Како ни бега поентата на процесот

Колумна на Димитар Димитров

Пржино департизацијата на државата им ја остави во аманет на самите партии, со доминација на партиите од власта – субјекти на партизацијата.

Во досегашниот тек на процесот (Договорот од Пржино) дојдоа до израз две негови фабрички грешки, на кои свовремено, за жал залудно беше предупредено: фиксацијата на терминот за предвремените избори и решителното учество на актерите на кризата како актери на нејзиното решавање.

Со време, таквите амбивалентни играчи фиксираниот термин го промовираа во независен и главен елемент на процесот, а Хан во дослух со нив афирмира мудрост за фер избори без оглед на тоа дали опозицијата ќе учествува на нив! Опозицијата бара четириесетдневно одлагање, Орав и Бејли си резервираат три недели за да се изјаснат дали ќе се исполнат три важни услови (прочистувањето на избирачкиот список, реформа на медиумите и одвојување на партиите од државата).

Па, почитувани, белки изразот фер или кредибилни избори, подразбира и фер однос кон гласачите. Во актуелниот случај тоа подразбира поврзување на терминот за изборите со расветлувањето и разрешувањето на причините што тие избори ги условиле: партиската узурпација на државата, масовното прислушување и наводите за изборни манипулации, криминал и корупција. Тоа понатаму подразбира политичка и правна одговорност на осомничените функционери, или отфрлање на наводите за нивната инволвираност во криминалот. Објективно, таквиот след на процесот е во полза и на осомничените раководства на партиите од владеjачката коалиција. Нивното брзање за избори е покомпатибилно со наводот на Прибе за УБК како веројатен субјект на прислушувањето, отколку со нивниот сопствен навод за странска служба и за монтирани ленти. Гласачот тука останува во голема недоумица.

Положбата не ни ја олеснува ни ЕК. Со Договорот од Пржино таа практично ѝ го прекина мандатот на Владата, иницирајќи ги институциите Анкетна комисија при Собранието и Специјално јавно обвинителство за утврдување на политичката, односно правната одговорност. Но, несоодветно на тоа, тие институции ги препушти на судбината на сите институции во државата, т.е. да станат плен на власта, на која ем ѝ се скратува мандатот, ем се остава да господари на теренот. Анкетната комисија, со членови јунаци од снимките (!), е веќе заборавена, откако со неа си поигра премиерот, а СЈО, наместо субјект што ќе иницира санкции, се злоставува како објект на санкции, со мафијашки марифети од керберите на режимот. Како заробена падобранска единица на непријателот.

Друго олицетворение на непријателот е Ванхојте – со Прибе и соработниците, најдоблесниот европски играч во процесот. Наместо цивилизиран исход од комплексот посредуван со масовното прислушување, Груевски ја активира „македонската борба“, а пресметката со непријателските странски служби, во лицата на Катици, Ванхојтовци и Заевци, ја префрла на брзите предвремени избори, кои очекува да му донесат нов мандат на „клоците“. Така изборите на 24 април стануваат дел од колекцијата на предвремени избори по вкусот на Груевски, која тргна по самитот на НАТО во Букурешт („поздравена“ од потписникот на овие редови како „атак врз уставното уредување“).

Куриозитет во најновиот случај, покрај „бомбите“ на Заев, е обелоденетата соработка со странски служби на самиот Груевски, кој константно ги обвинува со тој мотив опозицијата и „соросоидите“. Сега поимот (странски служби) се релативизира. Заев, односно „соросоидите“, соработуваат со официјални институции на меѓународната заедница без оштетување на буџетот, додека Груески соработува со лобисти кои свиркаат на демократијата и на принципите и притоа штедро ги плаќа.

Блага вест во овој контекст е најавата на бојкот и демонстрации на пребрзите предвремени избори од страна на организациите од граѓанскиот сектор, чие изоставување од процесот е уште една фабричка грешка на Договорот од Пржино.

Се плашам дека сите заедно, ние дома и меѓународната заедница, ризикуваме Македонија да ја претвориме во дел на Блискиот Исток

Реална противтежа на режимот беа заедно „бомбите“ на Заев и граѓанските демонстрации. Па од таа гледна точка, Пржино и изборите според разбирањето на Груевски и на Хан, го спасуваат режимот. Пржино департизацијата на државата им ја остави во аманет на самите партии, со доминација на партиите од власта – субјекти на партизацијата. Груевски, поддржан од Ахмети, јадрото на кризата (партизацијата на државата и криминалот) ги става под тепихот на странските служби, па својата најголема лична одговорност во врска со тоа ја покрива со поза на патриотизам, повикувајќи на борба против „ѓаволот“, кој стои зад Катици, Ванхојтевци и Заевци.
Притоа не само што не покажува грижа за партизацијата туку идентификацијата на државата со актуелната партија ја засилува во нејзина идентификација со историската ВМРО, која 123 години одолевала на непријателски посегања и опстанала. Пак ќе победи и на 24 април и на клоци ќе ги избрка функционерите наметнати со Договорот од Пржино. (Во говорот пред Унијата на жените Груевски не се служи со официјалното име на партијата туку само со префиксот ВМРО, па на идентитетот партија-држава му придава митски карактер и му подарува век во кој ја немало ниту партијата, ниту државата.)

Така се исполнува клучниот услов што го очекуваат Орав и Бејли.

Се плашам дека сите заедно, ние дома и меѓународната заедница, ризикуваме Македонија да ја претвориме во дел на Блискиот Исток. Колку и да се чини парадоксално, превенцијата од таквата опасност ја гледам не само во одлагањето на изборите туку и во замена на транкилизирачките Пржински договори-преговори со неодложни пристапни преговори за членство во ЕУ, како и во приемот во НАТО, под привременото име, во согласност со Времената спогодба и со Хашката пресуда. Колку повеќе се одлага нашата евроатлантска интеграција, толку повеќе ќе растат причините за нејзино натамошно одлагање.

Тоа е начинот да се воспостави македонската демократија, како дел на европската демократија и цивилизациските вредности. Другото е дребна реалполитика, која на долг рок скапо се плаќа.