Казна без злосторство

Дали секој бунт мора да заврши со оправдување на сеопштото злосторство или, напротив, дали, без барање на некоја неостварлива невиност, бунтот може да го открие принципот на една разумна одговорност?

Ова прашање го поставува Албер Ками уште во воведот на неговиот есеј „Побунетиот човек“ (1951). Ками, расправајќи на вечната тема на односот на хуманизмот и насилството, на револуционерниот пристап и системското насилство што се оправдува со  повисоки цели и практично се спроведува со автократски и авторитарни системи, му го спротивставува искуството на синдикалните движења или она што денес го нарекуваме – протести. Со други зборови, Ками го оспорува насилството што се извршува во името на идеологијата или државните интереси.

Наспроти овој тип насилство, бунтот (она што денес го нарекуваме граѓански протест) е иманентен на човекот. Тоа е неговото cogito. Се бунам – значи постојам. Значи, насилството е легитимно и оправдано, иако не мора да биде легално, ако е одговор на онеправденоста и одземањето на достоинството на поединецот или на групата.

Здравко Савевски и Владимир Куновски се осудени за учество во толпа „од поголема група граѓани, која со заедничко дејствување оштетила имот од поголема вредност, на начин што обвинетите биле дел од толпата, која со фрлање тврди предмети и удирање, ги искршила излозните стакла и двојната влезна врата на канцеларијата. Потоа влегла внатре, при што со кршење бил оштетен инвентарот и ентериерот на канцеларијата, а дел од инвентарот бил изнесен надвор на улицата и опожарен, а дел одземен, при што е причинета штета на надворешниот и внатрешниот дел од објектот на народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во износ од 522.000 денари, износ што е од поголема вредност, со кој дејствија обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски сториле едно кривично дело, учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385, став 1 од Кривичниот законик“.

Пресудата на Апелациониот суд е бесмислена од повеќе аспекти. Прво, ако не беше оваа пресуда, никогаш немаше да знам дека на тој 12 април 2016 година сум бил дел од „толпа“, а не, како што досега бев убеден, дека сум дел од граѓански протести. Второ, „народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија“ е простор, кој доби свое значење токму на тој 12 април.

Парадоксот е во тоа дека тие што се најзаслужни за промената на неправедниот систем, сега се санкционирани од новиот, наводно праведен, систем.

Имено, Канцеларијата, сместена, би рекол, сосема неприродно, во еден од најатрактивните делови од градот, до тој момент служеше буквално за – ништо. Во повеќе од 90 проценти од периодот кога влезе во владение на претседателот на Републиката, таа беше заклучена и полна со прашина. Дури откога се случи „нападот“, некој се сети дека има простор тука и дека можеби би можел за нешто да се искористи.

Трето, пресудата е донесена по речиси шест години од настанот, односно неполни месец дена пред да застари делото, и тоа по претходно донесени две ослободителни пресуди, што наведува на заклучок дека процесот траел сѐ додека не се пронајде начин обвинетите да бидат казнети.

Четврто, и претходно се донесени пресуди за истото дело за сторители што ја признале вината, што значи дека државата веќе наплатила надомест за штета, односно сега двојно (или можеби тројно?) го наплаќа истото обесштетување.

Но, она што е најважно, а што судот не го зема предвид, е – контекстот. Протестот беше револт против државното насилство. Директно предизвикан од нелегитимното и нелегалното помилување на евидентниот криминал на највисоките ешалони на власта, токму од страна на претседателот на државата. Тогашниот претседател на државата, сегашниот пензионер Ѓорге Иванов ужива во сите (преголеми) привилегии што му ги дава оваа држава, која, патем речено, не ја признава под нејзиното уставно име.

Тој 12 април пред шест години почна таканаречената „Шарена револуција“, серија секојдневни протести против озаконетата неправда, кои во крајна инстанца доведоа до смена на власта и бегство на неколку функционери, меѓу кои и на тогашниот премиер, сега унгарски азилант, Никола Груевски. На бранот на тие протести, на власт доаѓа СДСМ на чело со Зоран Заев, кој со програмската парола „Едно општество за сите“, ветува радикални промени на веќе длабоко гнилиот систем.

Токму во таа парола можеа да се сведат и основните барања на „Шарената револуција“, меѓу кои едно од најважните беше еднаквост на сите пред институциите на системот. Се разбира, тука влегува и барањето за неселективна правда. Парадоксот е во тоа дека тие што се најзаслужни за промената на неправедниот систем сега се санкционирани од новиот, наводно праведен, систем. Токму затоа што се бореа за истите принципи за кои наводно се бори и сегашната политичка елита.

Шарената револуција ќе остане светла точка во историјата на македонскиот граѓански отпор. Савевски и Куновски со оваа пресуда имаат шанси да станат симболи на тој отпор

Останува отворено прашањето, дали актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски ќе ја искористи можноста, како што тоа го направи неговиот претходник (и тоа со тогаш уште необвинети лица) и ќе ги аболира обвинетите за учество во „толпа“ и зошто нема да го направи тоа?

Пред десетина дена беше обележена деветгодишнината од смртта на Пламен Горанов (1976 – 2013), симболот на бугарскиот граѓански отпор. Пламен Горанов почина на 3 март 2013 година од последиците од неговото протестно самозапалување пред општинската зграда во бугарскиот приморски град Варна на 20 февруари истата година.

Иако овој драстичен случај е неспоредлив со што било што се случуваше во времето на Шарената револуција, човек не може, а да не помисли што ќе се случеше ако Горанов преживееше и врз него беа применети аршините на македонската правда. Ќе го обвинеа ли бугарските власти за предизвикување пожар на јавно место? Или за предизвикување општа опасност? Или за пироманија?

Шарената револуција ќе остане светла точка во историјата на македонскиот граѓански отпор. Савевски и Куновски со оваа пресуда имаат шанси да станат симболи на тој отпор. Зградата на Апелациониот суд има шанси да биде следниот објект што ќе биде демолиран. Затоа што пораката што ја праќа Судот дека протестите, не само што не се исплаќаат (нема промена во селективноста на правдата), туку и ќе бидат санкционирани, едноставно е погрешна.

Вистинската порака е дека државниот тероризам е уште во сила (жртвување невини луѓе). А, како што вели Ками, против државната неправда вреди човек да се бунтува. Затоа што тоа е смислата на неговото постоење.