Што посакувате кога посакувате „Среќна Нова година“? На што мислите кога мислите дека целата година може да биде среќна? И што, впрочем, подразбирате под терминот „среќа“?
Се разбира, прашањата околу концептот на среќата се прилично неодговорливи и зависат од некакво субјективно разбирање на работите.
Дали е здравјето најголемата среќа? За болниот секако! Дали се парите среќа? За сиромавиот и тоа како! Шампионските титули се среќа за спортистот. Пронајдокот за пронаоѓачот. Преводите и читаноста за писателот. И така натаму.
Ако е среќата веќе толку субјективна работа и секој ја чувствува онака како што ја чувствува, како ли се мери колективната среќа? И што воопшто значи дека една држава е среќна, а друга е несреќна?
Како и да е, десетина години наназад, „Галуп“, за сметка на Мрежата за одржлив развој на Обединетите нации (Sustainable Development Solutions Network), еднаш годишно ја објавува публикацијата „Извештај за светската среќа“ (World Happiness Report), каде што максимално се обидува да ја рационализира колективната среќа и на тој начин да ги рангира државите според степенот на среќата на своите жители.
На листата на најсреќните земји на светот, Македонија го зазеде несреќното 92. место, како дефинитивно најнесреќна земја во регионот
Иако извештајот се објавува секоја година, тој во суштина е производ на тригодишна опсервација на државите, така што промените во редоследот се во принцип минимални или занемарливи. Колку што може да се забележи, Украина, на пример, го задржува 108-то место од 146 перципирани држави, а Русија е на поделба на 74-то и 75-то место (заедно со Хонг Конг). Очекувањата се дека дури во следниот извештај овие држави ќе паднат драстично подолу на листата на среќните земји.
Македонија го зазеде несреќното 92. место, како дефинитивно најнесреќна земја во регионот. (Косово, бидејќи не е членка на Обединетите нации, не е ни земена во опсервација). Веднаш пред нас е Албанија (91), па следат Бугарија (86), Црна Гора (71), Грција (67), Босна и Херцеговина (63), Хрватска (59), Србија (47) и како најдобро пласирана Словенија (29). Најдобро пласирани се главно земјите од Северна Европа (Финска, Данска, Швајцарија, Исланд, Холандија, Норвешка, Шведска, Луксембург…), а најнесреќна земја е Авганистан.
Иако според овдешната преовладувачка перцепција, резултатите изгледаат помалку или повеќе чудно (односот меѓу Грција и Босна и Херцеговина или меѓу Хрватска и Србија), уредниците на публикацијата тврдат дека методологијата им е максимално прецизна.
Среќата се мери според шест критериуми: бруто домашниот производ по жител; социјалната политика; здравиот (очекуваниот) животен век; слободата во донесување на животните избори; перцепцијата и нивото на корупцијата, како и дарежливоста на општеството (generosity of the general population).
Авторите на публикацијата имаат создадено модел на „најнесреќната земја на светот“, односно земја во која живеат најнесреќните луѓе на светот, не многу оригинално наречена Дистопија, и врз база на тој модел ги оценуваат сите категории за секоја земја посебно, на тој начин одредувајќи го нивниот индекс на среќата. Се разбира, врз база на истражувањата на Галуп.
Она што е интересно е дека една земја, членка на Обединетите нации, не е оценета ниту истражувана во оваа смисла, а тоа е – Кралството Бутан. Имено, концептот на бруто национална среќа е создаден токму во оваа уставна монархија.
Бутан, претежно будистичка земја со помалку од милион жители, буквално опкружена со џиновите Индија и Кина и една од ретките земји што никогаш не била колонија, ниту, пак, со неа владеела туѓинска сила, во својот Устав од 2008 година, како уставна категорија ја запишува токму бруто националната среќа. На тој начин, Бутан станува единствената земја на светот што својот раст не го мери преку растот на бруто домашниот производ, туку преку растот на бруто домашната среќа!
За волја на вистината, нивните критериуми за среќа се малку поинакви од оние на Галуп, иако и тука е присутен економскиот раст како битен елемент. Останатите три елементи се културната разноликост, доброто владеење и екологијата. Бутан, имено, е единствената земја на светот каде што во Уставот е запишано дека во секој момент мора да бидат пошумени најмалку 70 проценти од територијата. Во моментов, пошумени се 80 проценти.
Тешко е да се одреди во кој дел од критериумите на Обединетите нации или од оние на Бутан, Македонија стои најслабо. Конкуренцијата е силна меѓу економскиот раст, доброто владеење, екологијата, корупцијата и здравиот животен век
Таа е една од најмладите нации на светот. Речиси една третина од населението е помладо од 14 години, а просечната старост на жителите е под 23 години! Главниот град Томфу (околу десет илјади жители) е, покрај Пјонгјанг, единствениот главен град во кој нема семафори. Сообраќајот го регулираат сообраќајци, сместени во живописни куќички, направени во традиционален стил.
И она што е можеби најважно: жителите на Бутан се сметаат себеси за најсреќни луѓе на светот.
Некаде во 2011 година, Обединетите нации, преку резолуцијата 65/309 ја прифатија филозофијата на бруто националната среќа како „фундаментална цел на човештвото“. Следната 2012 година, под покровителство на генералниот секретар на ОН Бан ки-Мун и премиерот на Бутан Џигме Тинли одржана е голема меѓународна конференција за среќата како „нова економска парадигма“.
Оттогаш се мери нивото на среќа меѓу државите, а 20 март е одреден како Меѓународен ден на среќата.
Тешко е да се одреди во кој дел од критериумите на Обединетите нации или од оние на Бутан, Македонија стои најслабо. Што би се рекло, конкуренцијата е силна меѓу економскиот раст, доброто владеење, екологијата, корупцијата, здравиот животен век… Сепак, она што според мое лично видување, најмногу ни недостасува е она што Обединетите нации го нарекуваат „општествена дарежливост“.
Во суштина станува збор за солидарност меѓу населението. Или што би рекол Душко Радовиќ: „Немојте да земате многу повеќе отколку што давате. Мислете малку на оние од кои ќе мораат да земат за да ви дадат вам“. Солидарноста создава задоволни, а со самото тоа и среќни луѓе. А само среќните луѓе можат да создаваат вистински напредок.
Затоа: Нека ни е среќна и солидарна новата година!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија