Маѓепсаниот круг на здравството и образованието

Каква врска има актуелната афера со злоупотребата на медикаментите во Клиниката за онкологија во Скопје и почетокот на учебната година, повторно без учебници, со намален број ученици, без образовни асистенти и со нефункционални реформски зафати?

Никаква! Да. И овој одговор е валиден, но не и сосема точен.

Додека деновиве ме „бомбардираа“ со помалку или повеќе „апокалиптични“ информации на овие две теми, не можев, а да не се присетам на славната изјава на Херберт Џорџ Велс, кој отприлика вели дека учителите и лекарите се најважните професии на светот. Првите те учат на животот, а вторите ти го чуваат животот.

Без никаква помисла да ги генерализирам двете професии или да извлекувам некакви општи заклучоци од актуелните случувања, ма колку тие и да се страшни и несфатливи, сепак, првенствено како слободен граѓанин на оваа земја имам право да се прашам зошто кај нас училиштето не ги учи децата на животот и зошто здравството не го чува тој ист живот? 

А, како новинар, секако ми е должност да се обидам малку да загребам под површината на актуелните случувања.

Учебниците не се основа за добивање знаења, туку прашање на државни тендери за приватните издавачи. Па, потоа ќе се чудиме зошто имаме онакви учебници какви што имаме. Дипломите не се сертификат на одреден степен на знаење, туку прашање на цена. Па, ќе се правиме потоа недоветни пред напливот на лажни дипломи

Евидентното понижување на овие две професии, првенствено преку нивните плати, но и преку зададените работни услови, кои речиси оневозможуваат каква било креација во организацијата на работата, сепак не е причината за ваквата состојба во двете најважни општествени сфери. Побргу би било обратно, системската поставеност на образованието и здравството е причина за понижувањето на вработените во овие сектори. И на сите нас подеднакво.

Без оглед на законската задолжителност на основното и средното образование, оној момент кога го прифативме неолибералниот пристап во образовната сфера, односно кога прифативме дека образованието не е општествена инфраструктура, туку е потрошувачко добро, нешто што треба да се плати, односно некој вид луксуз, тогаш, се чини, работите тргнаа наопаку. Образованието стана бизнис. 

Учебниците не се основа за добивање знаења, туку прашање на државни тендери за приватните издавачи. Па, потоа ќе се чудиме зошто имаме онакви учебници какви што имаме. Дипломите не се сертификат на одреден степен на знаење, туку прашање на цена. Па, ќе се правиме потоа недоветни пред напливот на лажни дипломи. Слично е дури и со магистратурите и со докторатите. 

Едноставно е, притисокот на пазарот овозможува ученици со лажни петки, студенти со лажни дипломи, доктори со лажни докторати… Со еден збор, образовна корупција. 

А резултатите на ПИСА тестовите ќе бидат такви какви што се. Функционалната неписменост е таква каква што е.

И затоа, наместо меритократија, владее партократија. Затоа за вработување не се важни вештините што човекот ги стекнал во образовниот систем (кои, патем речено, се скудни), туку припадноста на партијата на власт. Сето тоа е некој вид маѓепсан круг. 

За влијанието на приватниот сектор врз оневозможувањето на системското опремување на јавноздравствениот систем речиси и нема никакви анализи. Има само поразителни последици – недостиг од клучни, често и судбоносни лекови, скапи лекови, немање функционални апарати, чекање со месеци на специјалистички прегледи итн

Поврзаноста на здравството и образованието како најважни општествени сегменти е токму во еднаквиот пристап во јакнењето на пазарната насоченост на јавноздравстениот систем. Социјалниот модел се претвори во бизнис. Резултат на тоа е здравјето како луксуз, односно сѐ поголемата недостапност на основната здравствена заштита на сѐ поголем број граѓани.

За влијанието на приватниот сектор врз оневозможувањето на системското опремување на јавноздравствениот систем речиси и нема никакви анализи. Има само поразителни последици – недостиг од клучни, често и судбоносни лекови, скапи лекови, немање функционални апарати, чекање со месеци на специјалистички прегледи итн. И како крајна консеквенца, долгогодишни скандали, чија кулминација со аферата во Клиниката за онкологија допрва се очекува.

Токму поврзаноста на образованието и здравството нѐ вовлекува во некој вид маѓепсан круг, во кој лесно се влегува, но излез како да нема. Што точно значи тоа? Не само за животите на луѓето, туку воопшто за менталното здравје на целото општество.

Во својот Извештај за економскиот раст во светот за 2018 година, Светска банка, во делот за земјите од Западен Балкан, особено го потенцира нискиот степен на инвестирање во човечкиот капитал. Инаку, Светска банка под „човечки капитал“ ги подразбира знаењето, вештините и здравјето што човекот ги стекнува во својот живот. Во Извештајот уште се потенцира дека тоа е „врската што недостасува“ за развојот и инклузијата на економијата.

Иако станува збор за 2018 година, не е лошо да се разгледаат некои сознанија од овој извештај, бидејќи за овие пет години, сосема е очигледно дека работите, не само што не се подобриле, туку одат на полошо.

Така, на пример, во Извештајот се наведува дека 40 проценти од студентите во регионот се функционално неписмени за математика и наука, додека 30 проценти се книжевно функционално неписмени. Тоа, според Светска банка, е главната причина што просечен работоспособен маж во Западен Балкан губи повеќе од 20 години од својот продуктивен живот поради невработеност и неактивност. Кај жените, овој период е уште поголем, речиси 30 години.

Само 44 проценти од работоспособното население во Западен Балкан имаат постојано вработување. Просечната невработеност изнесува 17 проценти, а неактивноста е проценета дури на 47 проценти.

Што се однесува до здравството, Извештајот забележува дека здравствените системи не се занимаваат со драматичниот пораст на незаразните болести, а несоодветното здравствено осигурување доведува до осиромашување на нациите поради високите трошоци на лекување. 

Сакам да верувам дека судските и истражните органи квалитетно ќе ја завршат својата работа во случајот „Онкологија“, ама не верувам дека тоа драстично ќе ги смени работите. Барем не сѐ додека некоја политичка елита сериозно не се зафати со причините за ова што ни се случува. А никаква визија нема ни на повидок

Високиот процент на пораст на заболени од дијабетес, карцином и кардиоваскуларни заболувања резултира со помал животен век од европскиот просек, но, исто така, директно влијае врз способноста на граѓаните да придонесат за социјалниот и економскиот просперитет на своите земји. 

Здравствените системи во земјите од регионот се скапи, но неефикасни, затоа што првенствено се ориентирани кон болничкото лекување, а нема ни развиен систем на превенција во заедницата и во работните средини. Како сериозен проблем се наведува и недоволниот процент на вакцинирани деца, особено од мали сипаници.

Експертите од Светска банка уште тогаш укажуваа дека државите не посветуваат доволно внимание во инвестирањето во „човечкиот капитал“, затоа што тие инвестиции не се веднаш исплатливи, нема свечени отворања, сечења црвени ленти, политички поени… Меѓутоа, суровата вистина е дека без овие вложувања, земјата драматично ги губи својата конкурентност и шансите за економски раст.

Во превод тоа значи: сѐ поголема сиромаштија, корупција, криминал, па дури и најбезобразна манипулација со лековите, како што тоа го покажува актуелниот случај со Онкологија.

Сакам да верувам дека судските и истражните органи квалитетно ќе ја завршат својата работа во случајот „Онкологија“, ама не верувам дека тоа драстично ќе ги смени работите. Барем не сѐ додека некоја политичка елита сериозно не се зафати со причините за ова што ни се случува. А никаква визија нема ни на повидок.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија