Веста дека името што било ставено на маса на последната рунда од разговорите помеѓу македонските и грчките дипломати во Брисел било „Нова Македонија“ најверојатно е новинска патка. А можеби и не е. Сеедно, ако не е на маса во моментов, ќе биде во иднина. Зашто било и претходно. Всушност, од пакетот Пинеиро во 1992 година наваму главно разговорите се вртат во круг, a со тоа и имињата.
Формулата е додавка плус Македонија. Принцип је исти, све су остало нијансе.
Во меѓувреме, ние толку добро се „испрдачивме“ со терминот Македонија, претворајќи го во гротескна заебанција, карикатура сама по себе или во циркус Медрано ако повеќе ги сакате дефинициите на Гордана Јанкуловска (антологиски и прецизни до болка, признавам), што сега каква и додавка да му закачите, не престанува да го именува идентитетот на автодеструктивните лудаци што живеат во истоимената земја.
Откако се осигуравме дека не постои додавка што може да ни го смени идентитетот на автодеструктивни лудаци, секогаш вљубени во своите киднапери, името сосема го загуби своето значење. Најважното е, сепак, што идентитетот е спасен. Нема додавка што може да го смени тоа кои сме и какви сме.
Северна, горна, нова или поранешна, чунки важно било, кога веќе на Македонија ѝ ја облековме нашата лудачка кошула. Или како што ќе речеше своевремено кантавторот Војо Стојановски – делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најлуда. И најмила, се разбира, но дури откако ќе се отселиме
Северна, горна, нова или поранешна, чунки важно било, кога веќе на Македонија ѝ ја облековме нашата лудачка кошула. Или како што ќе речеше своевремено кантавторот Војо Стојановски – делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најлуда. И најмила, се разбира, но дури откако ќе се отселиме.
Сепак, ова „Нова Македонија“ крие и некој внатрешен семантички потенцијал што дополнително придонесува да се „доиспрдачиме“ со терминот.
Прво, нели веќе некое време зборуваме за сложено име со географска одредница, како главно грчко барање, а има ли подобра географска одредница од некоја што не е тоа. Од сите досегашни речници и правописи, вклучително и овој бесплатниот примерок подарок од Владата, „нова“ е придавка која временски ја определува именката.
Што, во превод, значи ќе ги измамиме Грците, ќе им подметнеме временска придавка како географска. Додека да сфатат, прошол возот.
Што ќе каже доста, доста половна Македонија, да не речам крнтија, со која нѐ врзуваат единствено емоции и други ирационалности (во неа сум се родил, првпат со женска сум бил во неа и сл.).
Не дај боже некој да ја чуе како работи! Македонија чкрипи по сите институции, нема дел што работи како што треба, а со оглед дека голем дел од недостатоците во функционирањето ги влече уште од самото формирање, не е исклучено од старт да е со некаква фабричка грешка.
Освен тоа, многу од деловите ги нема. Според некои проценки, околу 500.000 мали, но важни делчиња (не знаеме, зашто не е направен попис со години) се вградени во други држави, така што полесно би нашле „озбилен купец“ за Македонија да ја земе за делови, отколку ваква каква што е цела. Така што зборуваме за една исклучително неповолна прилика, но секогаш има наивни купувачи кои можеби ќе се прелажат ако ја наречеме Нова Македонија.
Инаку, кога би биле искрени до коска (ко веќеспоменатата Гордана Јанкуловска во своите „Вагинални монолози“ по телефон) би требало да ја крстиме Република Оштетена Македонија (Не Е Во Возна Состојба), а кога само малку би подлажнувале, со усул, името би било Република Половна Македонија (Очувана) – Цени Во Инбокс (само за озбилни купци). Или ако многу сакаме да излажеме, тогаш барем Република Македонија (Речиси Како Нова). Вака со Нова Македонија лажеме до даска, но тоа е што е.
Македонија не само што не е нова туку е бајаги излупана низ годиниве, враќана ѝ е километражата неколкукратно ко на трета рака увоз од Бугарија, загадува повеќе од ЕУРО1, никогаш не била возена од жена, не е центрирана, т.е. никогаш не вози право, шантра од скроз лево до скроз десно, а по Шарената револуција дури нема ни прва боја на каросерија, односно фасада
А со оглед дека предлогов е стар и некако со тек на времето станува сѐ посмешен и поапсурден, ова „Нова Македонија“ сѐ повеќе ми личи на виц. Стара фора за нови будали.
Всушност, не мора да тврдиме дека нова е историско-временска детерминанта. Може да велиме дека преземено е името од првиот дневен весник откако е формирана државата. А, бидејќи се инсистира на референдум, зошто мора да биде по весник, зошто да не биде според портал или телевизија, па да им дадеме најдемократски избор на граѓаните сами да одберат според кој медиум да се викаме, дали: а) Нова Македонија; б) НоваТВ Македонија (Боко и Ива); или в) ТВ Нова Македонија (Сеад Кочан)?
Па да видиме која „нова“ најмногу ви лежи на срце, дали најстарата, поновава или најновава, малку крадена додуша.
Конечно, ова Нова Македонија може симболично да означи нов почеток за животот во Македонија. Британскиот весник „Телеграф“ неодамна го избра Нов Зеланд за најдобро место за живот на планетата. Сега кога животот се враќа во Македонија, да ставиме и ние една „Нова“ да нѐ фати мајата од земјата која некогаш се викаше Нов Јужен Велс (како им успеало да спојат и временска и географска одредница, ко Овен, Венс и Нимиц заедно да им ја смислувале), а денес е позната само како Нов Зеланд.
Да заклучиме, нова или стара, на Македонија ѝ треба сериозен ремонт. Ако мора да почне од името, нека почне. За делчињата што ќе останат во неа, важно е час поскоро да биде ставена во возна состојба и да ѝ се одглави менувачот со години заглавен во рикверц. Ред е малку да се придвижиме напред, макар и во прва брзина.