Во приказната што имам намера подолу да ја раскажам, нема да споменувам имиња. И не затоа што сакам некого да заштитам или затоа што именувањето би имало извесни последици по мене и по мојата професионална (новинарска) работа, туку затоа што не станува збор за инцидент или ексцес, туку за долгогодишна појава, која, за жал, не покажува никакви назнаки да се повлече. Односно, станува збор за работа за која сме сите свесни, а на многумина, на овој или на оној начин, им се случила. Во таа смисла, подолу кажаното може да биде сфатено и како збир на многу слични ситуации.
Значи, пред извесно време, јас и еден мој пријател, универзитетски професор, седиме на кафе во еден скопски угостителски објект. Поводот за средбата е еден негов текст на тема за која имам интерес уште од моите најрани новинарски чекори. Станува збор за, најкусо речено, методологијата на пишување учебници.
И јас, гуглајќи по својот мобилен телефон, забележувам дека текстот е објавен (и) во друг портал, а не само во оној што ми беше назначен како извор. Бидејќи Скопје е мал град, или така било речено, што би се рекло, во кафеаната токму тогаш се појавува сопственикот и главниот уредник токму на порталот за кој мојот пријател нема поим дека му го објавил текстот.
Се разбира, и тој сопственик ми е пријател, па веднаш ја почнав дискусијата околу авторските текстови и авторските права. Главното оправдување за пренесувањето на текстот без дозвола беше дека двата портала, неговиот и оној кому му бил понуден текстот, имаат договор за слободно преземање текстови меѓу себе. Не помогна ни укажувањето дека во овој случај не станува збор за информации од општ интерес (природни катастрофи, тешки сообраќајни несреќи или ексклузивитети од типот дека Македонија се пласирала на Европското првенство во фудбал), туку за – авторски текст (со акцент на „авторски“).
Не помогна ни напомената дека тие два портала, колку и да се релевантни и професионални, не се автори на текстот, туку се само дигитални платформи преку кои постои можност да се презентираат авторски текстови.
Следното оправдување беше дека текстот е „атрибуиран“, што веројатно значи дека е потпишан и/или наведен изворот од каде што е преземен. Како, божем, тоа да е доволно за задоволувањето на нечии авторски права.
Добро, најмалку што можам да кажам е дека расправата не заврши во некој пријателски тон. Напротив. Би рекол дури и дека жртвував извесно долгогодишно пријателство, па дури и некои можности за соработка (одамна функционирам како „фриленсер“) поради некое мое донкихотовско истерување принципи. Последната порака што ја примив од сопственикот на порталот е дека текстот е тргнат од нивната платформа (како, божем, тоа да го решава проблемот) и додавка: „Збогум, Ѕвездан“.
Извршител не може да изврши само две-три права. Може да ве лиши од правото на приватна сопственост, на пример (да ви ја блокира сметката); од право на домување (да ви го земе станот) итн. Но, не може да ве лиши од правото на живот. И од – авторското право!
Целата оваа случка ја разбрав само како врв на ледениот брег што слободно лебди на морската шир, успешно обидувајќи се да го потопи „Титаник“. Имено, со години и самиот бев „жртва“ на ваквото сфаќање на медиумскиот „професионализам“. Неброени пати ми се случувало од соседите, па дури и од поблиското семејство, да разберам дека мој текст со мој потпис излегол во некој медиум, со редовната забелешка „Ајде, честито, си се вработил таму и таму“.
Се сеќавам на расправата со еден главен уредник, кој со години преземаше мои авторски колумни без при тоа кога било да се јави и да праша за дозвола. Се разбира, дека и во овој случај се работеше за мој почитуван колега и пријател. Како и да е, сите мои објаснувања, едноставно, удираа од ѕид. На пример, дека само ако се јавел на телефон, ќе добиел оригинален текст (без надомест) и не морал овој да го презема (моите теми на таа платформа каде што објавував тогаш, според мое длабоко убедување, не беа примерни за медиумот што го уредуваше мојот пријател). Дека не мора мене да ме ангажира, ама дека ќе го намали социјалниот притисок врз новинарите без работа, само ако ангажира некој квалитетен што е во моја позиција. Дека така ја урива цената на трудот. Па, сѐ до тоа дека можеби некој му плаќа реклама затоа што некое име се појавува во неговиот медиум. Или дека некој го отвора неговиот медиум токму поради некој украден текст што се појавува таму.
На крајот на краиштата, можеби јас не сакам моето име да се појави во некаков контекст што мене не ми одговара. На пример, покрај некакви содржини што се спротивни од моите ставови. Или покрај некои имиња со чии ставови не се согласувам. Кого потоа ќе убедувам дека „не сум се продал“ или дека сум „избрал страна“. Со еден збор, не е фер.
Бадијала на моите драги, почитувани и образовани колеги и пријатели (оваа констатација е искажана без никаква иронија) им објаснував дека авторското право е неприкосновено. На пример, авторските права можат да се отстапат (со дозвола на авторот), ама не можат да се продадат. Бадијала им објаснував дека извршител не може да изврши само две-три права. Може да ве лиши од правото на приватна сопственост, на пример (да ви ја блокира сметката); од право на домување (да ви го земе станот) итн. Но, не може да ве лиши од правото на живот. И од – авторското право!
Она што мене ми е најстрашно во целава приказна е дека луѓето со кои си ги нарушив односите, всушност се препознаени во јавноста токму како некакви борци за човекови права. И искрено ми е жал. Некогаш делевме заеднички вредности. Додека не станаа „медиумски могули“ или додека не стана збор за сопствениот џеб.
Се надевам дека читателот од целава оваа приказна ќе разбере дека тука не сме битни ниту споменатиот универзитетски професор, ниту јас. Ќе преживееме ние. Токму исто онака како што ќе преживеат и медиумите, каде што оваа пракса со години е функционална. А и нивните газди.
Битна е климата во јавниот медиумски простор. Битно е што целото општество се навикна на ординарни уривања на моралните и на сите други вредности.
И дека за сите околу оваа моја приказна во суштина е небитна.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија