Фрапантна е леснотијата со која во правосудната фела се однесуваат кон критиките за ниската доверба на граѓаните во судскиот и во обвинителскиот систем. На реторичкото прашање – како понатаму, претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, самата си даде еден типичен „пери-носи“ одговор: „Тоа е еден долг континуиран процес. Не може преку ноќ да се врати довербата на граѓаните во судството“.
Во случајов има еден голем апсурд: кај нас ништо не може да се промени преку ноќ, ама преку ноќ најчесто се носат кадровски решенија, кои потоа ќе објаснуваат дека ништо не може да се направи преку ноќ.
Истото го гледаме и го слушаме 30 години, што укажува на еден основен и постојан дефект – дека историјата почнува одново, со секое ново именување и ветување. Ако сите гарнитури во правосудството вградуваа барем по една реформска тула во изградбата на систем од доверба, до денес требаше да имаме супермодел, кој можеше да стане извозен продукт.
Може ли барем да го одредиме нулта денот/ноќта од кога ќе почне да се гради реформиран, праведен и функционален систем, за никогаш повеќе да не се правдаат со фамозното „не може преку ноќ“. За илустрација, од независноста до денес поминаа 30 години, со по 365 денови/ноќи, или вкупно 10.950. Речиси за 11 пати е надминат епскиот рекорд на принцезата Шехерезада, која била принудена 1.001 ноќ да раскажува приказни во продолженија, со цел да го пролонгира нејзиното погубување.
Во време обременето со безброј кризи, кои од буџетот направија фонд за делење на сиромаштијата, и институциите во правосудството треба да ја делат реалноста со други професии, кои, исто така, со право бараат подобрување на материјалната состојба
Уште колку години ние треба да ги слушаме истите прикаски со кои се пролонгира демонтажата или реформирањето на еден систем, кој се оддалечува од правдата негувајќи статус кво, додека декларативно ламентира за реформи?
Со години гледаме дефилеа со исти ветувања, празни дебати на украсени маси, на кои повеќе доминираат икебаните, отколку целата таа плејада долгогодишни правораздавачи. Не проаѓаат веќе прикаските дека за враќање на довербата „се вклучени низа мерки, активности, методологија за квалитативно оценување, објективен пристап и елиминирање на субјективниот“.
Зар и досега немаше механизми за тоа? Секое спомнување на нови стратегија и методологија предизвикува алергија кај граѓаните. Тие очекуваат дела. Ако не се работи на реформите, или не се работи доволно, или не се работи искрено, или се чека реформираното судство да ни падне „од небо“, тоа е најактивна позиција за поддршка на критикуваното антиреформство или постоечкото статус кво.
Но, најмногу од сѐ иритира кога во дебатата од фелата како ПРВО го посочуваат прашањето за материјалниот статус. На прво место се парите, потоа има неколку празни места, па ќе промрморат и збор-два дека треба да се дебатира и за етиката, професионалниот интегритет и транспарентноста.
Треба да биде обратно. Прво да има судии и обвинители со висок морал и професионален интегритет, кои нема да се шалтаат од еден во друг партиски тефтер, зависно од тоа кој победил на изборите или се очекува да победи, кои ќе ја добијат довербата за неселективна и ефикасна работа, па откако ќе постигнат такви дострели – со целосно право и крената глава нека зборуваат и за соодветен материјален статус.
Уште колку години ние треба да ги слушаме истите прикаски со кои се пролонгира демонтажата или реформирањето на еден систем, кој се оддалечува од правдата негувајќи статус кво, додека декларативно ламентира за реформи?
Ама ако водата се тера доминантно на таа воденица, демек, само добро платени судии и обвинители се гаранција за независност и висок имунитет на притисоци или корупција, тоа едноставно не е точно.
Ќе потсетам на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Материјално беше „полно како брод“. Вкупниот буџет на СЈО, на пример, беше десетпати поголем од тој со кој располагаше Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК), или речиси идентичен на вкупниот буџет на другите 20 основни јавни обвинителства и ЈОГОКК.
Дали тоа ја спречи Катица Јанева да постапи така како што постапила? Не. Значи се враќаме на основната кота – етиката, професионалноста и личниот интегритет.
Патем, во време обременето со безброј кризи, кои од буџетот направија фонд за делење на сиромаштијата, и институциите во правосудството треба да ја делат реалноста со други професии, кои, исто така, со право бараат подобрување на материјалната состојба.
Зар тоа не важи и за образованието, кое е клучен сегмент за секое општество? Дали сте го виделе процентот што се издвојува за научно-истражувачка дејност? Ова се само дел од примерите, ги има многу.
Судството и обвинителството најбргу можат да ја вратат довербата, само по „цена“ на неселективно и ефикасно постапување. Се разбира, ако не сакаат симбол за најголемата светла точка да им бидат светилките во канцелариите.