Дали знаат дека е Божиќ?

Добро се сеќавам на таа 1984 година. Времињата беа поинакви. Медиумите правеа споредби меѓу времето што го живеевме во тој миг и истоимениот роман на Џорџ Орвел. Роналд Реган по вторпат беше избран за претседател на САД. Британската премиерка Маргарет Тачер преживеа атентат. Советскиот Сојуз војуваше против Авганистан. Ирак против Иран.

Во Либан беснееше граѓанската војна. Европскиот парламент донесе одлука, Европската заедница да се трансформира во Европска Унија. Во Лихтенштајн, жените добиваат право на глас. Убиена е Индира Ганди. Горна Волта го смени името во Буркина Фасо. Брус Спрингстин го објави албумот „Born in USA“.

Во Југославија владее сериозна економска криза, а инфлацијата поминува 60 проценти. Но, сепак, почнува со производство тенкот „М 84“. Во Сараево се одржаа Зимските олимписки игри. Медиумите известуваа дека три од четири милиони изедени полжави во Франција се увезени од Југославија.

А јас? Јас тогаш имав 23 години и веќе бев професионален новинар во културната рубрика на тогашна „Нова Македонија“. И запознав една девојка, која стана мајка на мојата ќерка и моја сопруга до денешен ден.

Менување на светот

И, да, ја помнам таа 1984 година по една, би рекол, мала и музички не баш значајна, поп-песна, која во голема мера го менуваше светот. Станува збор за „Do They Know It’s Christmas?“ на сер Боб Гелдоф („Бумтаун ретс“) и Миџ Ур („Алтравокс“). Песната, испеана и изведена од повеќе британски и ирски музичари, главно врвни ѕвезди на своето време, всушност беше наменета за помош на гладните во Етиопија.

За мене не беше важен само нејзиниот хуманитарен карактер, туку развојот на целата идеја (сега би рекле: проект) имаше некоја неодолива привлечност. Имено, според зборовите на самиот Гелдоф, целата идеја му дошла по гледањето на телевизиските прилози за гладот во Етиопија на новинарот Мајкл Бурк, емитувани на телевизиската мрежа Би-би-си, октомври истата година.

Тоа, всушност, за мене беше круцијален доказ дека медиумите (новинарите) и музичарите (уметниците) преку своите дела можат да го менуваат светот. И тоа на подобро. Или, што би рекол Маркс во онаа славна теза за Фоербах, работата не е светот да се толкува, туку да се менува.

„Бенд еид“ и „Лајв еид“ ја разбудија свеста за светот како „глобално село“, за солидарноста, за емпатијата кон другите, без оглед дали се наоѓаат на илјадници километри од нас, за фактот дека светските проблеми се и наши

Боб Гелдоф вели дека бил запрепастен од снимките што ги видел и решил дека мора нешто да направи на ова поле. А што би направил друго, освен музика. Правилно го проценил тајмингот и буквално во трка со времето, заедно со својот колега и продуцент на песната, Ур, ги склопил мелодијата и текстот.

Доволно бил свесен за потрошувачката грозница што владее околу Божиќ за да направи божиќна песна, која само во првата недела од излегувањето и само во Британија ќе се продаде во неверојатни милион примероци (до крајот на годината, односно само во декември е продадена во три милиони примероци).

Има различни проценки колку средства донела оваа песна за гладните во Етиопија. Според Википедија, во првата година од нејзиното излегување собрани се над осум милиони фунти. Но, тука не се вброени нејзините следни верзии, снимани под имињата „Бенд еид 2“ (1989), „Бенд еид 20“ (2004), „Бенд еид 30“ (2014) и неодамна излезениот ремикс „Бенд еид 40“. Некои податоци велат дека досега се собрани 24 милиони фунти, со ограда дека точната цифра од продажбата во целиот свет не може баш едноставно да се пресмета.

Секако дека собраните средства се битни. На крајот на краиштата, затоа е и направена песната. Но, сепак, има нешто многу побитно – градење на феноменот „бенд еид“! Многу бргу после „Бенд еид“, тогаш најпопуларните американски музичари, собрани под името „U.S.A. for Africa“ ја снимаат песната на Лајонел Ричи и Мајкл Џексон „We are the World“ (продуцент е Квинси Џонс).

Кулминацијата на целата приказна ја достигнува веројатно најголемиот поп и рок-спектакл во историјата на човештвото, концертот „Лајв еид“, одржан симултано и сукцесивно на стадионите „Вембли“ (Лондон, Велика Британија) и „Џон Ф. Кенеди“ (Филаделфија, САД).

Овој двоен концерт директно го пренесуваат околу 150 земји во светот. Проценка е дека тогаш го гледале близу две милијарди луѓе, што е отприлика 40 проценти од тогашното човештво. Се тврди дека само додека траел концертот, преку донации се собрани 180 милиони долари. За споредба, Зимските олимписки игри во Сараево тогаш вкупно чинеа нешто под 160 милиони долари.

Изгубеното наследство

По Велика Британија и САД, третата, долго време и единствена, земја што одговори на предизвикот за помош на Африка беше – Југославија! Најдобрите југословенски рок-музичари (а треба да се потсетиме дека Југославија тогаш имаше мошне сериозна рок и поп-сцена) се собраа во проектот „Ју рок мисија“ и ја снимија песната „За милион година“.

Од македонските музичари, во бендот настапи Влатко Стефановски. Еден месец пред „Лајв ејд“, на 15 јуни 1985 година, на белградскиот стадион „Маракана“ се одржа концертот „Ју рок мисија – концерт за Африка“. Во паузата на глобалниот „Лајв еид“, додека се чекаше вклучување од стадионот во Филаделфија, на „Вембли“ беше прикажан спотот за песната „За милион година“ на „Ју рок мисија“ и така стана глобален феномен, а ние, жителите на тогашна Југославија, горди граѓани на светот.

За она што значеше овој потег на југословенската рок-заедница, можеби најдобро говори фактот дека сер Боб Гелдоф го најави своето доаѓање на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, каде што ќе ја обележи 40-годишнината од „Лајв еид“.

Не сум сигурен дали е можно денес да се соберат светските ѕвезди и да направат некаква хуманитарна акција за народот во Палестина, на пример. Или на Украина… Поточно, сигурен сум дека не е можно.

На крајот, а никако најмалку битно, „Бенд еид“ и „Лајв еид“ ја разбудија свеста за светот како „глобално село“, за солидарноста, за емпатијата кон другите, без оглед дали се наоѓаат на илјадници километри од нас, за фактот дека светските проблеми се и наши… Колкаво беше тоа влијание, доволно е да се каже дека речиси сите натамошни хуманитарни акции го имаа она „еид“ во своето име.

Но, времињата се сменети. Веројатно не би се ни сетил на оваа годишнина, да не беа сите овие лоши вести од светот, а богами и од мојот, македонскиот, двор. Не знам дали е воопшто можно да се приближи духот на „Бенд еид“ и „Лајв еид“ на денешните генерации.

Не сум сигурен дали е можно денес да се соберат светските ѕвезди и да направат некаква хуманитарна акција за народот во Палестина, на пример. Или на Украина. Или на Судан. Или, ако сакате, на Етиопија. Поточно, сигурен сум дека не е можно. А има и глад, има војни, има сиромаштија, има умирања, има неправедна распределба на богатството…

Има сѐ, само нема емпатија и солидарност.

Па, што би се рекло, не е фер претпразничното расположение да се расипува со некакви таму војни и страдања. Кого, пак, го интересира дали тие таму знаат дека е Божиќ?

Затоа не сум ни сигурен дали воопшто вреди духот на „Бенд еид“ да им се приближува на новите, односно на сегашните генерации. Особено на оние што културата и уметноста ги сметаат како луксуз и непотребност во времето на постоење на еден Аца Лукас. И особено на оние што медиумите и новинарите ги сметаат како мегафони за лажни вести и пропаганда.

Велам, времињата се менуваат. Најновиот ремикс на „Do They Know It’s Christmas?“, потпишан од „Бенд еид 40“ не стаса ни до топ 40 на британската топ-листа (мислам дека дојде до 45-то место). За разлика од сите претходни верзии, кои убедливо го држеа врвот на топ-листите.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија