Во моите речиси 20 години живот во меѓународните средини, со луѓе од секакви културолошки заднини и зборувајќи повеќе различни јазици, секогаш ми било интересно како одредени длабоко прифатени појави и термини во Македонија се непознати за другите култури. Па така, честопати сум се наоѓала во ситуација да објаснувам што е „провев“, или зошто не смеам да излезам од дома со мокра коса. Сепак, терминот што секогаш изнудувал најмногу недоразбирања е „инает“.
„Инаетот“, онака како што се користи и како збор и како појава, не е само „тврдоглавост“, кој лесно се преведува како „stubbornness“. „Инаетот“ е посебен вид тврдоглавост, каде што целта што се обидуваме да ја постигнеме не ни е во корист, но вложуваме натприродни напори да ја оствариме, макар и на сопствена штета.
Со главата во ѕид, сѐ додека не видиме што има на другата страна од ѕидот. Тоа што има врата во ѕидот што можеме да ја отвориме наместо да се лупаме со главата во ѕидот е токму поентата на инаетот: продолжуваме да го правиме она што ни е крајно штетно за нас самите.
Се потсетив на погледите со неверување кога ќе ја објаснев појавава и не можам, а да не ја применам на моменталната ситуација на надворешната политика на Македонија, резултат на домашниот инает. Повторно, по којзнае кој пат стагнираме во европските интеграции за нешто што ќе беше лесно решливо, да не беше инаетот.
Оти, внесувањето на бугарското малцинство во Уставот не носи никакви опипливи последици за квалитетот на животот на кој било граѓанин или граѓанка на РСМ. Но, невлегувањето во ЕУ значи континуирано помали плати и можности, континуирано ограничен пазар за пласман на македонските производи и услуги и континуирана изолираност од масата на која се носат најважните одлуки за овој регион.
Ги разбирам оние што стравуваат, оправдано или не, дека овој услов не е последниот. Дека на секоја „кривина“ ќе нѐ чека нешто ново, сè додека не ни побараат да признаеме дека сме Бугари и дека зборуваме бугарски. Но, затоа постои дипломатијата.
Мора да изградиме стратегија за ЕУ и секоја ЕУ држава и посебно да ги поставиме вистинските луѓе за реализирање. Мора да најдеме начин да ја изградиме и да ја одржиме поддршката за нашата позиција, да ја ослабнеме бугарската позиција и да го одржиме тој (дис)баланс до последното гласање за наш влез, при крај на преговорите.
Тоа е како да трчате маратон секој ден од денеска сè додека не влеземе во ЕУ. Си бара кондиција, но алтернативата е да се затвориме дома како последни алкохоличари, кои одбиваат терапија сè додека не ни откаже црниот дроб.
Ги разбирам и оние што велат дека не е фер. Не е фер. Ептен не е фер. Како што и самиот Калимеро би рекол, не е праведно. Но, Калимеро е лик од цртан филм од 1963-та, кој ќе продолжи да оди на авантури дури и ако никогаш не направи нешто поконкретно и само продолжи да се жали. Ние го немаме тој луксуз.
Невлегувањето во ЕУ има многу конкретни последици за квалитетот на животот на секој граѓанин и граѓанка. Нашите студенти нема да ги имаат истите опции како државјаните на ЕУ, нашите бизниси не можат слободно да продаваат во земјите на ЕУ како европските бизниси, ние нема да имаме право на глас во најважните наднационални тела во Европа.
Но, што ако си го изгубиме идентитетот поради условите што Бугарија би можела да ни ги постави во иднина? Ќе повторам, просторот во кој Бугарија ќе игра во иднина зависи и од нашата дипломатија и колку ќе успееме да ја свртиме (дипломатски) играта во наша корист.
Но, да речеме дека ќе успееме да се избориме да ги заштитиме македонскиот јазик, култура и историја, онака како што Преспанскиот договор го направи тоа (со прифаќање на реалноста на терен, а не вадење изветвени политички идеи од 1903-та). Дали, сепак, можеме да го изгубиме идентитетот? Добрата вест е дека идентитетот, за разлика од паричникот, клучевите и слични физички предмети, не може да се изгуби случајно или да ни биде украден од други. Идентитетот можеме да го „изгубиме“ само ако ние самите се откажеме.
Како може да се откаже некој од својот идентитет? Со тоа што децата нема да зборуваат и учат на македонски, туку на англиски, германски, француски, шведски, словенечки… Со тоа што ќе си ја плукаме државата од странство, но и ќе фаќаме врски за сѐ нешто, од кинење сообраќајни казни до мито за судски процеси. Со тоа што нема да поддржуваме македонски бизниси и производство, но ќе се колнеме во туѓи добра.
И идентитетот го губиме, со секој наш човек што е принуден да се пресели во странство за многу реални бенефиции. Сите овие, но и многу други начини да се откажеме од идентитетот, не зависат од Бугарите, Брисел, Русите или Марсовците. Зависат од нас.
Ако не го решиме инаетот во нас самите, ќе нѐ чини сѐ.
Ивана Јордановска е докторантка по меѓународни односи на Универзитетот на Јужна Калифорнија, со фокус на НАТО и меѓународна безбедност и постара надворешна соработничка на Преспа Институтот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија