Одвикнување на државата од коцкање

Постојат само два начина да се збогатите од коцкање. Првиот и поедноставниот е – да не се коцкате, а вториот е да поседувате коцкарница.

Ова старо правило своевремено го кажа газдата на првото официјално казино, достапно на жителите на некогашната СФРЈ, отворено во некој хотел во Загреб, некаде во 70-тите или во 80-тите години на минатиот век. Овој релативно млад човек, Хрват, повратник од САД, чие име, за жал, го заборавив, во туѓината, всушност, се занимавал, мошне успешно, како што самиот кажуваше, со производство на таканаречените покер-апарати.

Трикот е во тоа, вели човекот, дека апаратите на неговата конкуренција биле штелувани на 40 проценти добивка за играчите и 60 проценти за казиното, додека неговите биле наместени токму обратно – 60 проценти за комарџиите, а 40 за казиното.

Логиката е во тоа дека мали, но чести добивки успешно го навлекуваат играчот да продолжи да игра сѐ до последната негова, но и туѓа пара. Во таа смисла, неименуваниот газда заборави да спомене дека од коцка можат да се збогатат и произведувачите на коцкарски апарати, но и лихварите.

Желба да се умре!

Во суштина, коцкањето, според мене, е најстрашниот порок меѓу пороците. Добро, умниот човек би рекол дека секој порок е страшен сам по себе. И алкохолизмот создава општествена патологија. За наркоманијата и да не говорам. Еден мој пријател, кој самиот за себе велеше дека, за разлика од оние што пијат од среќа, од мака, од тага, од болка…, тој пие од сабајле, суптилно ми ја објаснуваше разликата меѓу коцкањето и алкохолизмот.

„Дали си видел некој лихвар што седи во некој кафеански ќош и чека да види кога ќе ги потрошиш сите пари на пиење за да ти прискокне и да ти понуди лихва? Не, никој нема да му даде пари на зарозан пијаница да се допие, ниту, пак, некој може да биде толку пијан за да го заложи својот стан за уште една тура пиење“.

Немам искуство со коцкање и со наркоманија, иако познавам (и познавав) луѓе навлечени на овие пороци. Но, затоа имам искуство со кафеаните.

Не постојат статистички показатели колку луѓе се зависни од коцка. Според бројот на коцкарниците, казината, обложувалниците и останатите инкубатори на пороци, сигурно ги има многу

Во ред, некогаш постоеше (а можеби во некои домаќински кафеани сѐ уште постои) институцијата „рабуш“, но тоа е нешто сосема различно од лихва. Рабушот го дава кафеаната, односно газдата на постојани муштерии.

Камати не се предвидени, а интересот е сосема поинаков.

„Јас не сум шалтер за наплата на струја пред кого ќе застанеш, ќе платиш и ќе си заминеш. Не, ти ќе дојдеш да платиш, ќе седнеш и ќе нарачаш нешто. И таа маса ќе се исплати тој ден“. Така ми одговараше еден газда на кафеана, кој рабушот баш го институционализираше.

Психоаналитички гледано, пороците се некој вид на потсвесната желба на човекот – да умре!

„Животот не е ништо другo, туку борба меѓу човекот и неговата желба да умре“ и/или „Секоја органска материја се стреми да биде вечна, односно неорганска“. Така некако велеше Сигмунд Фројд.

Давид Албахари, во еден свој расказ ќе напише: „Секој има свој начин на самоубиство. Мојот се вика – вињак“.

Вака некако му објаснував на еден мој млад пријател, длабоко веќе заглавен во наркоманијата, кој почина баш млад, предозирајќи се со хероин, сокриен во некој клозет. Му велев дека ако веќе сака да се убива, нека дојде со мене во кафеана. И тоа е отров, ама барем ќе го служат како господин и не мора да се крие по клозети и градски ќошиња.

А, ако имаме среќа, можеби и мезе ќе падне. Башка не е противзаконски.

На сите овие приказни и на многу други се присетив кога прочитав дека во Прилеп отвориле Советувалиште за одвикнување на зависници од коцка. Додуша, го отвориле пред една година, а такви советувалишта имало и во Скопје и во Куманово, ама од некои причини, оваа бајата вест дури сега доби каква-таква медиумска видливост.

Не постојат статистички показатели колку луѓе се зависни од коцка. Според бројот на коцкарниците, казината, обложувалниците и останатите инкубатори на пороци, сигурно ги има многу. Некои проценки, во компарација со земјите во регионот, велат дека околу 20.000 македонски резиденти се зависни од коцка. Во Хрватска, на пример, се околу 40.000.

Болна држава – болни луѓе

Либералните мислители би рекле дека секој човек има право да прави со својот живот што сака и дека никој нема право да му одредува каде и колку ќе троши од своите пари. Не би рекол дека е токму така. Сте забележале ли дека со порастот на бројот на коцкарниците доаѓа и порастот на оние таканаречени „продавници за пари“, односно за брзи лихварски кредити.

И најчесто се сместени до некое казино или слична „институција“. За да не се мачи човекот во нужда да оди далеку да се задолжува.

Кога би бил полн со некоја преголема добронамерност, би рекол дека оваа општествена патологија и не мора да биде премногу страшна. Човекот се коцка откога знае за себе. Во она некое мое време, луѓето закупуваа станови да играат комар.

Во ретките казина беше дозволен влез само за странци. Коцкање на јавно место или наговарање на коцка беше кривично дело, кое се казнуваше со парична казна или со затвор, ако добро помнам, до 30 дена. Не знам дали сега постои некој таков член во Кривичниот законик.

Во болно општество, болните манифестации се дури и пожелни. Како инаку да ги објаснам оние доминантни телевизиски реклами за коцкарници, во кои се појавуваат низа јавни личности (дури и спортисти)…?

Значи, коцкањето не би требало да биде некоја сериозна општествена патологија, освен ако целото општество не ни е заболено. Кога велам „целото општество“, првенствено мислам на владејачките елити и оние што го креираат системот.

Не е проблемот во тоа што не знам во кој момент почнаа обложувалниците и коцкарниците да никнуваат како митесери на лицето на некој младич што влегува во пубертет, проблем е што не знам зошто почнаа да никнуваат. З(а)грижените економски аналитичари би рекле дека државниот буџет прибира значителни средства токму од коцкарската дејност.

Во тој случај, еве им предлог – нека го легализираат хероинот. Ех, која пара лежи тука. На, крајот на краиштата, така заработените пари на крајот ќе бидат потрошени токму за санирање на последиците од коцкањето, социјални, здравствени, општествени…

Во болно општество, болните манифестации се дури и пожелни. Како инаку да ги објаснам оние доминантни телевизиски реклами за коцкарници, во кои се појавуваат низа јавни личности (дури и спортисти) што по дефиниција би требало да бидат пример што треба да се следи? Или оние агресивни реклами за брзи кредити?

Како да се објасни зошто некој дозволил буквално на секои сто метри урбана површина да има барем три коцкарници? И како да се објасни дозволата да блештат во ужасно дречави бои цела ноќ?

Како да се објасни оној ужасен цинизам на газдите на коцкарниците, кога протестираа на самата најава дека треба да се дислоцираат на некоја пристојна оддалеченост од училиштата и од градинките. Демек не знам на колку луѓе егзистенцијата ќе им била загрозена. И, како тоа власта се трогна (само) од овој „апел“?

Еве, за владата уште една идеја. Во годините кога се пресели во сегашната зграда (некогашната ЦК), еден простор во приземјето беше изнајмен на некое кафуле. Во некој момент, некој се сети дека тоа не е примерно за зградата на највисоката извршна власт, па го истераа потстанарот. Еве им шанса да вдомат уште некоја коцкарница кај нив. Просторите во градот што можат да се искористат за таа намена веќе станаа дефицитарни.

Во таков некој замислен случај, државата можеби ќе се сети дека треба да подлегне на третман за одвикнување од нејзините пороци.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија