Македонија има богата историја на глупави референдуми. Некои поради глупавите или лошо срочени прашања каков што е оној чијашто годишнина неодамна ја прославувавме, кој се однесуваше на „самостојна и суверена држава со право да стапи во сојуз со други суверени и самостојни држави“ – како божем, ако веќе е во план некаков сојуз не треба да се прави друг референдум. Некои поради лошата поставеност на референдумот, каков што е оној за локалната самоуправа, каде што „некои прашања не заслужуваа одговор“.
Тој, имено, се спроведе на територијата на целата држава, па така жителите на Босилово можеа рамноправно да одлучуваат за судбината на Струга, на пример. Некои се глупави во самата најава, на пример референдум за името на државата, кој верижно може да предизвика референдум во соседна Грција, која името „Македонија“ исто така го смета за внатрешно-политичко прашање. Но, без конкуренција, најглупави се оние што ги решаваат светските глобални прашања на ниво на – Општина Аеродром! Значи, референдумите за бегалците.
Деновиве имавме мошне важни референдуми за државата, за жал, повеќето неуспешни, а кои, исто така, беа погрешно поставени. Се разбира, мислам на референдумите за, односно против, отворањето на рудниците во југоисточна Македонија. Велам дека беа погрешно поставени, затоа што рудниците, иако премногу важни за локалната самоуправа, се прашање од државен интерес. Се разбира, пред сѐ од таканаречената еколошка перспектива, односно од аспект на здравјето на граѓаните, но и од економски, социјален, па и социолошки аспект.
Во богатата историја на македонските глупави референдуми, референдумот за мигрантите зазема почесно место, а сега се предлага и референдум за законот за јазиците
Ги споменувам неуспешните референдуми за рудниците, организирани од активистички и граѓански организации, затоа што ми беше симптоматично дека партијата на власт (СДСМ) речиси целосно ги игнорираше. Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев не даде никаква изјава во врска со овие прашања (или барем јас не забележав, што ќе каже дека и ако нешто рекол, тоа било прилично штуро). Од друга страна, по повод референдумите за бегалците, Заев, отприлика, изјави дека неговата партија нема ништо против и дека ќе го поддржи нивното организирање, затоа што, според Заев, на овој начин ќе се разоткријат лагите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за наводното градење станови за мигранти и за наводната загроза на македонскиот идентитет од најавената наезда на бегалци на македонска територија.
Ова може да ви прозвучи пресилно, но јас не знам како поинаку да го кажам: премолчувањето на референдумите против бегалските права значи, и на краткорочни и на долгорочни патеки, одобрување на воведувањето фашизам. Како што премолчувањето на референдумите против рудниците, на краткорочни и на долгорочни патеки, значи воведување феуди. Со еден збор кажано – феудален фашизам.
Претпоставувам дека не морам премногу да ги објаснувам моите прејаки термини: омразата кон сѐ што е поинакво, што има поинаква традиција, поинаква култура, поинаква мака и поради кое организираме референдуми е далеку од каква било демократија – толку далеку колку што токму фашизмот е оддалечен од демократијата. Од друга страна, стравот дека нашите традиционални вредности (!), ете, ќе бидат загрозени од инакви вредности, поточно дека само нашите вредности (ако воопшто ги имаме) се единствените исправни, навистина не може да се кавлификува никако поинаку, освен како – фашизам!
Премолчувањето на референдумите против бегалските права значи, и на краткорочни и на долгорочни патеки, одобрување на воведувањето фашизам
Целата извитопереност на работава со мигрантите се гледа токму во фактот дека за тоа одлучуваат советите на општините, односно на локалната самоуправа. Ова ќе биде веројатно првпат во историјата на институционализираната демократија главна тема на локални избори да биде глобалниот феномен на бегалците. Јас знам дека овие локални избори се премногу важни (а кои не биле?), меѓутоа, навистина ли локалната самоуправа остана да зависи од светските бегалски кризи? Навистина ли граѓаните од општините немаат никакви други проблеми, па сега идиличниот живот ќе им ги растурат бегалците? И, конечно, навистина ли локалната самоуправа ќе ја реши бегалската криза?
Но, она што е главно обележје на овој тип размислување е дека еден фашизам раѓа друг фашизам. Или што би се рекло на македонски: еден референдум предизвикува друг референдум. Сега веќе се зборува за спроведување референдум за законот за јазиците, што ќе каже уште еден во серијата непотребни и глупави референдуми за ограничување на човековите права.
Иако е нејасно на кој начин тоа македонскиот јазик е загрозен со правото на употреба на некој друг јазик, неговата одбрана, слично како и референдумите за и против мигрантите, ете стана уште една од темите на локалните избори. Претпоставувам дека Советот на Општина Аеродром ќе знае да се справи со овој напад врз македонскиот јазик.
Кога сме веќе кај јазиците и нивната употреба, тогаш, ако ни биде дозволено, ќе се обидеме да го парафразираме големиот Фердинанд де Сосир: Ако се разбираме, тогаш го зборуваме правилниот јазик. Ако не се разбираме, тогаш никакви правила, правописи и референдуми нема да помогнат.
Ние, за жал не се разбираме!