Европската вселенска агенција предупреди дека има шанси астероидот со дијаметар од 40 метри, на 9 септември да удри во Земјата. Се нарекува „2006 QV89“ и можеби не се заканува да го уништи целокупниот живот на Земјата, но е повеќе од доволен да збрише цела една мала државичка, да речеме со големина колку оваа нашава кутра Сeверна Македонија.
Од Европската вселенска агенција истакнуваат и дека ударот би бил посилен од катастрофата во Чељабинск, но ние во Македонија за Чељабинск не знаеме многу, барем сè додека ХБО не сними серија, па да изгледаме што тоа се случило таму.
Како и да е, шансите да нè погоди овој астероид се 1:7000, што се далеку поголеми од тоа на пример јас да фатам некогаш во обложувалница, а ептен далеку поголеми од тоа Груевски и компанија да си лежат и ептен далеку поголеми од тоа Македонија да стане нормална држава, што ќе рече дека шансите се поголеми од многу работи во кои наивно сме верувале, па затоа нема причина да не им веруваме и на стравувањата на Европската вселенска агенција.
А тоа не води пар месеци во иднината.
Македонија, 8 септември. Големиот државен празник, Денот на независноста, се празнува можеби последен пат. Атмосфера на исчекување и неизвесност насекаде во светот. Чудна атмосфера за оние малку нормалните земји, вообичаена за транзициска Македонија. Прашања лебдат во воздухот, како да чекаат да бидат погодени од небеското тело.
Дали астероидот ќе ја прекине долгата македонска транзиција? Дали некогаш воопшто ќе дознаеме – ќе си остане ли Меркел на зборот за датумот? Дали Дуперси ќе си најдат нова бубњарка? Дали Вардар ќе биде пак моќен? Ќе дочекаме ли просечна плата од петстотини евра? Која земја ќе биде елиминирана од следната Евровизија и пред полуфиналната вечер? Дали ќе успеат да лајкнат барем уште една фотка крај базен на Лила Филиповска? Ќе застане ли Ванковска како жив штит пред астероидот за да го прими наместо Македонија?
А сите тие прашања се сведуваат само на она вековното: Дали Македонија навистина е вечна или ќе трае уште еден ден?
Од Европската вселенска агенција истакнуваат и дека ударот би бил посилен од катастрофата во Чељабинск, но ние во Македонија за Чељабинск не знаеме многу, барем сè додека ХБО не сними серија, па да изгледаме што тоа се случило таму
Титка тикерот во новинските агенции! Дали е тоа нова вест за „2006 QV89“? Не! Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ!
„Катастрофалните политики на Зоран Заев доведоа до тоа денес граѓаните да се плашат за својата иднина. Предавникот Заев, кој дојде на власт само за да го смени името и ветуваше живот и иднина за сите, денес не може ниту да им гарантира на граѓаните дека ќе го преживеат утрешниот ден. СДС со своите погубни политики ја руинираше, ја разнебити и ја обезличи Македонија, а утре таа може да биде избришана од картата на светот. Благодарение на Заев и на неговите албански коалициски партии, нашата Татковина ги живее најтешките моменти од своето постоење!“
Медиумите го пренесуваат соопштението во целост и сите очи се повторно насочени кон небото. Повторно титка тикерот во новинските агенции! Дали е тоа нова вест за „2006 QV89“? Не! Соопштение на СДСМ!
„Антизападниот Мицкоски не може да се помири дека Македонија е на вистинскиот пат. Тој ја злоупотребува опасноста од астероидот за ситни политички поени, со што покажува дека во ништо не се разликува од својот ментор Никола Груевски. Цел свет се плаши од паѓањето на „2006 QV89“, а тоа што и Северна Македонија се плаши само покажува дека сме конечно дел од светот, дека не сме веќе изолирани. Умре времето кога ДПМНЕ контролираше сѐ во земјата, кога птица не можеше да прелета без партиска директива, а не, пак, астероид. Северна Македонија ќе ја надмине и оваа опасност и ќе продолжи да чекори по својот пат. Антизападниот Мицкоски нема сила да ја врати Северна Македонија назад во темното минато. Господинот Заев има ветување од нашите стратешки пријатели дека астероидот ќе нѐ промаши. Ако ова се покаже како неточно, владата како одговорен субјект е спремна да поднесе оставка и веднаш да бидат распишани предвремени избори“, се вели во прес-рилисот на владејачката партија.
