Додека беснее војната во Украина, но и опасноста дека некои стари искри може да бидат разбудени на Балканот, македонското општество се однесува како да живее под стаклено ѕвоно. Да, ние сме членка на НАТО, но тој факт не треба да нѐ прави помалку загрижени за начинот на кој се однесуваме кон сопствените ресурси и интереси.
Кога се во прашање домашните обврски, безбедносно прашање е и нашето навремено превенирање на последиците од растечката економска криза, настанати како последица на војната, санкциите, растечките цени и можното нарушување на синџирите за снабдување. Овие прашања го тангираат секој граѓанин и нема врска кој е на власт, а кој во опозиција, нема врска со националноста, вероисповедта или професијата.
Ако тоа е поврзано единствено со цената на мирот, одржувањето на стандардот и спречувањето неповолни економски текови, зар не е интервентна причина која бара спуштање на кренатите и вечно наострени партиски секири, кои во мирни времиња постојано го распоруваа секојдневието и го диктираа темпото на црно-белата поделена реалност?
И да има најдобри намери, Петков, сепак, предводи една хетерогена коалиција, во која секој за македонското прашање има различни ставови
А сега, небаре ништо не се случува, продолжува истата пракса на поделби и дискредитации. Јасно е дека тоа е дел од овдешниот политички фолклор, редовна слика за ненаситната политичка арена, која секој ден чека да ѝ биде фрлена новата коска за глодање. Но, дури и при таква меѓусебна опседнатост на опонентите со непомирлива борба, има ситуации кога тоа мора да запре. Ова е една таква ситуација.
Она што се случува на нашиот континент, не е толку далеку од нас. Напротив, се случува многу близу. Во праксата постојат видливи и невидливи војни. Видливата е во Украина. Невидливата е во нас и насекаде околу нас. Во Бугарија, земјата со која преговараме да ни ја крене рампата за ЕУ, се случува своевидна војна меѓу официјалната европска политика и политиката на тие што сѐ уште не ја пресекле папочната врска со Русија. И таа се разгорува секој ден.
Почна со снежните топки кон Кирил Петков на Шипка, како „казна“ што го разреши министерот за одбрана, Стефан Јанев, кој изјавуваше дека нема да го употребува зборот „војна“ за руската инвазија на Украина, а имаше и лични позиции за надворешната политика на земјата, спротивни на владината.
Неговата најава на можноста да направи нов партиски проект ги храбри проруските кругови дека ќе се изнедри опонент на владата на Петков, раѓа симпатии во базата на владејачките социјалисти (БСП), кои беа против санкции кон Русија, но и надеж дека тој нема да остане без поддршка од бугарскиот претседател.
За потсетување, Радев, во изборната кампања за претседателските избори, изјавуваше дека Крим е руски, а пред посетата на американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, на Бугарија, јавно предупреди дека „кој и да донесе одлука за давање вооружување на Украина ќе ја вовлече Бугарија во војна и ќе мора да се соочи со бугарското општество и да го објасни ризикот, бидејќи цената секогаш ја плаќаат граѓаните, а не политичарите“.
Националистичката партија „Преродба“, која беше против каква било осуда на Русија, утре ќе организира протест пред Министерството за одбрана против „внесувањето на Бугарија во туѓа војна и против бугарска воена помош за Украина“.
За хранење на антивладините наративи, во голема мера беше искористено и приведувањето на Бојко Борисов. Против владата на Петков веќе се отворени повеќе фронтови, а ако се додаде и разногласието во неговата влада околу укинувањето на ветото за Македонија, со голема извесност може да се каже дека тој процес во вакви околности ќе биде крајно неизвесен.
Посебно, во време кога на сцена се прераспоредува „тројанската фаланга“ на европска Бугарија, онаа што Ангел Димитров не ја виде дома, зашто беше многу загледан во комшискиот двор. Не се знае дали Остин ќе побара од Бугарија да ѝ испрати на Украина противвоздушни ракети С-300, како што шпекулираа светските медиуми, но Петков вчера изјави дека никој со него не разговарал за такво нешто и оти тоа се лажни вести, кои се обидуваат да внесат страв кај граѓаните.
Но, почетната снежна топка од Шипка и без тоа може да се претвори и во лавина, затоа што има премногу заинтересирани да го искористат метежот: најпрво од ГЕРБ, кои треба да го спасуваат Борисов од „репресијата“ на власта, па сѐ до тие што креираат магла заради свое подобро позиционирање на политичката сцена во има на заштита на бугарските национални интереси, а видени на различен колосек од европските, особено во однос на прашањето со Македонија.
И да има најдобри намери, Петков, сепак, предводи една хетерогена коалиција, во која секој за македонското прашање има различни ставови. Но, дури и кога би биле идентични и позитивни за нас, ризикот е во она што ќе се случува во меѓувреме, а силно ќе го тестира опстојувањето на владата.
Она што се случува на нашиот континент, не е толку далеку од нас. Напротив, се случува многу близу. Во праксата постојат видливи и невидливи војни. Видливата е во Украина. Невидливата е во нас и насекаде околу нас
Дали навистина ќе почне битката за нулта корупција што ја најави бугарскиот премиер или таа ќе се сопне на Борисов поради „неправна, реваншистичка процедура“, како што обвинуваат од ГЕРБ, додека паралелно постојано ќе биде и под притисок од националистичко-популистички еха против надворешната политика во однос на Русија.
Со украинската криза така се измешаа картите, што во вакви услови, основната македонска задача останува да ги консолидира своите интереси на начин што подразбира, пред сѐ, силна внатрешна кохезија за пребродување на овој безбедносен и економски турбулентен период. Сегашните поделби не водат кон таа цел, туку кон отворање нови процепи што можат земјата да ја направат само поранлива.
Ако постои трошка свест за важноста на моментот, актерите на политичката сцена треба да ги видиме категорично на иста страна. Тоа бара флексибилност од сите, без суета, и особено без натпревар во авторството на предлозите за решавање на кризите, нешто што ќе внесе доверба и спокојство меѓу граѓаните.
Ако има ситуации кога тоа е многу важно, тоа е оваа. Зашто има сили што сакаат да роварат во регионот, да ги етикетираат како „мала Украина“ оние држави во кои нивните внатрешни поделби и самите оставаат простор за замешателства, а потоа и да ги „тестираат“. Треба ли да им го пружиме тоа задоволство во корист на сопствената штета?