Ако лош пример е партиско-политичкиот и сенароден „ајатолах“ кој се екранизираше како телефонски ефикасен во решавањето на сите проблеми, дали неговиот антипод треба да биде „различен“ само во тоа што проблемите ќе ги решава преку друга платформа – социјална мрежа, и преку дискусија која навестува околчување на простор за нов клиентелизам?
Кога се најавуваат промени, ветувањата мора да бидат поткрепени и со конкретни иницијални докази дека политичката енергија ќе се ефектуира исклучиво во таа насока.
Тоа значи дека сите практики треба да водат кон комплетен рез на болното ткиво, без сомнеж за можни рецидиви и попатно закачени вируси што би го запреле или би го отежнале процесот на заздравување на општеството. Во моментов, на политичката сцена не е издестилирана јасна слика за таквите намери. Декларативно да, практично – не.
Да се владее суверено десет години, да се задолжи земјата, да се институционализира корупцијата, да се дезинституционализираат институциите, да се дерогираат судската и законодавната власт заради нивно подјармување под извршната, да се лута во надворешната политика, за врз основа на сето тоа да се добијат неколку изборни циклуси, секако е своевиден успех и победа. Секако, најмногу Пирова.
За жал, има многу кои веруваат дека еден популизам единствено може да се победи со друг популизам
Таков вкус имаат сите успеси изградени врз агресивен популизам, кој квалитативната разлика меѓу поразот и победата ја прави релативна, а моќта на власта – апосолутна. Ако тој и таков систем треба да се демонтира, илузорно е да се верува дека тоа ќе успее по принципот „клин со клин се избива“.
За жал, има многу кои веруваат дека еден популизам единствено може да се победи со друг популизам. Да, може, ако популистите претенденти за власт успеат да ги надминат популистичките вештини на „професорот“. Но, јасно треба да се знае дека тоа не носи никакви промени. Завршува само како формална смена на два популизма, со различен идеолошки предзнак, ако воопшто може да стане збор за некаква идеологија.
Во такви случаи, граѓаните кои сакаат темелни промени не се мотивирани да излезат на избори, бидејќи се соочени со ист избор. Нешто слично како парадоксот со т.н. Буриданово магаре, кое било застанато на потполно идентична дистанца меѓу два стога сено. Во нерешителноста кој стог или „опција“ да ја избере, умрело од глад.
Такви идентични околности (aequilibrium indifferentiae) кога се во игра исти стогови сено, односно популистички празни слами, би ја уништиле волјата за избор и би ја елиминирале можноста за какви било промени, најмалку суштиниски.
Ако критикуваниот лош пример е партиско-политичкиот и сенароден „ајатолах“ кој преродбата ја претвори во државна религија, а себеси се екранизираше како надинституционален фактор, телефонски оперативен и ефикасен во решавањето на сите проблеми, тогаш дали неговиот антипод треба да биде „различен“ само со тоа што проблемите ќе ги решава (во овој момент) преку друга платформа – социјална мрежа и преку дискусија која навестува околчување на простор за нов клиентелизам?
Секако, има голема разлика во начинот на тоа алиментирање – едното е од нашите пари во буџетот, другото од приватен џеб. Но, пораката е иста – пријави проблем, наведни глава, сѐ ќе биде решено.
Незрелоста им е дозволена на сите со блажено незнаење, без оглед на формалните дипломи што ги стекнале. Дотолку полошо ако ги имаат, а не научиле како треба да функционира демократски институционален систем.
И срамно е што ги влечеле нозете по протести, игнорирајќи го фактот дека тие не се пократок пат за решавање на нечии индивидуални потреби туку граѓанска битка за принципи од кои корист треба да имаат сите граѓани, без разлика дали припаѓаат или поддржуваат некоја партиска опција. Или, можеби јас погрешно сум разбрала.
Вакви потези од разни манекени кои „Шарената револуција“ ја доживеале како конјуктурна шанса за себе, не се рамни ни на морално самоубиство, бидејќи во приказната недостига морал, па завршуваат со жална индивидуална компромитација која ќе остане запечатена како нивна главна „референца“ во отвореното си-ви.
Но, влегувањето во дискусија со вакви поимачи на мерит-системот, не е својствено за политичари кои претендираат да ја креираат државната политика.
Тоа е лоша препорака во очите на сите кои чекаат овде да завладеат стандарди и критериуми во сите сфери, наместо досегашните телефончиња, микрофончиња, „јави се“, „што не си кажал“, „дојди во кабинетот“…
Го почитувам алтруизмот кај некои политичари и нивната помош пружена на многумина на кои таа им била потребна. Но, тоа мора да остане исклучиво во сферата на приватното, а не нешто што ќе заличи на отворен и непринципиелен повик.
Во јавната сфера на пиедестал треба да се вратат изгубените критериуми и еднаш засекогаш да ја совладаме лекцијата од анатомијата на досегашната општествена деструктивност.
Ако некој верува дека граѓаните после оваа долга кризна агонија ќе дозволат да бидат насамарени, треба да биде подготвен да го преземе ризикот од таквата илузија
Македонија е мала земја, во која речиси секој со секого се познава. Од десет луѓе што ќе ги сретнете на улица пет ви се братучеди, другите пет – познајници или пријатели. Во такви околности тешко е да се одреди каде почнува и каде завршува непотизмот, а каде се мотивира клиентелизмот. Затоа, споил-системот, систем на плен или грабеж мора да се замени со мерит-системот, систем на способности и заслуги.
Партиите кои тврдат дека се залагаат за промени, мора ова јасно да го гарантираат сега, а практично да го потврдуваат низ своето секојднево поведение, за да нема потоа непријатни изненадувања, разочарувања и задоцнети критики дека некои едно ветувале, друго мислеле, трето правеле…
Партиите може и да бегаат од вакви дискусии, но обврска на граѓаните е да им дишат во врат, и тоа јасно и гласно да го бараат. Поука треба да биде тоа што досега многупати сме се увериле како народните избраници го третираат неговото височество – избирачот, откако удобно ќе ги сместат своите газиња во пратеничките клупи: Не му обрнуваат внимание!
Граѓанинот нема пристап до оние што ги избрал. Тие стануваат негови колонијалисти во најгруба смисла на зборот. Ретки се примерите на оние кои заслужиле почит заради грижа и отвореност кон интересите на базата.
Значи, време е за легитимирање на партиските позиции, за јасни гаранции на ветеното и за складирање на празната слама таму каде што ѝ е местото. Ако некој верува дека граѓаните после оваа долга кризна агонија ќе дозволат да бидат насамарени, треба да биде подготвен да го преземе ризикот од таквата илузија.
Секој што ќе помисли дека ќе може да ги третира граѓаните како Буриданови магариња, може да ги разбуди сеќавањата на т.н. магарешки атентати, какви што имало пред еден век на овие простори. Но, сега не против туѓата туку против отуѓената власт.