѐ уште е пред можноста да покаже дека таа битка не е изгубена. Техничката влада не смее да стане изговор за пауза или застој во справувањето со институционалните соучесници во криминалот.
Особено сега, кога очекувањата на јавноста се кренати на многу високо ниво, таков пропуст не би се третирал како техничка грешка, туку како капитално политичко промашување. И секако тоа би било „наградено“ на изборите, затоа што граѓаните одамна не сакаат партиски програми на хартија, туку потези на дело. Во случајов и за „бело“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија