Чекајќи го Хозе

Каков претседател ѝ e потребен на Македонија? Ова е прашањето што деновиве се слуша, а често го добивам и јас. Не чувствувам потреба да правам фоторобот за карактерните црти на посакуваниот претседателски профил, бидејќи таков „модел“ постои во реалноста. Името му е Хозе Мухика. Замина од претседателската функција (2010-2015) на речиси 80-годишна возраст.

Граѓаните на Уругвај, држава чие официјално име е Источна Република Уругвај (República Oriental del Uruguay), нагалено го нарекуваа „Пепе“. Во светот беше опишуван како „најсиромашниот претседател“, што беше сосема погрешна оценка. Тој не беше најсиромашниот, туку најскромниот претседател на светот. Но, беше исклучително богат во својата животна и политичка филозофија.

„Велат сум бил најсиромашен, но не се чувствувам така. Сиромашен е оној човек на кој му треба многу за да живее. Мојот животен стил е последица на мојата сопствена историја. Имаше многу години кога бев среќен затоа што имам каде да легнам“, изјавуваше Пепе.

Каков претседател ѝ e потребен на Македонија? Не чувствувам потреба да правам фоторобот за карактерните црти на посакуваниот претседателски профил, бидејќи таков „модел“ постои во реалноста. Името му е Хозе Мухика.

Одби да се всели во луксузната претседателска резиденција и остана во својот приватен дом во близина на Монтевидео. Тоа не беше никаков популистички потег, туку континуитет на неговиот животен стил, без разлика на функцијата. Продолжи да го вози и сам да го поправа својот трактор, да го обработува своето земјиште и градината во семејната куќа. На најголемиот дел од фотографиите од времето на својот претседателски мандат, Пепе ретко може да се види во костум.

Во слободното време најчесто беше „фатен“ во гумени чизми на нива, покрај неговата сина фолксваген „буба“ од 1986 година, како во неа качува стопери на кои никој друг не сакал да им застане, или како трпеливо чека ред за преглед во преполна амбуланта. Во една пригода, за „бубата“ добил понуда од еден милион долари, но ја одбил, со образложение дека со тоа ќе ги навреди сите што пред триесетина години му помогнале да ја купи и вети: „Додека сум жив, таа ќе биде во мојата гаража“. 

Блиндирано возило? Специјален третман? Приоритет за лекарски преглед? Привилегии? Овие поими ги немаше ни во неговиот функционерски живот. Поради борбата против репресивните режими во Уругвај, тој зад себе имаше деценија мачен затворски стаж, но и ризница лекции и мудрости за животот. Уругвајците го запознаа како човек кај кого никогаш не постоела дилемата „да се има – или да се биде“.

Целата негова животна филозофија е посветена на – да се биде! И бил – еднаков меѓу еднаквите, најголем поборник за остварување на идејата за социјална правда, критичар на разузданата трка по богатство. Од платата од 12.500 долари, за себе задржувал само една десетина – 1.250 долари. Другите 90 отсто ги донирал во добротворни цели, претежно за изградба на станови за сиромашните.

„Задоволен сум со оваа сума, бидејќи во Уругвај има луѓе што живеат со многу  помалку пари“, објаснуваше претседателот.

Намалувањето на невработеноста, зголемувањето на БДП, спуштањето на корупцијата на најниско можно ниво, се дел од заслугите што Уругвајците ги припишуваа на неговите заложби и политики. Мухика го заврши мандатот со рејтинг од 70 проценти. Обично луѓето излегуваат на улица кога сакаат некого да симнат од власт. Кога него му заврши мандатот, а немаше право на друг мандат, ниту, пак, сакаше, околу 150.000 Уругвајци излегоа на улица за да го поздрават и да му се заблагодарат.

Она што е импресивно за овој 80-годишен „дедо“, е дека бил со отворен ум за многу актуелни прашања, за разлика од многу политичари двојно помлади од него. Се залагал „за“ правото на абортус, „за“ легализација и контролирана продажба на марихуаната, чин преку кој во земјата била намалена нелегалната трговија. Се залагал „за“ помош и прием на бегалците од воените жаришта, на кои им понуди сместување во резиденцијата каде што тој никогаш не преспа, а ја користеше исклучиво за деловни состаноци. Во зимскиот период во неа беа сместувани бездомници.

Во слободното време најчесто беше „фатен“ во гумени чизми на нива, покрај неговата сина фолксваген „буба“ од 1986 година, како во неа качува стопери на кои никој друг не сакал да им застане

Тој дури и не се обиде никому да го наметнува сопствениот стил: „Не очекувам луѓето да живеат како мене. Сакам да ја почитувам слободата на другите луѓе, но ја бранам својата. А тоа доаѓа со храброста да го кажеш сопственото мислење, дури и тогаш кога другите не ги делат твоите погледи!“

Создавањето култ кон личноста на политичарите и користењето бројни привилегии, беше мета на негови остри критики. 

„Штом политичарите почнуваат да се искачуваат на скалата, одеднаш стануваат ‘кралеви’. Не знам како функционира тоа. Тоа што го знам е дека републиките се создадени за никој да не биде нешто повеќе од другиот. Црвен тепих и многу луѓе зад функционерскиот грб? Мислам дека тоа е ужасно“, изјавуваше тој.

Животната приказна на Хозе Мохика беше овековечена и во документарниот филм „Пепе, еден возвишен живот“ (El Pepe, una vida suprema) на Емир Кустурица. По запознавањето на Мухика за време на тригодишната работа на овој проект, Кустурица кусо изјави: „Тоа е единствената биографија на светот, со која радо би ја заменил својата“.

На ова навистина нема што да се додаде. Освен да мечтаеме дека ќе дочекаме и нас да ни се случи „Хозе“.