Скопје е повторно меѓу топ пет најзагадени градови во светот. Синоќа едно време беше на второто место, веднаш зад пакистанскиот Лахоре.
Во меѓувреме, според советниците од „Шанса за Центар“, Советот на Општина Центар го одбил нивниот амандман на Предлог-програмата за работа на Општината во 2022 година за зголемување на бројот на контејнери за селекција на отпад, како и за зголемување на фреквенцијата на собирање кабаст отпад на еднаш месечно.
Истата судбина ја доживува и амандманот за идентификување на бројот на димоводни канали и горилници во објектите на подрачјето на општината како подготовка за изготвување Катастар на загадувачи. Впрочем, од „Шанса за Центар“ велат дека Општината, на планот на екологијата предвидела нула активности.
Од друга страна, Градот Скопје предвидува намалување на ставката за екологија во буџетот за следната година. Советниците од асоцијацијата „Зелен и хуман град“ како да го премолчеа овој факт или барем не ја алармираа јавноста за (не)преземените активности, како што тоа го прават нивните колеги од „Шанса за Центар“.
Зошто метална клупа, поставена на тревник во парк, е општествено прифатлив, дури и пожелен објект, а лименка оставена крај таа клупа не е. Или зошто пластичен контејнер на некој тротоар е во ред, а пластична кеса до него не е?
Во меѓувреме, возот од Битола до Скопје патува повеќе од осум часа. Собранието се подготвува да донесе закон за легализација на дивоградбите во заштитените подрачја. А скопјани го дишат најзагадениот воздух на светот.
Каде исчезна онаа, во предизборната кампања, толку бучно најавувана „зелена агенда“ на политичките партии? Долго, владејачката ДУИ, чии советници имаат не мало влијание по општинските совети, дури и се ребрендира во „зелена“ партија. ДОМ, официјалната „зелена“ партија кај нас, со своите внатрепартиски превирања, дополнително се измаргинализира.
Каде, значи, исчезна декларативната заложба за трите од четирите главни елементи на космологијата и митологијата: земјата, воздухот и водата? Се чини дека, за жал, само четвртиот елемент, огнот, не ни недостасува.
Добро, како и во секое сиромашно општество, и во Македонија екологијата е на прилично ниско место на личните и политичките приоритети, освен можеби за оние жители во регионите што се директно погодени од, на пример, отворањето нови рудници. Токму затоа и отсуствува солидарноста на жителите од другите региони кога засегнатото население ќе сака да си ја одбрани својата животна средина.
Ниво е тоа на еколошката свест. Кај нас стотина илјади домаќинства (веројатно и повеќе) индивидуално и канцерогено се греат на сѐ и сешто, од јаглен до пластика. Отпадот не се одвојува, ниту се рециклира. По земјата комфорно се тркалаат половни „дизелаши“. Во реките се изливаат фекалии и отпадни води. Шумите се палат секое лето, а се крадат секоја есен. Заштитените видови животни речиси и не се чуваат. Се градат дивоградби по национални паркови и заштитени зони. Па, ако сакате, и во клозетските шолји се фрлаат тампони и влажни марамчиња.
Во таа смисла, најголемиот егзистенцијален предизвик на нашето време, глобалното затоплување, за нас е на поголема дистанца од оддалеченоста на планетата Земја од соѕвездието Алфа Кентаури, на пример. Тоа е мисловна именка со која немаме никаква допирна точка.
Во оној свет кон кој божем се стремиме, термоелектраните се перципирани како најголеми загадувачи, а јагленот како суровина што најмногу загадува. Кај нас е ден на национална жалост кога на РЕК „Битола“ ќе ѝ откаже еден блок, а нови рудници за јаглен ни се потребни како вода на изгубен бедуин во пустина.
Натаму на листата на загадувачи се токму рудниците, рафинериите, топилниците, фабриките за масло… Еве еден интересен податок: еколошката наука утврдила дека меѓу најголемите загадувачи се и – фармите за свињи, како и живинарските фарми! Веројатно, екологистите преферираат добро печено прасечко месо, па овој факт некако се провлекува под нивниот радар.
Од некои причини, кај нас повеќе јавност се дава на чистотата, односно валканоста, отколку на загаденоста, која е дефинитивно попогубна за човековото здравје. Имено, концептот на ѓубрето и хигиената е дефинитивно општествен производ на моралната еволуција кај поединецот. Во таа смисла може да се постави прашањето што е чисто, а што нечисто?
Луѓето кај нас не се чувствуваат загадено, туку згадено. Пред сѐ, чувствуваат морална згаденост. И таа се шири од ѓубрето кон луѓето. Особено кон политичарите
Иако прашањето на „чисто“ и „нечисто“ постои само како општествен, а не природен концепт, тоа е многу подлабоко врзано за нашиот морален хабитус отколку труењето со оние пи-ем честички. Да се обидам да ја илустрирам мојата теза со еден измислен експеримент. Замислете дека истражувач носи мртва лебарка, израсната во целосно чисти и стерилизирани лабораториски услови, а потоа и дополнително ја стерилизира за да не остане ниту еден микроб што може да наштети на човековото здравје. И потоа само ја става во вашата чаша сок од портокал и веднаш ја вади. Дали вие би го испиле тој сок? Повеќето од нас секако не би, затоа што тој сок за нас е веќе „загаден“, иако де факто не е. Тоа е прашање на нашиот систем на вредности.
Повеќето луѓе го сфаќаат своето тело како храм, а не како забавен парк или игралиште. А така ја сфаќаат и државата. Затоа се индолентни кон загадениот воздух и невидливите отровни честички, иако сериозно ги чувствуваат нивните последици. А не се рамнодушни кон пластичните кеси, на пример.
Сакам да кажам дека луѓето кај нас не се чувствуваат загадено, туку згадено. Пред сѐ, чувствуваат морална згаденост. И таа се шири од ѓубрето кон луѓето. Особено кон политичарите, без оглед дали се на власт или се во опозиција, односно во зависност од преференциите на оној кому му се згадило.
Тоа политичарите многу добро го знаат и затоа Скопје и натаму ќе биде, што би се рекло, лидер во регионот и пошироко по нечист воздух и по сите последици што доаѓаат од овој факт.
Сѐ додека на луѓето не им се згади од загаденоста на воздухот. А еден ден ќе им се згади.