„Македонската носија е мошне внимателно креирана од вредните раце на македонската жена…“ и натаму „… истовремено (е) и доказ за гордото опстојување на македонскиот народ“.
Што ни кажуваат овие два навидум банални училишни цитата за идеолошкиот и патриотскиот капацитет на македонската народна носија, истргнати од учебникот „Музичка уметност“ за Втора година гимназиско образование (автори: Анкица Витанова и Силвана Гелевска, Еврокулт 2000, одобрен од Министерството за образование и наука во 2002 година)? Се разбира, освен ноторниот факт дека од некои причини карактеристиките на македонската народна носија се предмет на изучување во музичкото образование (!).
Ние имаме неприкосновено славно минато. Грција има неприкосновено славно минато. Бугарија има неприкосновено славно минато. Албанија и Србија, исто така. Никој нема неславно минато!
Во оваа пригода нема да се задржуваме на поттекстот за „вредните раце на македонската жена“. Иако и тука има што да се каже. На пример, воопштувањето дека сите македонски жени имаат вредни раце (претпоставувам, за разлика од жените од другите нации, кои, ете, не ја создале македонската народна носија) или дека божем креирањето на македонските носии е работа исклучиво наменета за жени. Повеќе нѐ интересира наводниот доказ за „гордото опстојување на македонскиот народ“.
Не е тука проблем учебникот по музичко образование или е најмал проблем. Проблем е суптилното протурање на идеолошката потка на митологизирање на народот и нацијата и создавање мит од неговата историја. Тоа што „гордоста во опстојувањето“ не е ни во обид образложена, говори дека авторите, а заедно со нив и училишните педагози, а уште поважно, и образовните власти сметаат дека славното минато, едноставно, се подразбира и нема никаква потреба тоа да се објаснува.
Секаде околу нас преовладува славното (а во суштина конфликтно) минато. Ние имаме неприкосновено славно минато. Грција има неприкосновено славно минато. Бугарија има неприкосновено славно минато. Албанија и Србија, исто така. Никој нема неславно минато! Секаде никнуваат музеи за воената слава, никаде нема музеј што би поттикнал срам од војната.
Оваа, суштински, десничарска и традиционалистичка хегемона колективна национална меморија, која како што гледаме им се набива на децата уште во училишната возраст, скапо нѐ чинеше во спорот со Грција, а сега цената ја плаќаме и во бугарско-македонскиот конфликт. Едноставно, и таму некој на децата уште во училишна возраст им набил некаква нивна национал-хегемонистичка меморија, создавајќи митологија од нивната историја.
Жртвата на паднатиот борец станува славење на војната. Поединечното тагување по изгубениот (најчесто) млад живот парадоксално се претвора во државен култ кон мртвите. Српскиот социолог Тодор Куљиќ забележува дека станува збор за (институционализирана) патетизација на смртта како несебичен чин на жртвување на животот за заедницата.
Што знаеме ние за македонските херои, кои најчето во своите рани млади години го изгубиле животот? Најчесто знаеме како загинале. Во најголемиот број случаи станува збор за предавства или саможртви.
Се разбира дека не можеме да знаеме ништо друго затоа што поради нивната младост, односно прерано прекинатиот живот, тие, едноставно, не успеале да ги развијат и да ги покажат сопствените квалитети, што значи дека не стасале да ја валоризираат сопствената вредност.
Оваа, како што вели Куљиќ, „институционализирана политичка употреба на паднатите херои“ всушност ги слави воените решенија на конфликтите. Уште во раната младост учиме дека за да „опстоиме гордо“ – треба да загинеме!
Уште во моето гимназиско време имавме писмена работа на тема: „Мојата генерација стои гордо на браникот на татковината“. Се сеќавам на оваа тема и на оваа писмена работа затоа што тоа ми беше единствената слаба оценка по македонски јазик. Накусо кажано, тезата ми беше дека е несериозно од која било држава да очекува од 16-годишници да ја бранат; дека животот е пред нас и нема никаква смисла да го изгубиме поради што било; дека уште сме невини и мирисаме на мајчино млеко, а некој веќе сака да нѐ жртвува; дека татковината има војска и многу посериозни ресурси отколку што сум јас и сѐ така во таа смисла.
Мојата професорка по македонски јазик процени дека сосема сум ја промашил темата, па така и ме оцени. Ова го зборувам само како пример на институционален притисок врз младите генерации да „осознаат“ дека заедницата е поголема од поединецот и дека за неа се исплаќа да се направи и најголемата саможртва.
Не знам какви решенија ќе произлезат во спорот со Бугарија, ама мислам дека онаа реченица што наводно ја кажал Черчил дека Балканот произведува повеќе историја отколку што може да поднесе е само една тула во сеопштата митологија на „славното минато“
Во ред, јас го формирав моето образование во време на комунизмот, односно социјализмот, во едно, на овој или оној начин, тоталитарно време, а тоталитарните режими се познати, меѓу другото, и по билдањето на прекумерниот патриотизам и форсирањето на култотот на саможртвата.
На крајот на краиштата, таа догма подеднакво владееше и во некогашните фашистички (нацистички) режими, како и во комунистичките. Но, сепак… „славното минато“ не е ексклузивен производ само на тоталитаризмот. Напротив. И повеќето таканаречени развиени демократии воопшто не се имуни од славењето на сопствените војни и сопствените умирања.
Од каде е ова и вакво величање на смртта како славно минато? Се смета дека во Француско-пруската војна од 1871 година умреле околу 40.000 Германци. Во Првата светска војна има речиси 20 милиони, а во Втората светска војна преку 50 милиони мртви. Светските војни, односно енормниот пораст на жртвите, ја создава новата идеологизација и естетизација на смртта.
Власта мора на секоја поединечна грозна смрт да ѝ влее свечена групна смисла и на тој начин да го оправда масовното страдање на сопствениот народ. На тој начин и да ја оправда која било војна, колку таа и да била бесцелна. Најчестото оправдување на смртта во војна или востание патриотски е вообличено како чин на херојската одбрана на нацијата и државата, а никогаш како херојска агресија. Никој никогаш тука нема да ви каже дека Иленденското востание, на пример, е агресивен чин врз правниот поредок на тогашната држава, туку тоа е херојски чин на национално ослободување. И така, не само што ќе се оправдаат тогашните жртви, туку од нив ќе се изгради соодветна митологија.
Не знам какви решенија ќе произлезат во спорот со Бугарија, ама мислам дека онаа реченица што наводно ја кажал Черчил дека Балканот произведува повеќе историја отколку што може да поднесе е само една тула во сеопштата митологија на „славното минато“. Напротив. Токму спорот со Бугарија покажува дека и во 2021 година живееме длабоко во 19 век.
И, на крајот на краиштата, каква врска имаат музичкото образование и македонската народна носија со ова? Не знам. Можеби образовните власти знаат!