Не знам дали ќе ве интересира, ама бугарското Министерство за животна средина ѝ изрекло административна мерка на термоелектраната „Бобов Дол“, за која беше наменет спорниот отпад увезен од бугарската фирма „Блацион“: наложено ѝ е да престане да согорува отпад.
Во екот на сомневањата дека таму се согорува токсичен отпад, бугарскиот министер за животна средина, Емил Димитров, лично ја посетил термоелектраната. Од обвинителството било утврдено дека во постројката за согорување не е најден опасен отпад, но соработници на министерот утврдиле дека многу од условите добиени со дозволата за согорување отпад, не биле исполнети од термоелектраната. Практично, забраната била дадена по таа основа, сѐ додека термоелектраната не ги расчисти проблемите и не ги исполни условите.
Не знам дали ќе ве интересира, ама откако министерот си заминал, решил веднаш да провери дали мерката се почитува. Бидејќи функционирал видеонадзор, прегледот на снимките покажал дека само што тој свртел грб, тие продолжиле да палат отпад. Не знаеш дали е поголема дрскоста или профитот. Или едното без другото не одат!? Веднаш потоа остатокот од отпадот бил испратен на согорување во постројки на други термоелектрани што ги исполнуваат условите.
Министерот (бугарскиот, не нашиот) вчера ги собрал сите претставници на бизнисот-секторот за рециклирање, како и трговци и преработувачи на облека од втора рака, на која договориле сет-мерки за справување со сивиот сектор во таа бранша. Предлагаат да се ограничи бројката на гранични премини и пристаништа преку кои ќе се внесува отпад, а избраните да бидат под многу засилена контрола.
По влезот на граница, камионите со џи-пи-ес да бидат следени дали навистина одат до декларираната дестинација. Да се воведат неколку кодови за ризична стока, кои ќе бидат под посебен надзор. Да се воведат банкарски гаранции за сите – не само за крајниот нарачател, туку и за сите трговци во синџирот со отпад. Да биде поставен информациски систем, кој ќе има тристепена контрола во секое време – на границата, на локацијата за обработка или складирање на отпадот, и во ресорното министерство.
Читам, и се прашувам што се прави кај нас, освен што „Дрисла“ е вратена на системот на Град Скопје.
Еве, нашиот министер Насер Нуредини, вчера имал тематска средба со претставниците на граѓанските здруженија, која, како што пишува на сајтот на МЖСПП, се одвивала во духот на зајакнување на партнерскиот однос на Министерството со граѓанските здруженија во правец на подобрување на состојбите со управување со отпадот во државата.
Практично, сѐ што влегува кај нас е мачка во вреќа. Ѝ веруваш на документацијата, а во случај да не ѝ веруваш – немаш каде да го провериш она што се внесува
„Министерот Нуредини накусо ги информираше присутните за обврските, одговорностите и тековните активности на МЖСПП во областа и донесувањето на новите пакет-закони со кој е регулирана оваа област, а се дискутирало и за улогата на невладиниот сектор за процесите во државата и во областа“.
Понатаму се вели: „Средбата ја одбележа конструктивната дискусија во која се отворија и одговорија повеќе прашања поврзани со различните видови отпад, а се дискутираше и за информациите што деновиве се споделуваат по различни медиуми, со тенденција да шират паника кај населението“.
Така е. Нема место за паника, сѐ додека инструментите во министерскиот кабинет покажуваат високо ниво на конструктивна атмосфера. Уште помалку паника треба да предизвика фактот што нашата проверка на отпадот е исклучиво административна.
Секој камион доставува документација во која има извештај за составот на отпадот од акредитирана лабораторија, која извршила карактеризација и потврдила дека тој е соодветно класифициран. Во принцип тоа би требало да претставува доволна гаранција за товарот да влезе слободно во земјава. Но, дали е така секогаш?
Во посочениот случај во Бугарија се покажа дека декларираното во документацијата не е соодветно на фактичката состојба – во балите имало и други видови отпад, кои не биле внесени во документацијата. Доколку има сомнеж за опасен отпад – тој оди на проверка во референтна лабораторија.
Како нашите царински службеници органи треба да постапат во таков случај, кога не постојат услови за контрола на отпадот што се увезува, бидејќи ние немаме акредитирана лабораторија за карактеризација на отпадот.
Практично, сѐ што влегува кај нас е мачка во вреќа. Ѝ веруваш на документацијата, а во случај да не ѝ веруваш – немаш каде да го провериш она што се внесува.
Самиот факт дека многу градови сѐ уште немаат мерни станици, а камоли нешто повеќе во системот за превенција и заштита, доволно зборува за грижата и нивото на свест за загадувањето
Второ, нема транспарентни податоци за увозот, извозот и транзитот на отпад. Може ли дел од отпадот што транзитира, попатно да се растовари и овде-онде? Ако нема систем за следење на овие товари од точка А до точка Б, како може да бидеме сигурни како, каде и под кои услови завршуваат тие?
Трето, нема јавни извештаи ни за типот на отпад, количество, намена, кои компании го увезуваат, кои го извезуваат. Одговорите со години се вртат околу општи податоци – дека се увозуваат отпадни акумулатори и гуми, ќе се набројат неколку компании кои нив ги користат, и толку. Нема информација во која мера се користат, дали е тоа во дозволен или во неконтролиран максимум и дали имало инспекциски надзор. А оџаците чадат.
Не знам дали министерот воопшто се заморува со овие прашања. А и зошто би го правел тоа? Па, видете го само јавниот повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година. Се вели дека „право на учество имаат градовите/општините кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг за 2019 година, и градовите/општините што немаат мерни станици во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем“.
Самиот факт дека многу градови сѐ уште немаат мерни станици, а камоли нешто повеќе во системот за превенција и заштита, доволно зборува за грижата и нивото на свест за загадувањето.
И сѐ додека мерните станици ги третираме како недостижен „луксуз“, а не нужност (наспроти непродуктивните трошења за возни паркови и мебели), и натаму ќе го растеме нашиот загаден микрокосмос.
Како што би рекол министерот, ова не е причина за паника. Бидете си спокојни, конструктивни, јакнете ги граѓанските капацитети, а министерот, кога ќе му се здосади и ќе реши да си се врати во Виена, ќе ви пише петка на раката.