На оној 17-ти јуни, кога во Нивици (Псарадес) се потпишуваше фамозниот Преспански договор, со еден грчки колега разговаравме за евентуалната можност токму во Нивици да се одржи некаква варијанта на Вудсток – три дена музика и мир. Шаторите на посетителите би биле во македонскиот дел од Преспа, додека бината за музичарите би била во грчкиот дел, односно во Нивици.
„Грчки и македонски бендови – одлично!“, реков тогаш, а грчкиот колега само промрмори: „Не. Македонија и Грција го апсолвираа своето прашање. Треба да направиме регионален Вудсток, со босанско-херцеговски, хрватски, косовски, црногорски, романски, бугарски, српски… бендови. Тоа треба да биде вистински регионален Вудсток, се разбира заедно и со македонски и грчки бендови“.
Идејата на масата на која седевме беше прифатена со воодушевување. Сѐ до моментот кога човекот, кој ја иницираше целата идеја, не рече дека таков проект, едноставно, не е можен.
Некаква свест за унапредување на општеството постои и функционира. Она што недостасува е главниот инструмент што треба овие напори да ги артикулира, насочи и, ако сакате, да им ја даде таа идентитетска боја. А тој инструмент се нарекува „културна политика“
На овој спореден момент од моето присуство на потпишувањето на Договорот се сетив деновиве кога со една група мои генерациски исписници решивме да го прославиме големиот јубилеј на уште поголемиот (можеби најголемиот) музичко-политички-активистички настан на 20 век – 50-годишнината на оној оригиналниот Вудсток (15-18 август 1969 година) и кога дискутиравме дека, и покрај огромните средства, организаторите мораа да го откажат „Вудсток 50“, големиот концерт со кој требаше да биде одбележана оваа годишнина. Тоа, едноставно, не беше можно.
Зошто? Има, секако, илјадници причини: од оние што произлегуваат од безбедносниот момент, сѐ до оние што произлегуваат од сопственичките односи врз земјиштето каде што се одржа оригиналниот Вудсток, односно од немањето волја да се дозволи илјадници луѓе да газат по плодна или потенцијално плодна ледина.
Но, сепак, има една причина која можеби не е доволно апсолвирана или барем јас не знам дека е сериозно разработена, причина поради која не може да се одржи ниту јубилејниот Вудсток, а богами ниту регионалниот, а таа, наједноставно, може да се нарече – културен контекст. Или, ако повеќе милувате, културен идентитет.
За почеток, рок-музиката не е повеќе заеднички генерациски именител. И ако сакаме да бидеме искрени, не е повеќе универзалното врзивно ткиво на општествените движења, барем не како што беше во втората половина на 60-тите и првата половина на 70-тите години на минатиот век.
Она што не е јасно е каде исчезна енергијата на „светот е еден“, „сите сме еднакви во различноста“, „да бидеме реални – да го бараме невозможното“? И како тоа, по ѓаволите, одеднаш стана битно дали е некој Македонец, Бугарин, Американец или Сириец? И како, на крајот на краиштата, оние три акорди на рок-музиката се претворија во турбофолк или барем во зашеќерени тралалајки?
И навистина не е јасно зошто е важно (или било кому е важно) да се истругаат оние несреќни „сонца од Вергина“ од водоводните и канализационите шахти, како што е уште понејасно како тие завршиле таму?
Прочитав некаде по Фејсбукот коментар кој отприлика вели дека единствената поглупава работа од ставањето на „сонцето од Вергина“ на шахта е неговото отстранување, констатација со која човек може мошне лесно да се сложи.
Како и на сите сложени прашања, и на овие одговорот е прилично едноставен и влегува во еден збор – културата. Да се обидеме да објасниме или барем да го дефинираме тој денес прилично туѓ термин за нас. Различна од природниот свет, културата е начин на создавање, организирање, одржување и обновување на човековиот материјален, социјален и духовен живот. Во реалноста на културата, човекот се потврдува како суштество, кое во зависност на сопствените можности и потреби, создава еден нов и поинаков свет.
Креативниот потенцијал на секој поединец, како и на заедницата, се искажува со културното творештво, со кое тие го потврдуваат сопствениот идентитет. Обрасците на културниот идентитет постојат, без оглед дали тие се создаваат спонтано или свесно. И натаму стасуваме до традицијата, колективната меморија и другите деривати на културното живеење, односно на она што го формира човекот како човек.
Онака како што се однесуваме со културната политика, така и ќе страдаме од рекети и мита, непотизми и кариеризми, урбани и здравствени мафии и од сето она што денес веќе навистина ни е идентитетски белег
Со други зборови, генерички човекот е суштество на културата и сите негови посебни активности, па и политиката како начин на организирање и уредување на општеството, се само поединечни аспекти на неговиот културен тоталитет. Од аспект на политиката, пак, а особено ако се има предвид нејзината моќ, културата ѝ е подредена и реално маргинализирана.
Губејќи ја својата интегративна улога, културата станува израз на парцијалното, па така во искажувањето на идентитетот на сложениот социо-културен ентитет, наместо како целина, таа се претставува само како еден негов дел. И во зависност од афинитетите и потребите, особено од политичките интереси, одредени делови од културата се промовираат и прогласуваат за поважни од другите сегменти.
Но, да не бидеме премногу академски расположени, па да го поткрепиме ова со некој пример, покрај оној со шахтите. На пример, со примерот на сѐ уште актуелната афера „Рекет“. Едноставно, корупцијата, како начин на уредување и организирање на општеството се промовира како идентитетски симбол. Оној што не го прифаќа овој начин на функционирање во сите пори на општеството (образование, здравство, јавни институции…), не може да се идентификува со заедницата и не може да биде реализиран дел од колективниот идентитет.
Да не бидам сфатен погрешно: деновиве учествував во низа случувања што вообичаено ги нарекуваме „културни настани“, што ќе рече дека некаква свест за унапредување на општеството постои и функционира. Она што недостасува е главниот инструмент што треба овие напори да ги артикулира, насочи и, ако сакате, да им ја даде таа идентитетска боја. А тој инструмент се нарекува „културна политика“.
Онака како што се однесуваме со културната политика, така и ќе страдаме од рекети и мита, непотизми и кариеризми, урбани и здравствени мафии и од сето она што денес веќе навистина ни е идентитетски белег.
Отприлика затоа не е можно организирање некаков локален или регионален Вудсток и не е можно да се поминат три дена во музика и мир.
Но, без оглед на сѐ, ја користам оваа можност да им го честитам 50-от роденден на Вудсток на сите оние што го слават. Или што би рекол нобеловецот Боб Дилан „Everybody Must Get Stoned“.