Немам некое особено мислење за наградите. Особено не за оние што ги дава државата. Оној читател што евентуално ме следи подолго време, ќе препознае доза лицемерие во овој мој исказ, затоа што еве цел четврт век сум инволвиран во организирањето и доделувањето на наградата „Роман на годината“. А, на крајот на краиштата, и самиот имам конкурирано за некои признанија што (главно) ги немам добиено.
Во едно обраќање, мислам дека беше токму за одбележување на јубилејот на „Роман на годината“, реков дека ниту една награда, особено од областа на творештвото, не е ултимативна. Не е тоа ниту Пулицер, ниту Гонкур, ниту Букер, ниту Оскар, па ако сакате ниту Нобеловата награда. Творештвото не е трка на пет илјади метри, па да се знае кој е подобар.
Наградите се одраз на општествениот и временскиот контекст. Ниту тие не можат да го избегнат политичкиот, ако сакате и идеолошкиот момент на времето
Наградите се одраз на општествениот и временскиот контекст. Ниту тие не можат да го избегнат политичкиот, ако сакате и идеолошкиот момент на времето. Ниту тие не подлежат на некаков специјален општествен вакуум, па да бидат ослободени или исчистени од сите влијанија. Она што ќе им суди на делата и што ќе ги одреди нивните трајни вредности не се наградите. Не се ниту критичарите. Не е ниту јавноста, чија перцепција може да се моделира преку одредени медиумски и маркетиншки методи.
Најголемиот судија, сепак, е времето. И времето ќе покаже дали нешто било квалитетно или не било. Луѓето од едно совремие имаат обичај да ги преиспитуваат, превреднуваат и преоценуваат делата од некое претходно совремие. Но, за да може нешто да се превреднува, прво треба да се вреднува. Токму тука ја гледам важноста на наградите. Тие се еден од факторите за тоа испитување и оценување на делата. Тие се репер значаен за наградените и илустративен знак за перцепирањето на културата и творештво во и на едно време.
Понижување на сопствената награда
Во таа смисла и велам дека овој тип признанија не ме интересираат премногу. Исклучок од ова мое правило беше годинашната награда „11 Октомври“, првенствено затоа што бев еден од предлагачите ова признание да го добие Љупчо Бубо Каров. И се разбира дека ми беше драго затоа што одборот за доделување на наградата ја препозна нашата иницијатива и Бубо Каров го прогласи за еден од лауреатите на највисокото македонско признание.
Не е добар опис ако кажам дека она што ја помати мојата радост беа (дел од) реакциите откога наградата беше врачена, како и аудиториумот што беше присутен на врачувањето. Велам не е добар опис, затоа што суштински ништо не ми го помати доброто расположение, иако овој однос во секој случај може да се дефинира како „понижување на наградата“.
Она што му попречи на моето новинарско око беше отсуството на највисоките претставници на македонскиот политички врв
Како еден од предлагачите бев поканет на свеченото врачување во Собранието на Република Северна Македонија и затоа ќе почнам од овој свечен чин. Наградата „11 Октомври“, впрочем како што тоа и доликува за највисокото државно признание, е „конзервативна“ награда, чиј протокол не се менува со децении. Во таа смисла, врачувањето помина во свечена атмосфера и во достоинствено и убаво расположение.
Она што му попречи на моето новинарско око беше отсуството на највисоките претставници на македонскиот политички врв.
Нe беше присутен министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, од чиј сектор имаше дури тројца лауреати. Го немаше премиерот Христијан Мицкоски, ја немаше претседателката на „нашата земја“, Гордана Сиљановска-Давкова, а како што можев да забележам не беше присутен ни претседателот на Собранието, Африм Гаши… Веројатно имаше некој претставник од извршната или од законодавната власт, затоа што пред главната капија на Собранието беа испаркирани некои од оние службени црни лимузини, само што јас не можев да ги препознаам.
Ако сакам да бидам искрен, не можам да кажам дека нешто многу ме погоди нивното отсуство. Напротив. Мислам дека расположението на присутните беше „полабаво“ токму поради нивното отсуство. Но, она што можам да го кажам е дека „тивкиот“ бојкот на врачувањето од страна на „народните“ претставници не го покажува (само) нивниот однос кон лауреатите (иако претпоставувам дека тоа било идејата), туку повеќе кон Октомвриската награда.
Настрана фактот што практично тие ја доделуваат (го формираат одборот и комисиите), сепак тоа е највисокото признание што се доделува во Македонија и неопходен е респект барем од оние што ја доделуваат таа награда.
Не стои ни оправдувањето дека биле презафатени тој ден и баш во тоа време. Прво, не им го правев јас распоредот. И не може никој да ме убеди дека никој од нив не можел да одвои еден час од своето „скапоцено“ време и со своето присуство да ја удостои наградата што ја доделува. Впрочем, не мораше да биде присутен за време на целата манифестација. Доволно беше да се појави и да им честите на наградените. Доволно беше, ама…
Навреди и омаловажувања
Она што, ајде да кажеме така, понепријатно ме изненади се некои реакции што уследија на социјалните мрежи, полни со омаловажување и навреди кон ликот и делото на Каров. Дури и по порталите имаше наслови со наводна иронија за човекот што, меѓу другите, годинава ја понесе оваа награда.
Не се изненадив толку поради непримерниот говор, бидејќи говорот на омраза и навреди кај нас е одамна „официјализиран“, колку од моето, како што сега излегува, погрешно убедување дека Бубо Каров е човекот што сите го сакаат. Доскоро омилениот лик на сеопштата популација наеднаш стана „северџан“, „предавник“, „циркусант“, „квазиуметник“ и што уште не.
Се разбира дека секој може да има мислење за сешто и да го коментира тоа без да има каква било поширока слика за она за што станува збор, но токму тие да доминираат со сопствените коментари изгледа, најблаго речено, невкусно.
Со Каров се познавам со децении. Таква му е работата, таква ми е мене работата и патиштата ни се вкрстуваат. Едно кусо време работевме и во иста зграда, јас во неделникот „Пулс“, тој во радио „Но-ма“. Имавме и имаме релативно пристоен колегијален однос, но не можам да кажам дека сме баш пријатели. Повеќе познаници. Многу ретко, еднаш, можеби двапати низ децениите сме делеле иста кафеанска маса. Не сум му бил дома, не ми бил дома. Не знам колку деца има. Не знам ништо, освен она што влегува во доменот на неговата јавна работа.
Доскоро омилениот лик на сеопштата популација наеднаш стана „северџан“, „предавник“, „циркусант“, „квазиуметник“ и што уште не
Сево ова го кажувам за да објаснам дека сакам што повеќе да ја објективизирам мојата перцепција за неговиот придонес во македонското културно битисување.
Нема, се разбира, да го цитирам моето образложение и да ги разглобувам тука моите мотиви поради кои се решив да бидам еден од неговите предлагачи за оваа награда. Сепак, сметам дека и на ова место треба да се истакнат барем две, би рекол грамадни причини поради кои тој го заслужи ова признание.
Првата е онаа што на сите нам ни паѓа на памет, а тоа е – сатирата. Бубо Каров, заедно со екипата на К-15, покажа дека нема недопирливи работи и нема табуа, а тоа е исклучително важно за едно општество. Напишав во тоа образложение дека сатирата е своевиден фластер за нашата болка. Во случајов, улогата на тој фластер совршено ја извршува Бубо Каров.
Велат дека хуморот лекува. Насмевката предизвикана од интелигентна духовита забелешка ве разгалува и ве расположува. Но, насмевката предизвикана од сатирата е горчлива. Таа не разгалува, туку освестува.
Ако не ја разбереме и не ја сфатиме сатирата на Бубо Каров, тогаш ниту нему, ниту нам нѐ ни останува ништо друго, туку да чекаме некој да се досети и од зад првиот агол да нѐ начекува, удирајќи нѐ со цигла по глава. И тоа ќе биде отрезнување, но многу поболно од она што во овие децении го правеше Каров.
И втората причина, за мене многу битна, е популарната култура. Нашето општество се однесува кон поп-културата како да не е дел од општата култура, како да е нешто маргинално во нашите животи. А реалноста е сосема спротивна. Бубо Каров е корифејот на таа поп-култура, не само преку сатирата, туку и преку музиката, визуализацијата на замисленото, организацијата…
Не споредувам ништо, но кога можеше Нобеловиот комитет да ја признае поп-културата како рамноправен дел на нашето опстојување, давајќи му ја Нобеловата награда за литература на Боб Дилан, тогаш е белки време и ние да ја признаеме како релевантен дел од сопствениот духовен развој.
Да се разбереме, Бубо Каров не може никогаш да биде Боб Дилан, но ни Боб Дилан не може да биде Бубо Каров.
Затоа оваа награда на Каров ја сметам како признание на сите оние музичари, сатиричари, режисери, сценаристи, стрип-автори, улични артисти… што придонесоа на некој начин да ни се разубават животите. Велам дека немам особено мислење за државните награди, ама оваа, за разлика од оние што ја доделуваат, навистина ми значи.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија