Обвинетиот Луиџи Манџоне, кој се товари за убиство на директор на една од најголемите приватни компании за здравствено осигурување, чиј капитал е спечален врз здравјето и животите на милион луѓе, добива статус на икона. Луиџи, во затворска униформа и со лисици на рацете, се слави насекаде низ светот.
Французинката Жизел Пелико, која беше жртва на силување од страна на нејзиниот маж и над 50 други мажи, побара и доби јавно судење на кое беа прикажувани снимените чинови на силување и изживување. На денот на пресудата, нејзината изјава за медиумите беше јасна, срамот не смее да биде на страна на жртвите и нејзиниот чин јавно да прозбори за случувањата е чин на солидарност со сите жени. Жизел е инспирација и хероина на огромен број луѓе низ светот.
Како земја во која студентски и професорски пленуми веќе се формирале и постоеле, очекував барем некаков акт на поддршка и солидарност со колегите од Србија
Во мислите ми е Србија. Таа земја длабоко маскирана во лажен сјај и раскош, реални шоуа и „треш“ уметност изнедри граѓанство, кое е политички зрело и артикулирано. Секојдневни протести, студентски блокади, пленуми и многу други форми на отпор се креираа токму од таа појдовна точка дека животот станал неподнослив. Во неделата, сто илјади луѓе излегоа во Белград на, како што рекоа, протести на студентите, земјоделците и граѓаните.
Во Македонија, денес, се ламентира дека ова што се случува во Србија е веќе видено кај нас. Па, ние сево ова го знаеме, бадијала се мачат Србите, и онака сѐ е однапред пропаднато. Македонецот е секогаш над ситуацијата и знае сѐ. Во Македонија, 13 мажи силувале 14-годишно девојче и најголемата казна што е изречена е пет и пол години затвор. Дополнително, адвокатот на силувачите, на денот на пресудата сподели со јавноста дека девојчето не било баш морално. Замислете, 14-годишно девојче, силувано со месеци, на крај го добива ова од сопствената земја.
Нема што Македонецот да протестира. Брат, сѐ е од горе веќе решено. Македонецот следи што се случува во светот и со огромна доза на самодоверба заснована на апсолутно ништо исфрла презир и прекор кон секоја искра на отпор. Овде таа искра ја задушивме, нема зошто да постои и на друго место.
Сами, заробени во сопствената паланка, чекаме времето да ни помине и животите да ни згаснат. Соголени од визија и мотивација, нам ни пречи сечиј туѓ крик, верба или надеж затоа што ни го попречува овој лажен мир. Велам лажен затоа што не е мир да се живее во распадната земја, тоа е помирување. Македонецот се помирил, дел од светот сѐ уште не, и тоа вознемирува.
Кога почнаа студентските блокади и се формираа студентските пленуми пред околу еден месец почнав поредовно да ја следам ситуацијата во Србија. Секако, на почеток, впечатокот е само дека ова изгледа познато, навистина потсетува на Шарената револуција. Проблемот е што ние како да не успеваме да „добациме“ подалеку од овој заклучок.
Како земја во која студентски и професорски пленуми веќе се формирале и постоеле, очекував барем некаков акт на поддршка и солидарност со колегите од Србија. Што ли прават сегашните студенти во Македонија? Кога се случуваа нашите студентски протести, студентите во Србија организираа протести пред македонската амбасада во Белград, во знак на солидарност и поддршка. Па, сепак, десет години подоцна, македонските студенти молчат и си тераат „своја работа“.
Имам впечаток дека безнадежност е нашето колективно чувство. Народ што се помирил со сопствениот пекол. И млади, и стари, и жени, и мажи, и леви, и десни. Повеќе нема политика, туку судбина
За разлика од нив, студентите од Сараево организираат мирен протест за поддршка на колегите од Србија под мотото „Еден свет, една борба“. Она што се случува на улиците во Белград, Нови Сад, Ниш и во Крагуевац не е српска работа и српски проблем, туку наш, заеднички. Оваа клучна идеја недостасува денес тука. Со други зборови, не е само поддршка и солидарност, туку споделена визија и акција.
Денес, низ улиците на Скопје шетаат зомбија. Надвор е магливо, светкаат грди сијалички, гужва е низ улиците и паркинзите, луѓето се нервозни и агресивни. Имам впечаток дека безнадежност е нашето колективно чувство. Народ што се помирил со сопствениот пекол. И млади, и стари, и жени, и мажи, и леви, и десни. Повеќе нема политика, туку судбина. Нема веќе отпор, туку привикнување. Викај ура – стана модус операнди на ова таканаречено граѓанство.
Мириса на отпор, барем во светот. Во Македонија мириса на чад и ништо повеќе од тоа. Среќно!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија