Хомер Симпсон и македонското коруптивно прашање

Изгледа Македонија навистина влезе во американскиот периметар. Можеби не директно во периметарот на Трамп, ама затоа влезе во „Симпсонови“, најдолготрајната и најуспешна американска телевизиска анимирана серија. Малку ли е? Конечно, ете шанса преку едно од најгледаните сатирични телевизиски шоуа, „вистината за Македонија“ да влезе во милиони домови, не само во САД, туку и во светот.

Можеби ќе излезе и пред очите на американскиот претседател Доналд Трамп, затоа што серијата ја емитува неговата омилена телевизија „Фокс плус“, а руморите велат дека неговата сопруга Меланија е голема обожавателка на случките во семејството на Хомер Симпсон.

„Срамота! Срамота!…“

Добро, судејќи барем според синопсисот на епизодата, не може да се каже дека во неа баш вистински ќе биде расветлена вистинската вистина за Македонија. Но, што е тоа вистина? Целокупната светска филозофија, од своите почетоци до денес, не успеала да одговори на ова прашање, па не е фер тоа да го очекуваме од имагинарни цртани ликови. А, „Симпсонови“ и онака ја стекнаа својата светска слава со исмевање првенствено на американската малограѓанска стварност, но и на глобалните апсурди што ни се случуваат.

Станува збор за 18-та епизода од дури 36-та сезона на оваа серија, наречена „Abe League of Their Moe“. Насловот е практично непревoдлив на македонски јазик и асоцира на филмот „Сопствена лига“ (A Leaugue of Her Own, 1992) за американската женска бејзбол-лига, за време на Втората светска војна, но и реферира на два лика од серијата: на Ејб (Абрахам Џебедаја „Ејб“ Симпсон Вториот), таткото на Хомер Симпсон, попознат како „Дедо Симпсон“ и на кафеанџијата Мо Шизлак (Szyslak), кои се здружуваат со цел да го вратат сјајот на бејзболот во Спрингфилд. И за таа цел купуваат голема бејзбол-ѕвезда од – Македонија!

Тоа што големата македонска бејзбол-ѕвезда е прикажана практично како измамник, како човек кој за пари е подготвен да си го уништи сопственото реноме, односно како корумпиран спортист, кој се обложува на сопствените натпревари, тоа веројатно нема никого да вознемири

Тогаш кога овој текст ќе излезе во етерот, епизодата веќе ќе биде премиерно прикажана, но за жал авторот на овие редови во моментот на пишувањето на текстов не беше во можност да ја види во целост. Она што можеше да се види од кусиот трејлер за епизодата е дека Волков (така се вика македонскиот бејзбол-играч) зборува на македонски. На прес-конференција, низ солзи, вели (на македонски): „Срамота! Срамота! Се коцкав на бејзбол“, а Мо на англиски преведува нешто сосема друго.

Она што можеби нема да наиде на прием со овации кај овдешната гордо патриотски расположена публика е фактот дека македонските зборови ги изговара британскиот комичар во тренд со грчко, односно кипарско потекло, Џејми Деметриу.

Па, немавме ли ние некој Тони Михајловски, на пример, да ја натсинхронизира оваа улога? Или, пак, продуцентите на „Симпсонови“ правилно пресметале дека таквиот ангажман ќе го однесе македонскиот актер директно во периметарот на „домашните предавници и странски (американски) платеници“. Од друга страна, ете, актер со грчко потекло, со тоа што ја прифатил оваа улога, односно натсинхронизација, и официјално го признава македонскиот јазик. Тоа дека е британски актер, кој во моментов се наоѓа во пикот на својата популарност, секако е небитно за нашите поимања на стварноста.

Тоа што големата македонска бејзбол-ѕвезда е прикажана практично како измамник, како човек кој за пари е подготвен да си го уништи сопственото реноме, односно како корумпиран спортист, кој се обложува на сопствените натпревари, тоа веројатно нема никого да вознемири. Навикнати сме на нашата стварност, да не кажам на нашата вистина за Македонија.

Но, искрено, навистина нема потреба да се придава преголема важност на тоа како е претставен моралот на Македонецот во оваа епизода на „Симпсонови“. Првин, станува збор за навистина мала улога (на крајот на краиштата, денес и Деметриу, дури и за „Симпсонови“, е прескап да изговара некакви долги монолози на македонски јазик) и, второ, идејата за овој лик е добиена од еден од најголемите играчи во американската бејзбол-лига во последните децении, родениот Јапонец Шое Отани и неговиот скандал со коцкарски долгови и вложувања во обложувалници.

Имено, во март лани е откриено дека од неговата сметка директно префрлил 4,5 милиони долари во некоја обложувалница. По избувнувањето на скандалот, личниот преведувач на Отани, Ипеи Мизухара ја префрла одговорноста врз себе, тврдејќи дека тој лично го замолил бејзбол-играчот да му го исплати коцкарскиот долг.

Интересно е да се спомене дека се тврди дека Отани одлично зборува англиски и шпански, ама дека, сепак, инсистира на преведувач. И тоа на конкретниот преведувач, кого го плаќаат неговите клубови од 2013 година наваму. По истрагата, откриено е дека преведувачот Мизахура, за истите цели ја злоупотребил сметката на својот газда за 16 милиони долари. Буквално пред неколку дена, поточно на 9 април, Мизахура е осуден на 57 месеци затвор и задолжен е да му врати на Отани 17 милиони долари.

Во периметарот на апсурдот

Со оглед на фактот што Шое Отани е една од американските бејзбол-легенди, која „тежи“ барем неколку стотици милиони долари (веројатно и повеќе), американската јавност не беше баш убедена во неговата невиност. Побргу се шпекулираше со исплата на „пријателот“ да ја преземе вината и да оди на „платено отсуство“ извесно време. Познати ли ви се од некаде овие методи?

Од каде тогаш Македонија во приказната? Од каде бејзбол во Македонија? Од каде корупција во Македонија? (Добро, ова последното прашање не е ни реторичко, туку онака, во стилот на „Симпсонови“).

Со оглед дека судот ја потврдил невиноста на Отани, јасно е дека сценаристите на „Симпсонови“ не смееле да го споменат ниту него, ниту кој било јапонски бејзбол-играч во ваков контекст. Претпоставка е дека им била потребна некоја егзотична земја, доволно непозната за провинцијалниот непостоечки град Спрингфилд, а уште понепозната за просечниот американски (и глобален) гледач.

Кога ќе помислам подлабоко, можеби е најдобро сите тие органи што ги имаме во борбата против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи ја тука целата собраниска, судска и владина администрација, воопшто да не се појавуваат на работните места

Но, сепак, тоа да биде земја позната барем по најголемиот број обложувалници по жител, земја позната по коруптивни скандали (многу од нив со катастрофални смртни последици), земја позната по селективниот пристап до правдата, земја чиј главен град личи на Лас Вегас, ама купен од „Тему“, земја која е стратешки партнер на САД и која упорно се обидува да му влезе во видокругот на Трамп… И, конечно, земја на апсурди, а апсурдите, се разбира, се омилениот материјал на „Симпсонови“.

Јас навистина не знам што повеќе и поквалитетно може да го отслика македонското општество од оној случај од пред некоја година, кога некои затворски полицајци подмитиле затвореници за да им обезбедат поквалитетни работни места. Или дека главната дејност во овие неколку месеци мандат на претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, всушност била – самата да се искорумпира.

Еве, медиумите објавуваат дека откога е осомничена за протежирање и издавање државни тајни во таканаречениот случај „Адитив“ (за неупатените, се работи за сомневање за организиран, односно државен криминал), не се појавувала на работното место. Тоа е добра вест. На тој начин, корупцијата секако ќе се намали барем за оној процент со кој е корумпирана Димитровска.

Кога ќе помислам подлабоко, можеби е најдобро сите тие органи што ги имаме во борбата против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи ја тука целата собраниска, судска и владина администрација, воопшто да не се појавуваат на работните места. Еве, нека ги примаат тие нивни функционерски плати, плус фамозните патни трошоци и како десерт К-15, ама нека не се мешаат во својата работа.

Во тој случај, степенот на корупција драстично ќе се намали. И потоа ќе се изненадиме кога ќе се видиме во „Симпсонови“. Кога веќе пензионираниот „Летечки циркус на Монти Пајтон“ нѐ промаши, фер беше барем „Симпсонови“ да се сетат на нас. И од каде бејзбол во Македонија? Како од каде? Та, ние сме земја на чудата. Ако треба и на бејзболот. Само да останеме во периметарот на апсурдот и недораснатоста.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија