Божикното чудо од Миравци

Како некој вид божикно чудо ја доживеав веста дека Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ од селото Миравци дискриминирало еден свој ученик, и тоа „врз основа на род во областа на образованието“.

За оние што евентуално не се во тек, се работи за ученик, кој уште на првиот училиштен ден (1 септември), по притисок на наставничката, директорката и педагогот од ова училиште, морал да ја „среди својата фризура“. Кога овој притисок се префрлил врз неговата мајка, детето не издржало и плачејќи самото зело ножици и почнало да си ја сече косата.

Оправдувањето на училиштето е дека фризурата на малиот не била според „кодексот за облекување“ и „куќниот ред“ на училиштето. Мајката, за среќа, не попуштила под притисокот, туку го пријавила случајот кај народниот правобранител и во Комисијата за спречување дискриминација. Немам информации дали и што презел народниот правобранител, а Комисијата постапила, што би се рекло, како во диспозитивот, односно наложила да се сменат актите што овозможуваат дискриминација во училиштето.

Системски булинг

Според мене, овој случај е важен од повеќе аспекти. Прво, не станува тука збор за некаков ексцес или изолирана појава во нашето образование, туку, напротив, ова е само пример што ја потврдува тенденцијата на нашиот образовен систем за унифицирање на учениците и сузбивање на секоја идеја за создавање сопствен идентитет кај детето.

Сведоци сме дека некои општини, со одлуките за униформирање на учениците, создаваат своевидна урамниловка кај децата, дисциплинирајќи ги од мали нозе и учејќи ги дека авторитетот безусловно се слуша. Во спротивно, ќе добијат „укор пред исклучување од училиштето“.

Во последно време, јавноста е прилично анимирана околу проблемот на таканареченото „врсничко насилство“, што секако е загрижувачка состојба, но никако или многу малку се зборува за сеприсутното „просветно насилство“

Во последно време, јавноста е прилично анимирана околу проблемот на таканареченото „врсничко насилство“, што секако е загрижувачка состојба, но никако или многу малку се зборува за сеприсутното „просветно насилство“. Ова институционално насилство (да не кажам, а ќе кажам, системско насилство), спроведено преку учебниците, униформите, „кодексите за облекување“, а најмногу преку самите просветни работници, суштински е многу пострашно од бељите што може да ги направи или ги прави некое „проблематично“ дете.

Впрочем, во овие случаи, родителите покажуваат висок степен на единство, па организираат масовни бојкоти на наставата за да му се оневозможи правото на „вагабонтот“ на образование. Мислам дека нема да бидам далеку од вистината кога ќе констатирам дека токму ова системско насилство го произведува и врсничкото насилство. Само насилен авторитет е вистински авторитет. Ако не можеш да добиеш почит од другите, ќе добиеш стравопочит, почит од страв, а не од заслуга.

Затоа ѝ оддавам признание на мајката од Миравци што застана во одбрана на своето дете и неговите права. И што не попушти под притисокот на просветните авторитети. Мој впечаток е дека мнозинството родители кај нас се токму типичен производ на овој образовен систем.

Одлуките на наставниците, педагозите и, уште пострашно, на директорот на училиштето, не се ставаат под прашање. Тие се неприкосновени и безусловно мора да се спроведат. Ако детето го искараат на училиште, тогаш дома ќе добие двојна доза карање. Авторитетот е секогаш во право. Дури и кога греши, што би рекол еден наш некогашен политичар.

Конечно, примерот од Миравци не е ништо друго, туку класичен пример на булинг врз едно дете, кое суштински е немоќно да се одбрани самото. Затоа ми личи на божикно чудо и самата реакција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Првин, затоа што сериозно го зела случајот на разгледување и особено затоа што донела одлука каква што донела. Затоа што, не само што ја препознала дискриминацијата, туку, верувам, го видела и булингот што се прави врз база некакви системски акти, создадени за тренирање послушност.

Косата е бунт

Би рекол дека не е воопшто чудно што „колата се скрши“ врз фризурата на едно дете. Косата, поточно фризурата, секогаш била израз на бунт. Унифицирана фризура не е одлика на модата, туку на едноумните и диктаторски режими. Погледнете ги, на пример, фризурите на луѓето во Северна Кореја.

Значи, правилото за дискриминација по „основ на фризурата“, не се однесува само за деца од училишна возраст, туку напротив. Бројни фирми, и кај нас, и во светот имаат свои кодекси за „пристојност“. Во Франција, на пример, дури во март минатата година е донесен закон за забрана на дискриминација по основ на фризурата. Според овој закон, забранета е каква било дискриминација по основ на текстурата на косата или начинот на стрижење. Значи, забрането е дискриминирање поради дредови, плетенки, афро-фризури, бои на коса или какви било други фризури.

Долгата коса беше протест против униформираноста првенствено на војската (тогаш актуелната виетнамска војна), но и против полицијата. Кај таканаречените деца на цвеќето, таа беше знак на сопствениот персоналитет…

Предлагачот на овој закон, Оливие Серва, француски пратеник од карипскиот остров Гвадалупе, меѓу другото се повикува и на минатогодишното истражување на корпорацијата „Унилевер“ (поточно нивниот бренд, шампонот „Дав“) и социјалната мрежа Линкдин, според кое дури две од три Афроамериканки ја менуваат својата фризура пред интервју за вработување.

Проценка е дека два и пол пати е поголема веројатноста дека косата на Афроамериканките ќе биде перципирана како непрофесионална и дека поради тоа нема да ја добијат работата. Инаку, во САД, најмалку 23 држави имаат донесено закони против дискриминација по основ на фризурата. Носењето вакви закони секако значи некаков напредок во остварувањето на човековите права, но уште повеќе значи дека во тие општества постоел (и постои) проблем на дискриминација во однос на косата, па тој проблем сега се решава.

И тоа не е случајно. Косата (или фризурата), барем во минатиот век, беше перципирана како алатка за бунт. Конечно, не е случајно што големото хипи-движење на бејбибум-генерацијата се одликуваше токму со пуштање долги коси. И никако не е случајно што една од најважните рок-опери, можеби и првата, беше „Коса“.

Долгата коса беше протест против униформираноста првенствено на војската (тогаш актуелната виетнамска војна), но и против полицијата. Кај таканаречените деца на цвеќето, таа беше знак на сопствениот персоналитет, на индивидуализмот што нема да се покори на бескорисните општествени норми и нема безусловно да им верува на колективните авторитети.

Моите години ми дозволуваат во овој текст да ставам и извесна нота на носталгија. Не припаѓам на таа бејбибум-генерација што ја изведе славната 1968 години или на генерацијата што се обликуваше преку „Вудсток“ (1969). Тогаш бев дете и се сеќавам на полицајците, кои со ножици на јавни места (улици) им ги стрижеа косите на долгокосите момчиња.

Не бев таа генерација, ама бев современик.

Дете сум на воено лице, така што и за мене долгата коса беше симбол на бунт. Уште се сеќавам како се оттргнував од раката на татко ми и бегав од дуќанот на Боге берберот, каде што требаше да бидам истрижан „на двојка“. И богами добивав шлаканици за ова мое однесување, ама не попуштав. Најмалку двапати бев праќан кај директорот Васил Чипов, во мојата гимназија „Јосип Броз Тито“ поради „долгата коса“.

Дури и кога служев ЈНА имав закани со војнички притвор и продолжување на воениот рок поради моето одбивање да се истрижам. Сакам да кажам дека во животот носев и прилично долга, но и прилично кратка коса. Имав и прилично голема брада, а бев и избричен. И мојот заклучок е дека сум истиот човек, без оглед на мојот надворешен изглед или без оглед на тоа како ме перципираат другите. Да, изгледот на некој начин е став, но тој не влијае врз ставовите на човекот што го има тој изглед.

Затоа се надевам дека случајот од Миравци навистина ќе биде божикно чудо и дека навистина ќе престанеме да ги цениме и почитуваме луѓето според нашите калапи, односно нивните фризури, туку според нив самите.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија