Силеџиството стана пракса во модерната меѓународна политичка сцена. И наспроти згрозувањето на многумина, се чини дека тоа премолчано е прифатено како неизбежност. Зошто? Најмногу поради тоа што традиционалната дипломатија е втемелена на код, во кој принципите и зборот на еден лидер значат нешто. Во тoj систем нема вистински механизам за справување со лидерите што лажат.
За време, но и по падот на социјализмот, во периодот, кој сѐ уште погрешно се нарекува транзиција, на сцената стапија нов вид т.н. транзициски политичари, за кои целта секогаш ги оправдува средствата. А во основа, целта е моќ самата за себе, но, исто така, и не помалку значајно, брзо и масовно збогатување.
Се случувало повеќепати од што би сакал да се сетам, додека траат преговори, со спротивната страна да се обидеме да постигнеме т.н. џентлменски договор.
Да се говори вистината и да се биде искрен се карактеристиките што повеќе не се очекува да се видат кај политичарите. Бруталната сила на егото ја доби главната улога. Многу често тоа его реторички се изедначува со нацијата. И тука работите стануваат опасни.
Тој ќе ме погледнеше в очи и ќе ми „дадеше збор“, притоа знаејќи, но не грижејќи се дека сите во просторијата знаат оти лаже. Велам „тој“, бидејќи до неодамна овој простор беше резервиран исклучиво за мажи. Но, не повеќе. Новата генерација популистки-политичарки ги усвоија и ги усовршија најлошите карактеристики на своите машки идоли.
Да се говори вистината и да се биде искрен се карактеристиките што повеќе не се очекува да се видат кај политичарите. Бруталната сила на егото ја доби главната улога. Многу често тоа его реторички се изедначува со нацијата. И тука работите стануваат опасни.
Културата во која пораснав, мојата култура, е заснована на расправа. Интелектуалното несогласување, ако баш сакате, е моторот на напредокот. Дебатата заснована на различни мислења и аргументи е нешто што е плодно, продуктивно и на моменти дури и инспиративно. Се разбира, тоа подразбира да се повлечете пред подобрата идеја или подобриот аргумент. Но, кога во дебатата внесувате категории како чест и навреда, таа лесно може да ескалира во сеопшта војна.
Изедначувањето на нивното его со она на нацијата е рецепт за автократи, од популисти до фашисти, реални и „wannabe“ диктатори и маалски силеџии, кои сè повеќе ја инфицираат политичката сцена во сѐ повеќе земји.
Штетата што тие му ја прават на општеството и на неговите вредности е потценета. Општото мислење е дека сѐ додека се под контрола, под контрола е и нивното влијание. Но, што се случува кога не се? Огромен број боксери и „горили“ станаа партиски лидери, а некаде и премиери. Последните три децении ги катапултираа силеџиите до врховна, неконтролирана моќ, тетовирајќи го нивниот личен стил – или недостиг од истиот – врз ткивото на политичката култура на нивната земја. Траумата што тие ја нанесоа допрва ќе се проучува. Не сум убеден дека долгорочната општествена штета што ја направиле лесно може да се надомести. Досега практично никој не презема ништо во врска со тоа.
Настрана од долгорочната штета што ѝ се нанесува на Северна Македонија, на целиот регион и на онака веќе нарушениот кредибилитет на ЕУ, бугарската политичка елита главно си наштетува самата себе
Таквите политичари црпат сила од конфликтите и стравуваат од одговорност, тие го поткопуваат и инструментализираат секој аспект на демократијата што им е потребен за да ја обезбедат својата моќ. Кога имаат контрола, ги претвораат изборите во фарса, чија единствена цел е да им даде легитимитет. Ова функционира одредено време, сè додека не престане да функционира, зависно од контекстот.
Обично, силеџиските политички манири не остануваат непредизвикани. Во секое општество има група луѓе што не се посакуван фактор во очите на силеџијата на власт. Додека лукавите диктатори негуваат одредена лажна и контролирана опозиција за да ги покажат своите демократски квалитети, силеџиите немаат капацитет за тоа, тие своите политички противници можат да ги видат само како непријатели што треба да бидат демонизирани.
Силеџијата тврди дека тој и нацијата се едно. За да мобилизира поддршка, му требаат многу непријатели, внатрешни и надворешни. Вообичаената формула гласи: Kога нацијата е нападната, таа е обединета.
Во Европа, барем засега, живееме во време во кое вооружените конфликти се реткост. Последниот конфликт, оној во Северна Македонија, е стар веќе дваесетина години. Артилеријата е заменета со црвени линии, а снајперoт со вето. Протагонистите во конфликтите сега носат сакоа и вратоврски.
Но, поимите национална чест, колективна навреда и племенска грубост со силеџиите најдоа трајно место во политичкиот простор. Племенските реторики подобро се продаваат од отчетноста. И, се разбира, типично е за силеџиите да ги напаѓаат најслабите во групата, за да ги сокријат сопствените комплексни, самоомразени личности и да симулираат алфа лидер, што не се. Алфа мажјакот ги контролира силеџиите. На Балканот тие вообичаено дејствуваат заднински и ретко се изложуваат. Живеат како урбани легенди на моќ и немилосрдност, додека силеџиите седат во прв ред, со илузијата дека се значајни и уживаат да бидат во центарот на вниманието.
Живеам во Северна Македонија, која има почувствувано на своја кожа значајна доза силеџиство. Прво не беше призната од соседите, особено од Грција и од Бугарија, и продолжи со таканаречениот конфликт за името со Грција. Во 2001 година видов конфликт што го направи силеџиството да биде мејнстрим, па следуваше авторитарна деценија, која ги прегази пристојноста и владеењето на правото.
За момент се чинеше дека рационалното одлучување и компромисот со Грција ќе го запрат влијанието на насилниците. Патот за преговорите со ЕУ се чинеше дека е отворен. Но, се разбира, тоа беше илузија. Притиснати за својот политички неуспех од внатрешните немири и можеби охрабрени од надворешните пријатели, водечките бугарски кругови повторно го открија задоволството на политичкото малтретирање, заканувајќи се дека ќе стават вето на почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија.
Еден куп популисти под притисок дома радосно најдоа послаб субјект кај својот сосед, со кого историски се заплеткани во токсичната врска меѓу љубов и омраза. Замислете ја нивната радост, кога неказнуваното проблематично дете на ЕУ може да ja држи во заложништво целата унија со своите лоши манири. Ова ги прави сличните на Орбан и Качински на светот да изгледаат позрело. Интензивните дипломатски напори и прилично големиот притисок од германското претседателство со ЕУ се чини дека не ги спречуваат во нивната посветеност да бидат непристојни. Дури и ако успеат напорите за медијација, македонско-бугарскиот билатерален договор за пријателство и добрососедство на овој начин се сведува на шега.
Настрана од долгорочната штета што ѝ се нанесува на Северна Македонија, на целиот регион и на онака веќе нарушениот кредибилитет на ЕУ, бугарската политичка елита главно си наштетува самата себе. Едноставно, вистината е дека на крајот силеџиите никогаш не победуваат. И уште полошо за нивното его, тие обично се паметат по тоа какви што се.