Во недостиг од нови информации за астероидот, и ова соопштение е пренесено во целост. Еден внимателен политички аналитичар излегува со скандалозно тврдење дека сите соопштенија на ВМРО и СДСМ се исти, се менуваат само по неколку зборчиња. Дури и го поткрепува ова тврдење со докази, приложувајќи ги соопштенијата за датумот од ЕУ, платите, судството и астероидот, во кои се променети вкупно седум до осум зборови, но никој не му обраќа внимание на овој аналитичар.
Соопштение пушта и Левица, но тоа никој не го пренесува.
Груевски пишува фејсбук-статус. Поради должината на статусот и неговото елементарно непознавање на социјалните мрежи, граѓаните се предупредени да го читаат само последното продолжение од вкупно 384-те што ги напишал, а остатокот од времето да го поминат со најблиските.
„За утре ми закажале судење во Кривичен 🙂 Абе вие ептен сте биле ХАЈ, хахахаха, пратите ли вести таму. Ќе му каже ли некој на СЈО дека не сум дома, од вчера доставувачот се утепал од ѕвонење, ми се јавуваат комшии ги вознемирува. Алооо, ХАЈ-ФАЈ, не сум излезен по леб, на гулаш сум отиден, ќе се задржам :))))) Мала дигресија, некоја препорака за ново возило со голем багажник. За другар прашувам, Хахахаха (Прецедателе, Мартин препорача да ја избришете последнава реченица, има копче едит на Фејсбукот, горе десно. Поздрав, Вие сте еден и единствен НАШ НАЈГОЛЕМ, лидер)“
Првиот коментар под статусот е на Ирена Ристиќ. Му пишала: „Мерцедес С-класа 600 <3 <3 <3”
Република го објавува статусот на Груевски во серијал од десет продолженија, Курир го пренесува ексклузивно во целост (сосе реченицата што требало да биде избришана, но без коментарите кои се подјебаваат со лидерот).
Од кабинетот на Заев, пак, известуваат дека премиерот телефонски разговарал со германската канцеларка, третпат во последните 24 часа, и јасно и недвосмислено побарал од Меркел дополнителни гаранции дека астероидот ќе удри во некоја друга земја, зашто Северна Македонија испорачала и не заслужува да биде погодена. Биле разменети мислења, при што Меркел го реафирмирала ветувањето дека ќе стори сѐ што е во нејзина моќ астероидот да ја одбегне Македонија, иако додала дека тоа не е воопшто во нејзина моќ.
Синоптичарот Славчо Поповски предвидува умерено облачно време со можни локални врнежи. Предупредува да не се излегува без чадор.
Господинот Заев има ветување од нашите стратешки пријатели дека астероидот ќе нѐ промаши. Ако ова се покаже како неточно, владата како одговорен субјект е спремна да поднесе оставка и веднаш да бидат распишани предвремени избори
Иван Исцелител ја знае земјата што ќе биде погодена од астероидот. Името го ковертира со датум 8 септември. Ќе го отвори на 10 септември за да ни покаже дека точно предвидел, освен ако точниот одговор не е Старо Нагоричане, каде што овој деец живее и работи.
Миленко излегува со скандалозно тврдење дека астероидот може да ја пробуши Земјината плоча и да излезе од другата страна. Не се знае дали планетава ќе ја преживее ваквата прострелна рана и дали некој од океаните би можел да истече низ дупката.
Филип Петровски објавува дека конечно ги собрал десетте илјади потписи за да се кандидира за претседател на државата. Никој не му кажал за астероидот, Стојанче Ангелов го дупчи на Фејсбук. Ќе се судрат на дуел на „Само вистина“ ако има прилика за уште една емисија.
Општина Охрид изрази надеж дека ако астероидот удри во Охрид, ќе удри во дивоградба, затоа што буџетот на општината е блокиран и не е во можност самата да урива. Од невладините организации цинично одговорија дека ако удри во Охрид, секако ќе удри во дивоградба.
Многу наши сограѓани, сепак, решија да го искористат празникот и да не ја пропуштат можеби последната шанса за продолжен викенд во Грција, па колоната на Богородица е околу дванаесет километри. Во анкетата за една гевгелиска телевизија, жител на Северна Македонија вели дека нашол сместување за само 26 евра по човек, втор ред од море, и тоа ноќевање со појадок, зел кредит кој можеби нема да мора да го враќа и решил да скокне со семејството до Неа Мудања.
9 Септември. Ноќ. Знамиња на бандерите. Можеби последен пат се веат да ја слават независноста на Македонија ваква каква што ја познаваме. Светат светлата по домовите. Ретко кој може да заспие. Луѓето будни и со вклучени телевизори, радија, таблети, мобилни ги дочекуваат мугрите.
Титка тикерот во новинските агенции! Дали е тоа нова вест за „2006 QV89“? Не! Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Катастрофалните политики на Зоран Заев…