Некогашниот политичар, а сегашен мој колега, новата ѕвезда на српското јутјуб-небо, Немања Шаровиќ, буквално се прослави со видео и телевизиските анкети со учесниците на митинзите што ги организира српската владејачка партија како контратежа на студентските протести, успешно деконструирајќи ја „идеолошката“ подлога на овие таканаречени сендвич-движења.
Ете, на неодамнешниот митинг, токму пред камерата на Шаровиќ „налета“ една наша сограѓанка, гордо претставувајќи се: „Ми смо из Скопља“. Шаровиќ отприлика ја праша што бара во Белград, а госпоѓата одговори дека дошле да поддржат, а на прашањето зошто не отишле во Нови Пазар да го поддржат тамошниот студентски собир, „кој е многу поубав од овој“, жената едноставно избега. Со трчање.
Така останавме ускратени од одговорот на клучното прашање. Да, навистина што бараат македонските државјани на политички митинзи во соседната држава? Кого, што и зошто поддржуваат?
Сендвич поддршка
Иако за мене не беше изненадувачка, сепак веста дека 11 автобуси, односно околу 500 луѓе од Скопје, организирано заминале во Белград за да му дадат поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, кому легитимитетот му е сериозно разнишан, секогаш предизвикува доза на чудење.
Јас навистина не знам во чија организација се отидени тие автобуси и кој тоа го плаќа. Не знам ни што им е понудено на учесниците на овој чуден конвој. Според некои информации, освен бесплатниот пат и традиционалните сендвичи, наводно им е понудена и обилна кафеанска вечера. Но, без оглед на овие понуди, на можноста да се посети Белград и шансата да се направи некаков шопинг, самиот повод на посетата не може да се остави на страна.
Главната цел на српските протести е борбата против корупцијата, односно воведување на принципите на правната држава. Ние, пак, како да немаме потреба да се бориме за тие исти цели
Македонските граѓани заминаа за Белград за да поддржат еден диктатор и еден хибриден режим, длабоко потонат во корупција и криминал. Велам дека не сум изненаден од овој потег на нашите сограѓани, затоа што сум доволно возрасен да помнам како на автобуси, камиони, па и на јавни места во Скопје и во другите македонски населени места беа лепени слики на тогашниот српски лидер, а подоцна воен злосторник, Слободан Милошевиќ.
Помнам дека и тогаш, оттука организирано се одеше на големиот митинг на Газиместан, наводно прослава на 600-годишнината од Косовската битка, а, всушност, фестивал на великосрпскиот национализам, искористен за најава на скорешните југословенски војни.
Во таа смисла, мислам дека оние 500 поддржувачи на Вучиќ, во суштина се само дел од луѓето што беа викендов отидени во Белград, а сигурно многу мал дел од сите оние што од некои причини му се восхитуваат на српскиот властодржец. Од друга страна, на овдешните протести поради незамисливата трагедија во Кочани не можат да се соберат ни 500 луѓе.
Да се потсетиме, поводот за масовниот студентски отпор во Србија беше падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што животот го загубија 16 луѓе (меѓу кои и еден македонски државјанин). Овдешните студентски протести поради 60+ жртви во Кочани беа абортирани пред воопшто да се породат. Накусо кажано, главната цел на српските протести е борбата против корупцијата, односно воведување на принципите на правната држава.
Ние, пак, како да немаме потреба да се бориме за тие исти цели. Како да не ја гледаме корупцијата во која живееме, неказнивоста и селективната правда.
Пропагандна вистина
Или како лесно да потпаѓаме на чудните пропагандни еквилибристики. Според (про)владините медиуми и ботови, со примена на оваа парадоксална пропагандна алхемија, ете некако излезе дека секаков евентуален протест или отпор кон македонската реалност однапред е прогласен за – корумпиран и поткуплив. Наспроти владејачката пракса, која, претпоставувам, според оваа логика не е корумпирана и не е дел од светските заговори.
Секој израз на незадоволство е протолкуван како желба или борба за власт. Во таа пропаганда уште играат улога веќе непостоечката УСАИД, потоа деактивираниот Сорос, па недефинирани или неидентификувани странски служби и светски заговори.
Каква е таа потреба од цврстата рака на „таткото на нацијата“? Од некого што ќе биде „паметен“ место нас, кој ќе ни ги средува животите, ќе ни кажува што е добро, а што лошо за нас, што е вистина, а што лага?
Па, уште ќе се привикаат „злите духови“ на Шарената револуција, небаре не беше тоа инстинктивен отпор кон тиранијата и диктатурата. Небаре тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов не амнестираше сѐ уште неосудени функционери. Небаре Мартин Нешкоски не беше убиен на некаква изборна прослава на ВМРО-ДПМНЕ. Небаре не се испраа никакви пари преку стиропор-проектот „Скопје 2014“. Или не се раскрчи тешко засадената шума на Водно за да се направи пат до никаде.
Ваквата реторика автоматски подразбира дека нашите институции можеби не се совршени, ама се наши. И ние навиваме за нив, па какви и да се тие. Со други зборови, секој критички глас автоматски се толкува за предавство на националните интереси. Оттука произлегува дека нашите национални интереси се поткупливоста на функционерите и нивната неказнивост. Плус патните трошоци на народните пратеници.
Но, да се вратиме уште малку на нашите верни поддржувачи на странскиот лидер. Видов некои реакции на социјалните мрежи, но не видов никаква реакција од официјалните органи, никаква информација за организацијата и финансирањето на целото ова патешествие, ниту кој реално стои зад целата „операција“. На пример, дали е финансирана од странство или од домашни средства? Дали државните органи на кој било, посреден или непосреден, начин учествувале во спроведувањето на кордонот поддржувачи во соседна Србија?
Премолчувањето на овие информации може да се протолкува и како своевидна поддршка. Можеби премолчена, но, сепак, поддршка. Јас само се прашувам каква ќе беше реакцијата ако 11 автобуси организирано отидеа како поддршка на Каракачанов или на Бојко Борисов во Софија? Или на Мицотакис во Атина? Или на Еди Рама во Тирана? На крајот на краиштата, и во овие градови може да се прави шопинг и да се вечера во кафеана.
Од каде произлегува таа наша ирационална љубов кон популистичките лидери од типот на Вучиќ или Орбан, па ако сакате и на Трамп или Путин? Или Никола Груевски? Каква е таа потреба од цврстата рака на „таткото на нацијата“? Од некого што ќе биде „паметен“ место нас, кој ќе ни ги средува животите, ќе ни кажува што е добро, а што лошо за нас, што е вистина, а што лага?
Искрено, не го знам одговорот на ова прашање (како и на многу други). И нема ниту едно друго толкување, туку дека е тоа резултат на општата културна клима во која живееме. Клима во која образованието и воспитанието на децата ни го „водат“ обложувалници и казина, каде што идоли и идеали не се научници или уметници, туку оние „што се снашле“, каде што турбо-културата се „пумпа“ на најјако, а шундот доминира на телевизиските екрани.
Само така е можно кога Немања Шаровиќ ќе ни постави едно сосема рационално прашање, нашиот одговор е да избегаме. Со трчање. Како онаа госпоѓа од почетокот на текстов. Затоа што ни самите не знаеме зошто сме таму каде што сме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија