Изгубено време на изгубените во времето

Некои години се сушни, а некои се дождливи. Некои години се сончеви, а некои се со снег. Ама затоа сите години се – историски. Вака некако звучеше еден прастар југословенски афоризам, чие неминовно појавување од некои скриени сутерени на мојата сѐ понесигурна меморија беше предизвикано од бројните „историски“ референци за претстојниот договор за стратешко партнерство меѓу Велика Британија и Македонија, со кои буквално беше бомбардиран овдешниот медиумски простор.

Иако, се разбира, немам ништо против мојата држава да склопува што повеќе договори за стратешко партнерство, особено со важни држави, како што е Велика Британија, мора да признаам дека лично не знам што се подразбира под терминот „стратешко партнерство“.

Јасно ми е, на пример, што значи договорот за стратешко партнерство што неодамна го потпишаа американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Со овој договор, Саудиска Арабија се обврзува да купи од САД оружје во вредност од 142 милијарди долари, а, исто така, и да инвестира во САД околу 600 милијарди долари.

Саудиска Арабија е лоцирана во регион вековно потресуван од војни и немири, па трката во вооружување е неопходен услов за егзистенцијален опстанок, додека, сигурен сум, таа наоѓа и свој економски и политички интерес во инвестирањето на американската територија. Јасно ми е дека за „меркантилистичката“ политика на Доналд Трамп, ова е извонреден успех.

Неоколонијална добра волја

Не ми е јасно каков интерес гледа Велика Британија во стратешкото партнерство со Македонија, особено ако се точни тврдењата на македонската влада дека таа е подготвена тука да инвестира пет или колку веќе милијарди фунти или евра. Што ќе добие Обединетото Кралство во замена за тие пари? Белки нема да дадат толкави пари само затоа што нашиот премиер Христијан Мицкоски му е симпатичен на неговиот британски колега Кир Стармер.

Ако се во прашање економските интереси, тоа отвора уште повеќе дилеми. Македонија нема ниту соодветен пазар, ниту, пак, развиена меѓународна трговија, ниту е некаков финансиски центар за да може таа инвестиција да се оправда со некаков профит. Она што преостанува е евтината работна сила и евентуалните погодности и привилегии што државата ќе им ги обезбеди на потенцијалните инвеститори. Меѓутоа, таквиот однос денес се нарекува „неоколонијализам“, со што власта ја претвора сопствената земја во „робовска“ држава.

Не ми е јасно каков интерес гледа Велика Британија во стратешкото партнерство со Македонија, особено ако се точни тврдењата на македонската влада дека таа е подготвена тука да инвестира пет или колку веќе милијарди фунти или евра

Се разбира, не се работи ниту за политичко влијание, затоа што не само Велика Британија, туку многу други држави имаат и тоа какво политичко влијание, и тоа без никакви инвестициски циклуси.

Договорот за стратешко партнерство може да значи и само израз на добра волја, начин да се изрази своевидно почитување кон државата. Таков договор, на пример, САД потпишаа со Република Македонија. Тоа, се разбира, не ги спречи Американците промптно да ја признаат земјата под името Република Северна Македонија. Не сум сигурен ни дека видовме некаков финансиски бенефит од ова „стратешко партнерство“.

Дури и оние пари што, преку УСАИД, директно се слеваа во земјата (како и во други „нестратешки“ земји) сега се укинати (на голема радост на нашите десничари). Што мисли американскиот претседател за тоа стратешко партнерство можеби најдобро покажува неговата царинска политика, со која Македонија беше една од најпогодените земји.

Од друга страна, опозицијата тврди дека со овој договор, Македонија ќе се обврзе да прими мигранти од Британија што не добиле нивни азил. Патем речено, тие, одбиените азиланти, сигурно не се научници, лекари, инженери… Иако овие тврдења се промптно демантирани од власта и од овдешниот британски амбасадор, факт е дека во Британија веќе некое време се води дебата за трансферирање на нивните мигранти во таканаречени „мигрантски хабови“ во трети земји. А како можни „домаќини“ на овие логори се таргетирани токму земјите од Западен Балкан, меѓу кои, се разбира, е и Македонија.

Албанија беше првата и засега единствена држава во Европа што дозволи на нејзина територија да се трансферираат бегалци од друга држава, поточно од Италија. Меѓутоа, албанскиот премиер Еди Рама, на европскиот самит во Тирана (каде што Мицкоски и Стармер се договорија стратешки да се договорат) мазно го одби предлогот на Стармер да прими и бегалци од Британија. Зошто? Затоа што знае дека дури и пет еднократни милијарди долари, евра или фунти не се ништо, во споредба со фондовите на Европската Унија, кои наскоро континуирано ќе се влеваат во неговата држава.

Сакам да кажам дека Италија е членка на ЕУ, а Велика Британија не е. Албанија сега го отвори и четвртото поглавје во преговорите со ЕУ, со што моментално е најсериозниот кандидат за брз прием. И кога ќе стаса тој момент за влез во ЕУ, кој ќе ѝ стави вето на Албанија? Италија? Секако, нема. Тоа во шахот се нарекува „жртва на квалитет“. Впрочем, веројатно видовте како Еди Рама ја пречека во Тирана италијанската премиерка Карла Мелони. Сето тоа се делови од една иста игра.

Лет во место

Ете, пред извесно време, по повод одличната книга на Леа Ипи „Слобода“ (издание на „Или-или“), им објаснував на некои мои помлади колеги што се случуваше во Албанија во првата половина на 90-тите години од минатиот век, дека тогашниот премиер Сали Бериша евентуално контролираше четири улици околу зградата на неговата влада, дека земјата беше во тотален хаос и постоеше само преку добрата волја на меѓународната заедница. И им кажував каде бевме тогаш ние, а каде беа Бугарија и тогашната заедничка држава на Србија и Црна Гора. За среќа, не мора да им објаснувам каде сме сега. Знаат и самите.

Kруцијалното прашање е зошто сме сега ние тука, а тие таму? Затоа што имаме сериозно изразена волја – да губиме време. А тие што губат време, безусловно стануваат изгубени во времето

Поентата ми е дека, без оглед какви се условите и што добиваме, а што губиме со каков било договор за стратешко партнерство со Велика Британија, единствениот историски момент за оваа држава ќе биде тогаш кога ќе влезе во ЕУ.

Но, круцијалното прашање е зошто сме сега ние тука, а тие таму? Затоа што имаме сериозно изразена волја – да губиме време. А тие што губат време, безусловно стануваат изгубени во времето. Колку време изгубивме со оној блесав спор за името, небаре Република Македонија е некое магично име што ќе ни го зголеми стандардот, ќе обезбеди рекордни приноси секоја година, ќе ни ја развие индустријата…

Не морам сега да „гатам“ што ќе беше ако беше, ама ако го решевме тој спор со време, Бугарија сигурно ќе немаше ни можности, ни сила да го условува нашето влегување во ЕУ. Но, затоа можам да претпоставувам што ќе биде, ако биде вака, ако продолжиме да губиме време. А сите изгледи се дека нема да се откажеме од таа упорност.

Значи, сега губиме време со отворањето на Уставот. Ќе поминат години, за жал, ама на крајот ќе сфатиме дека бугарското малцинство ќе мора да влезе во Уставот. И ќе влезе. И знаете што: тогаш Албанија ќе ни стави вето. Или Србија. Или Црна Гора. Или кој и да е. А ние гордо ќе го славиме денот кога сме потпишале договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Стратешки и историски изгубени во времето.

Не сум ја гледал, ниту читал драмата на Слободан Шнајдер „Енциклопедија на изгубеното време“, но од некои осврти за неа сфатив дека едно од клучните прашања што таа ги поставува е дали постои право за отштета за живот потрошен во изгубено време. Ни Британија ги нема тие пари да се исплати штетата на генерации овдешни граѓани што залудно ги потрошија своите животи.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија