Во земја во која стеблата се сечат ноќе, со обезбедување на специјалната полиција, да спроведуваш акција за пошумување е во најмала рака цинично и навредливо.
Последниве години рано станувам, многу рано, но не доволно за да бидам будна во три ноќе и да одговарам на, од немоќ и од бес, паничните повици на пријателите од Центар кои имаа потреба да ја споделат со мене информацијата дека се сечат стеблата во градот. Го споделував чувството на немоќ пред силата која е решена да ги игнорира и аргументите и отпорот на жителите за да го спроведе замисленото. Така беше првиот пат. Вториот пат, веќе се навикнавме, па кога „паркобраните“ беа насилно растурени, повеќето од нас реагираа како животните во експериментот со електрошокови – знаеш дека ќе дојде и развиваш чир и депресија како линија на последна одбрана.
Во земја во која стеблата се сечат ноќе, со специјалци кои ги чуваат дрвосечачите со моторни пили од граѓаните, крајно е цинично да спроведуваш акција за пошумување. Можеби затоа најавата за годинашнава акција „Ден на дрвото“ не беше проследена, како порано, со ентузијастички хвалоспеви, ниту пак, со жолчни критики. Новинарите повеќе се фокусираа на фактот дека е неработен ден и на сервисните информации кои институции ќе работат – градинките, амбулантите. Оние кои критикуваа се уморија, оние кои се плашеа, продолжија да се плашат.
Тажна е сликата на луѓе во карактеристични работнички комбинезони како садат дрвца по зелените оази низ градот. Тие се репрезенти на акцијата со бомбастичен наслов „Засади ја својата иднина“? Ние останатите ќе го ползуваме неработниот ден , поделени и според односот кон стеблата. А идејата и акцијата се толку убави и толку важни.
Но, поделеноста веќе добива монструозни димензии, па дрвјата ги поделија на наши и нивни. Нашите ги исекоа, но и нивните само навидум победуваат, ако се суди според скудните информации за милиони садници од кои многу мал број е преживеан, но и според млаката неуверлива пропаганда за акцијата во која веќе ретко кој верува.