Спротивно на граѓанското движење и на извештајот на Прибе, терапијата на Хан фактички ја амнестира Владата од одговорноста, а Премиерот го остава да биде клучен играч за излегување од кризата.
Со Извештајот на експертската група на Прибе, Брисел можеби одигра најдоблесен потег во врска со Македонија, след препораката за нејзин прием во ЕУ. Тој документ претставува таква објективна дијагноза за болеста (политичката криза), што може да се препорача во принцип како претходен услов при секој опит за решавање на некој проблем. За жалење е што терапијата, преговорите со посредство на европратеничката тројка и договорот со посредство на комесарот Хан, е почната пред тој неопходен услов.
Многу би сакал да ја споделам добрата волја на авторите на Извештајот за комплементарноста на сите акти на ЕУ со оглед на нашата криза. Но, принципот на комплементарност во овој случај ќе биде постигнат, ако се изврши корекција на терапијата.
Извештајот се фокусира на масовното прислушување како недело на власта и на содржината на снимените разговори – огромен регистар на други и многу сериозни огрешувања од законите, Уставот и човештвото/човековите права. Тоа имплицира толку голема морална, политичка и правна одговорност, што имено одговорноста ја лоцира во исходна точка на процесот што може да ја реши кризата. Од тоа понатаму произлегува дека одговорните не можат да бидат субјект на тој процес туку само предмет. Како на субјекти им останува единствено чинот на оставка или, не дај Боже, на најстрогиот суд на совеста.
Терапијата на Хан не го следи овој закон/логос на одговорноста. Со бирократски небулози „транзициски период“ и „организациона влада“, таа изврши темелна замена на тезите.
Престапничката позиција на Владата и позицијата на граѓанското движење за нејзина оставка и за формирање техничка или експертска влада која ќе создаде услови за санкционирање на одговорноста и за демократски избори – тие две позиции се ретуширани и заменети со преговори меѓу четворица партиски лидери, тројца на страната на власта, еден на страната на опозицијата, кои веќе договориле предвремени избори, а договараат уште модус за интеграција во процесот на опозицијата како статист и колку месеци пред изборите Груевски да ја напушти премиерската функција!
Така, спротивно на граѓанското движење и на Извештајот на Прибе, терапијата на Хан фактички ја амнестира Владата од одговорност. Премиерот го остава да биде клучен играч за излегување од кризата, вклучително за избор на нов обвинител, кој ќе ја терал одговорноста за прислушувањето и за содржината на снимените разговори – на Ескимите! Укажувачите на престапот се оставаат во затвор, еден од нив, лидерот на опозицијата, се остава да го тормозат Обвинителството и Судот, послушно исполнувајќи ја волјата на премиерот. Сѐ е тука изместено. Престапот против европските вредности добива штедра европска помош, граѓанското движење за европски вредности добива нож во грб! Опортунистички, заради мир во куќата, се поддржува неправдата, спротивно на студентската девиза „Нема правда – нема мир“!
Законот на одговорноста дејствува така што, со оваа терапија, и комесарот Хан го прави соучесник во престапот на нашата власт. Заев има историска среќа во идентификацијата/споделувањето со граѓанскиот отпор против авторитарната и престапничка власт. Ако отстапи од таа позиција и се вклопи во терапијата на Хан, и тој ќе стане трагичен соучесник.
Не знам дали дијагнозата на Прибе ќе повлијае врз меѓународната заедница да примени поодговорен пристап кон македонската криза. За нашата јавност тој ќе биде драгоцен стимул, како сведоштво за изгубената чест на власта. Никој не може да спаси таква власт. Денес и тука.
Авторот е поранешен министер во Владата на РМ и амбасадор во Руската федерација