Иритира расфрлањето на ДУИ со пароли за ветинг, замислен како еднократен сеопфатен процес, кој треба да даде одговор за сѐ што се туркало под килим во изминатите три децении.
Во принцип, ветинг значи проверка/контрола на некое лице пред да му биде понудена работа/функција. Тој процес на проверка на интегритетот на личноста се базира на контрола на знаења и вештини, на други податоци за личноста (за да се избегне непотизам, конфликт на интереси итн.), на имот или на други фактори поврзани со целта на ветингот.
Во суштина, таа постапка е, и треба да биде секојдневна работа.
Во периодот по независноста беше најавувана голема битка против октоподот – ќе го парчосуваа, ќе го дереа, ќе му ги сечеа пипалата… Тој ја преживаа битката
Ако постојат такви проверки претходно, што значи навремено, во голема мера ќе се исклучи опасноста да има непријатни изненадувања отпосле.
Како, на пример, дека некој должи пари на компанија во секторот што го раководи, дека пресуда била купена со пари, влијание и моќ, дека работни места добил нечиј син, ќерка или сестра, ама без соодветни квалификации, дека зет му дал тендер на дедото и разни шуро-баџанаковистички практики.
Кај нас воопшто не постои свест за важноста на процесот на претходна проверка, иако антикорупциските практики се дел од политиките на секоја институција. Но, постои силна свест како таа да се зaнeмaри и затоа се негува широк филтер низ кој се протнуваат клиентелисти по волја на партиите и фамилиите.
Тие потоа се користат како изборна база, но и како сигурни алки во синџирот, кои треба да замижат пред корупциски активности.
Така, чекор по чекор, пајаковата мрежа ги обвиткува сите. Во периодот по независноста беше најавувана голема битка против октоподот – ќе го парчосуваа, ќе го дереа, ќе му ги сечеа пипалата… Тој ја преживаа битката. Додека божем го ловеа, всушност му имплантираа и нови пипала, и година по година го израснаа во чудовиште.
Не гледај што правам, слушај што зборувам
Сега, кој друг, ако не шегобијците од ДУИ, повторно внесуваат огромна свежина во темата ветинг. Велат – поминаа три дена и сѐ уште нема барање од партиите за меѓународно мониториран ветинг.
Не три дена, поминаа три децении, од кои ДУИ две децении непрекинато беше на власт. Сеопфатен ветинг каков што бара ДУИ никако не може да биде замена за неодговарање пред домашното судство, чија доверба падна на два отсто токму поради политички интервенции во неговата работа.
Кој се мешаше во работата на Врховниот суд – пожарникарите или политичарите? Кој местеше обвинител на „непосредни“ избори? Кои домашни функционери биле подмитени во периодот од 2004 до 2006 година, со 7,5 милиони евра, за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот пазар?
Ништо не ја спречуваше ДУИ навреме и во континуитет да прави проверка, да спречува на функции да дојдат луѓе што не ги исполнуваат условите, да го лустрира криминалот во сопствените редови
Да имаше тековен ветинг и политички неподјармено судство, ДУИ одамна ќе имаше друго раководство, а не централно претседателство во кое и денес седат истите актери од случајот „Маѓар телеком“ и бесрамно зборуваат за потреба од ветинг.
Ништо не ја спречуваше ДУИ навреме и во континуитет да прави проверка, да спречува на функции да дојдат луѓе што не ги исполнуваат условите, да го лустрира криминалот во сопствените редови и кај другите, а не да го бара тоа отпосле, во стилот – крадецот вели држ’те го крадецот или – не гледај што правам, слушај што зборувам!
Ние и дoсега имавме стандарди во постоечката регулатива што може да обезбедат пристоен интегритет во функционирањето. Не може тие постојано да се уриваат на дневна основа, а потоа да се ламентира по ветинг.
Сите постоечки механизми се многу полесно применливи во пракса, за разлика од сеопфатен ветинг, кој е сложена и обемна постапка и може да трае и многу подолго од еден политички мандат. Тоа е период во кој нема брзо да се дојде до опипливи резултати, како што покажаа компаративни искуства од други земји.
Во Албанија, на пример, беше спроведен парцијален ветинг во правосудството, кој се смета за пример на долг процес, но и отежнувачки, со оглед дека во еден период земјата речиси остана без судии. А можеби поентата е токму во тоа – да нема судии, да нема процеси, да има „извинете не работиме, правиме попис, пардон ветинг“.
Внатрепартиски ветинг
Можеби најиндикативен податок за „успешната“ проверка е самото искуство на ДУИ – ветингот за кој партијата тврдеше дека го спровела во нејзините редови, реализиран во две фази, иако јавно не објавија ни кога точно го спровеле, ни какви биле резултатите.
Освен, дека првата фаза била целосна пререгистрација на членството, за што бил користен механизмот на ветинг и поради што дел од апликациите за членство биле одбиени, и втора фаза во која сите кандидати за пратеници (во 2020 година) биле подложени на ветинг.
Позицијата „ние први побаравме“ никако не е билет за обезбедување меѓународно-експертска наклонетост ни арбитрарност во белењето на нечиј образ
На пример, низ тој филтер на членството на ДУИ, најкомотно поминал Рамиз Мерко, кој потоа заглави на американската „црна листа“, ама интегративците не дадоа објаснување како при ветингот им се случил таков „превид“.
Ни за него, ни за други лица кои се бербатеа за време на мандатот, ама без никаква постапка за одговорност, без влакно да им фали.
Односот на ДУИ кон одговорноста беше и остана на вербалното признание „Во ДУИ не се сите ангели“.
Не се ангели ни во другите партии. Ама многу функционери од другите партии досега беа клиенти на судскиот систем, за разлика од интегративците, кои наспроти тој факт први трчаат со штафетата за ветинг, конструирајќи перцепција – чисти сме, не се плашиме.
А можеби треба. Во центрите од кои тие очекуваат поддршка за меѓународно мониториран ветинг, не би се обложиле дека декларативните заложби за ветинг се во правопропорционална врска со моралот на барателите.
Но, сигурно е дека позицијата „ние први побаравме“ никако не е билет за обезбедување меѓународно-експертска наклонетост ни арбитрарност во белењето на нечиј образ, најмалку во стилот „да, тие се кучкини синови, ама се наши кучкини синови“. Таа опција е исклучена.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија