Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дојде на власт во 2017 година, ветувајќи крај на заробената и корумпирана држава на претходниот режим. Борба против корупцијата, испорака на правда и обезбедување пристоен живот, „живот за сите“ граѓанки и граѓани на земјата беа клучните ветени реформи.

Иако претходната влада направи одредени позитивни промени за иднината на земјата, тесните изборни резултати на изборите во јули 2020 година укажуваат на фрустрацијата кај гласачите од недостигот од позначајни промени и недостигот од резултати во областите правда и антикорупција.

Ако судиме според новопредложениот состав на владата на СДСМ-ДУИ, дали овојпат може да очекуваме нешто поразлично? Постојат најмалку три причини за скептичност дека владеењето на новиот состав ќе биде поинакво, подобро и поинклузивно.

Заев пропушта уште една можност да го испорача ветувањето дадено во 2016 година, кога огромен број млади луѓе излегоа на улиците во знак на протест против авторитарната и корумпирана власт на ВМРО и ДУИ

Прво, новата влада наградува корумпирано однесување. Kонкренто, Артан Груби и Бујар Османи не треба да се вклучени во влада што тврди дека е проевропски ориентирана и која цели да се справи со корупцијата. Јавното обвинителство има покренато случаи што го поврзуваат Османи во корупциски дејства за време на неговиот мандат како министер за здравство во 2010 година, а впрочем и дел од снимките кои самиот Заев ги објави своевремено укажуваат на корупциско дејствување од страна на Груби. Но, и покрај тоа, наместо истраги за постапките на овие лица, тие се ставени на чело на клучни ресори – Груби е назначен за прв вицепремиер и министер за политички систем, а Османи за министер за надворешни работи.

Второ, овој состав наградува партиска лојалност, и покрај недостигот од докажана компетентност или експертиза во соодветните области. Списокот со примери е долг. На пример, Оливер Спасовски го предводеше Министерството за внатрешни работи во време кога се случи еден од најголемите скандали на претходната влада предводена од СДСМ, бегството на поранешниот премиер Груевски. И покрај неподнесувањето одговорност за тој скандал и недостигот од видливи резултати во насока на враќање на довербата на граѓаните во оваа институција, која играше клучна улога во градењето и одржувањето на режимот на Груевски, Спасовски, не само што ја предводеше пржинската влада до изборите, туку сега е и повторно предложен за министер за внатрешни работи.

Новата влада наградува корумпирано однесување. Артан Груби и Бујар Османи не треба да се вклучени во влада што тврди дека е проевропски ориентирана и која цели да се справи со корупцијата

Покрај тоа, во новата влада се воведува нов ресор. Имено, Љупчо Николовски ќе биде вицепремиер за антикорупција, одржлив развој и човечки ресурси. Што точно ги комбинира овие три полиња останува мистерија, исто како и стручноста на Николовски во овие области, како предлог-кандидат за функцијата. Еднакво важно да се спомене е и дека искуството укажува на тоа дека кога различни, неповрзани полиња се ставаат под една капа, најчесто многу малку се постигнува во која било од тие области.

Најпосле, во новата влада има недоволна застапеност на жените. И овојпат, само четири жени заземаат министерски позиции, од кои три се во области кои традиционално се претставени како „женски“, односно области каде што жените се позастапени, како што се социјалната политика, образованието и културата. Со оглед на претходното искуство и партиската динамика на СДСМ, ова не е изненадувачки, но, сепак, е разочарувачки.

Разочарувањето е уште поголемо кога ваквите одлуки доаѓаат од коалиција и од премиер, кои реторички ја вклучуваат „родовата еднаквост“ меѓу своите ветувања и основни вредности. Така, на пример, новопредложената програма за работа на владата за периодот 2020-2024 вели дека „Владата на Република Северна Македонија силно верува дека нема еднаквост во општеството, ако нема еднаквост помеѓу мажите и жените. Само така се гради општество во кое има просперитет (…) Целта на Владата ќе биде постигнување родова еднаквост во нашата земја, сузбивање на родовите стереотипи и елиминирање на родово-базираното насилство. За таа цел ќе водиме активна политика на зголемување на застапеноста на жени на сите извршни функции во и избрани од Владата.“

Истовремено, истата влада и премиер продолжуваат да укажуваат на тоа дека не ја разбираат важноста на застапеноста и вклученоста. Неуспехот на ДУИ, пак, да вклучи макар и една Албанка исто така не е изненадување имајќи предвид дека партијата продолжува да практикува мачо-шовинистички пристап кон политиката.

Во период кој е клучен за нас како земја и за нашата иднина, оваа влада веќе разочарува во неколку насоки, пред воопшто да почне со работа. Заев пропушта уште една можност да го испорача ветувањето дадено во 2016 година, кога огромен број млади луѓе излегоа на улиците во знак на протест против авторитарната и корумпирана власт на ВМРО и ДУИ.

Каква порака испраќа новопредложениот владин состав до оние млади што останаа во земјата? Каков „живот за сите“ промовира? Со оглед на предложениот владин состав, кампањските видеа на Заев и Ахмети со млади луѓе, како и изјавите дека сакаат да ги мотивираат младите да се вратат или да останат во земјата се сведуваат на евтини ПР-трикови.

Оваа влада, со оглед на предложениот состав, остава многу малку простор за надеж дека ни претстои подобар начин на владеење.