Најстариот син на некогашниот и иден претседател на САД, Доналд Трамп Јуниор објави видео од својата неодамнешна краткотрајна посета на Гренланд. На видеото може да се види Трамп помладиот во друштво со десетина староседелци со „мага“ капчиња (Make America Great Again) и со американското знаме.
Данското радио (DR), повикувајќе се на локални извори, објави дека се работи за бескуќници, кои, за еден обилен ручек во луксузниот хотел каде што престојувал американскиот гостин, прифатиле да глумат приврзаници на Трамп.
Веднаш потоа, новоизбраниот претседател Доналд Трамп, преку неговата социјална мрежа Truth Social им се заблагодари на жителите на Гренланд што биле „толку драги“ кон неговиот син и неговата екипа.
Младиот Трамп демантираше дека неговата посета има каква било врска со политиката и дека целта му била да сними поткаст, додавајќи дека е голем вљубеник во екологијата. Многумина од аналитичарите се посомневаа во ненадејното будење на неговата еколошка свест, а за својата скепса добија потврда, не само во објавеното видео, туку и од одржаната прес-конференција на неговиот татко, која се одвиваше истовремено со фото и видеосесиите со наводните приврзаници на Трамп на Гренланд.
На таа прес-конференција, Трамп, уште невлезен во Белата куќа, ги даде јасните назнаки на идната американска надворешна политика, која во суштина е продолжение на она што го работеше и во претходниот мандат. И тоа преку изјави што го скандализираа глобален политички свет. Трамп, имено, рече дека не ја исклучува воената сила за да ги стави Гренланд и Панамскиот канал под американска контрола.
На ова треба да се додаде и неговиот предлог Канада да стане 51. американска држава, како и само навидум, бенигната идеја Мексиканскиот залив да се преименува во Американски залив („звучи поубаво“).
Изборот на Гренланд
Како и да е, благодарејќи му на Трамп најголемиот и истовремено најмистичниот остров на светот, Гренланд, инаку под данска управа, повторно влезе во центарот на светското внимание. Одеднаш сите почнаа да (се) прашуваат зошто оваа географски арктичка територија е толку важна, па светот толку се загрижи околу неа.
За Гренланд не се рамнодушни само „заинтересираните“ страни, во случајов ЕУ, Данска и САД, туку првенствено Русија и Кина, кои се присутни на Арктикот, а се разбира и целиот НАТО пакт. Доналд Трамп е „виновникот“ што светот се заинтересира за Гренланд и во 2019 година, кога Трамп, по принципот „колку да чини, нека чини“ понуди да го откупи Гренланд од Данска. Тогаш Данска цинично и отсечно го одби („не е на продажба“), веројатно не сфаќајќи ја сериозно американската понуда.
Некаде во тоа време беше спомната и идејата за Канада како 51. држава на САД. Тогаш, канадскиот премиер Џастин Трудо, со насмевка на лицето, рече дека американскиот претседател очигледно се шегува и дека таа шега треба „да ја примиме добронамерно“.
Со климатските промени и топењето на мразот, Гренланд е сѐ поинтересен за големите играчи. Тука се неисцрпните природни ресурси, најголемиот дел од ретките метали што се сега неопходни за новите технологии, огромни количества нафта и гас
Овојпат, изгледа Трамп дојде да си ги заврши незавршените проекти. На, пример, Џастин Трудо, сега веќе премиер во оставка, на изјавите на Трамп реагираше многу пожестоко, и тоа со една американска фраза: „Канада ќе стане 51. држава на САД тогаш кога снегот ќе опстане во пеколот“. Данска беше многу повоздржана, без каков било цинизам и мерејќи ги зборовите, но затоа важните земји во ЕУ, првенствено Германија и Франција, со индигнација ги одбија предлозите на Трамп. А и НАТО излезе со нивна осуда.
Но, да се вратиме на Гренланд. Кога би бил самостојна држава, тој би бил 12. територија по површина во светот и, секако, најретко населена. Таму живеат околу 56 илјади луѓе, главно Инуити (или Ескими, што би рекле ние). Отприлика како Охрид, само без туристи. Патем речено, Гренланд е површински поголем од која било американска држава. (За волја на вистината, тоа е и Канада, која е втора територија по површина на светот).
Рековме дека географски станува збор за арктичка територија, но Гренланд де факто е дел од северноамериканскиот континент. Со навидум невозможната идеја, САД да ги припијат Канада и Гренланд во својот „мелтинг пот“, тогаш целата северноамериканска територија ќе припаѓа на една држава или на еден ентитет.
Од друга страна, Гренланд е повеќевековна колонија на Данска. Формално е деколонизиран во 1953 година, но под данска управа. Во 1979 година добива автономен статус, а со референдумот од 2008 година, многу поголеми овластувања во одлучувањето за своите прашања (данската држава е задолжена само за безбедноста и за надворешната и монетарната политика).
Сите жители на Гренланд се дански државјани, а со тоа и на Европската Унија, иако со референдумот од 1985 година, Гренланд формално реши да излезе од ЕУ. Данска, секоја година издвојува околу 550 милиони долари за Гренланд, што е околу една третина од нивниот БДП. Речиси сите вработени во Гренланд се вработени во данската државна администрација. На Гренланд не постојат сериозни приватни производни погони.
Но, треба да се каже дека на Гренланд постои и сериозно индепендистичко движење. Во април следуваат нивните парламентарни избори. И таму темата воопшто не е дали ќе останат под данска управа или ќе се приклучат кон САД. Гренландскиот премиер Муту Егеде, во своето новогодишно обраќање, истакна дека следи „важен чекор кон независноста“, потенцирајќи дека гренландскиот парламент веќе работи на нацрт-устав на независниот Гренланд.
„Иднината и државата ни припаѓаат нам“.
Во таа смисла, ниту данското кралство не останува рамнодушно. Зголемени се данските инвестиции во регионот, првенствено во одбраната, но и во други области, а, богами, редизајниран е и данскиот грб, при што Гренланд доби поголем простор во него.
„Ние припаѓаме заедно“, вели данскиот крал Фредерик.
Македонија меѓу змијата и магарето
Јас прилично се сложувам со гласовите, кои велат дека во однос на заканите на Трамп, станува збор за некои вид „политички бомби“ или „политички петарди“, ама не за „испитување на теренот“, туку за вршење своевиден притисок, кој веќе вродува плод.
Имено, со климатските промени и топењето на мразот, Гренланд е сѐ поинтересен за големите играчи. Тука се неисцрпните природни ресурси, најголемиот дел од ретките метали што се сега неопходни за новите технологии, огромни количества нафта и гас, поморските патишта за кои досега беа потребни посебно направени бродови, неексплоатирана природа, ненаселени делови, добра географска позиција за поставување воени, па и нуклеарни бази…
Не постојат само „светски силеџии“ што ги тераат работите по свој терк. Постојат и „регионални силеџии“ што по истиот терк можат да ги истакнат своите „економски и одбранбени“ интереси
Данска, се разбира, е свесна за тоа. И тоа е причината што веќе сега му остава отворени врати на Трамп за разговори, нудејќи разни дополнителни економски и безбедносни бенефити за американската држава на гренландската територија. Слично постапува и Канада. Прашање е само дали со тоа ќе се задоволи американскиот експанзионистички изолационизам.
Некој можеби ќе се праша каква врска има Гренланд со Македонија? Го сфаќале тоа ние или не, светот не е составен од низа независни и самостојни ентитети. Ништо тука не е еднонасочна улица. Светот е континуум што се испреплетува во целата негова сложеност.
Изјавите на Трамп, според мене, најавуваат целосна ревизија на светскиот поредок, инаугурирајќи го „правото на посилниот“. Го признавале ние тоа или не, глобалниот поредок, барем онаков каков што ние го познаваме, инаку во голема мера создаден токму од САД, најмногу им одговараше токму на малите земји, кои, на некој начин, преку разни меѓународни сојузи беа заштитени од директниот колонијализам или директната агресија.
Македонија, што би се рекло, уште утре треба да размисли како ќе се постави во евидентното заладување на односите меѓу САД и Европа. Дали ќе застане на страната на САД, нејзиниот стратешки партнер, или ќе застане во стројот со земјите од Европската Унија, сојуз што е прокламиран како нејзина стратешка цел? Изборот меѓу „змија и магаре“ никако не е лесен, но најмалку треба да биде емотивен.
И втората работа (суштински првата) е да ги подобриме односите до максимална можна мерка со нашите соседи. Затоа што ако САД прават вакви преседани со Канада, Данска и Панама, што би ги спречило тогаш нашите соседи да ги истакнат своите аспирации кон Македонија или кон делови на нејзината територија? Да не се залажуваме, не постојат само „светски силеџии“ што ги тераат работите по свој терк. Постојат и „регионални силеџии“ што по истиот терк можат да ги истакнат своите „економски и одбранбени“ интереси. Особено ако утре се разбудиме во свет каков што не го познававме досега.
Јас, се разбира, знам дека Македонија ќе чека додека може за да види како ќе се развиваат работите, но, ако ми се дозволи, ќе парафразирам една изрека од времето на „омразеното“ социјалистичко доба. Живееме како да ќе биде исто сто години, а се подготвуваме како уште утре Гренланд да нè боцка во удобниот чевел.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија