Хефнерова свеќа

Што ли прави Ѓорге Иванов додека фрчат честитки од неговите колеги по поканата Македонија да стане членка на НАТО? Што си мисли додека ја слуша изјавата на Колинда Грабар Китаровиќ или ги чита честитките до Заев од Румен Радев, Илир Мета и ред други регионални, но и европски политичари.

Мора да е многу незгодна оваа ситуација за претседател што решил да застане спротивно на сите процеси за интеграција и напредок на својата земја. А и не е само претседател. Тој е и врховен командант на Армијата. На денот кога земјата му ја канат во најмоќниот воено-политички сојуз, кога би требало од негова страна да стигнат честитки до премиерот, министерката за одбрана, до АРМ, до војниците што добија значајни признанија за учеството во досегашните мисии на Алијансата, не е баш нормално да седи скриен во претседателската резиденција и да се молчи. И да се слуша само звукот на грицкалката за нокти.

Не е нормално во исклучително важен момент за земјата, нему главна дилема да му биде со каков гарнир да му го послужат месото, или со каков прелив да му ги сервираат тазе испечените колачиња. Тешка е таа дилема и тој негов таксират. Многу потежок од „лесната“ задача да се засукаат ракавите и само за една година да се решат сите тешки и отворени прашања, кои го кочеа напредокот на Македонија во изминатите три децении.

Во секоја земја, која членството во Алијансата со години го декларира како стратегиска цел, поканата за членство во НАТО би била акламативно поздравена и одбележана како круна на континуитетот на заложбите на сите досегашни власти. Не случајно, Заев тоа и го акцентираше во обраќањето, во присуство на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. И добро е што владата сака успехот да го одбележи како подеднаква заслуга на сите.

Но, односот на дел од тие „сите“, јасно говори дека премиерот попусто сака да ја претстави земјава како држава во која сите политички актери имаат подеднаква заслуга, висока демократска култура и зрела визија за иднината. Иванов и опозицијата, едниот со молк, другите со тврдење дека „Македонија на Самитот не добила ни покана, ни аплаузи, туку само шамари“, откриваат дека се лажно претставени од страна на Заев. Успехот крунисан во мандатот на оваа влада го доживуваат како нивен пораз, и од тие теснопартиски позиции сакаат да го претстават и како неуспех и пораз за државата.

Во секоја земја, која членството во Алијансата со години го декларира како стратегиска цел, поканата за членство во НАТО би била акламативно поздравена и одбележана како круна на континуитетот на заложбите на сите досегашни власти

Македонија, во моментов, потсетува на дете извлечено од мрак, налик на онаа фамозна тајландска пештера, замрачено место во кое останала заглавена во 27-годишна изолација и застој, со живот на минимум кислород и до гуша во вода. Кога конечно го гледа светлото на крајот од тунелот, и во моментот кога исчекорува од него, сите не се однесуваат исто.

Едни трчаат надвор, сакаат да дишат со полни гради, свртени кон сонцето, други тешко се адаптираат на светлината затоа што биле навикнати на мала осветленост – толку колку што партијата сметала дека им е доволно. На колку лукса била тренирана опозицијата, најдобро се гледа сега.

Силата на светлината што ја давал пламенот на таа нивна „хефнерова свеќа“ била исклучително мала и со чудна дифузија на светлината. Полесно гледале кон Белизе, Кајманските или кон Девствените Острови, таму каде што на патриотски начин банкарски се „интегрирале“ преку нивните лични финансиски интереси, и каде што воопшто не им било важно ни името на државата, ни нивниот идентитет.

Напротив, тоа им бил главниот товар и хендикеп, па се пријавувале под туѓи имиња. Под туѓи идентитети некои избегаа во Грција, под лажни имиња и идентитети праќаат закани до сите што сакаат да фрлат светлина врз мракот во кој тие најдобро си функционираат.

Токму со силата на таа темнина сакаат да ја релативизираат или да ја поништат светлината на постигнатиот успех – Договорот со Грција, поканата од НАТО и одредениот датум за почеток на преговори со ЕУ. И затоа сега имаме една шизофрена ситуација. Во време кога е очекувано сите да се сплотат околу финализирање на стратегиските цели, власта повикува на прослави, опозицијата на протести. 

Лично, не сум поборник за организирање прослави. Но, имам разбирање за поривот. Ако за победата на нашите ракометари (огромен успех, но со траење до следното мерење на силите) правевме шпалири од аеродромот до Скопје, кревавме бини на плоштадот и реализиравме целодневни телевизиски преноси, тогаш зошто да не и за овој крупен историски исчекор за земјата, прв по осамостојувањето на Македонија и со очекувани долгорочни ефекти во сите сфери на животот.

Македонскиот успех најдиректно ќе се потврди ако на јавна сцена сѐ почесто „пропејуваат“ типови, како градоначалникот на Општина Ново Село, Боро Стојчев, и слични на него, кои функциите си ги разбрале и ги применувале како покритие за криминални активности

Секако, тоа не морало да се планира со ангажирање музички имиња, со трошоци за организација, опрема итн. Овој успех налага потреба од поинаков вид прослави – време кога „пеењето“ треба да им го препуштиме на досега непромовирани ѕвезди. Македонскиот успех најдиректно ќе се потврди ако на јавна сцена сѐ почесто „пропејуваат“ типови како градоначалникот на Општина Ново Село, Боро Стојчев, (без разлика дали соло или во квартет со семејството) и слични на него, кои функциите си ги разбрале и ги применувале како покритие за криминални активности.

Додека едни газеа по трње со цел да се врати државата на нормален колосек, некои си трасирале нови криминални друмови, како супститут за старата ненормалност  против која општеството се бореше и сѐ уште се бори. Затоа, токму вакви типови треба да пропејуваат почесто пред очите на јавноста. Тоа ќе ни потврди дека институциите функционираат и дека секој ќе си сноси одговорност ако работи спротивно на декларираните принципи за чесност и отчетност.

Кога тоа ќе се случи, ќе нема потреба чувството на успех да ни го засилуваат прослави и музички ѕвезди. Општеството само, спонтано и хорски ќе потврди: „Да, ова е тоа што го чекавме“.