Еден од симптомите поради кои нашево општество е на ова дереџе, е непочитување на струката и стручноста. Во случајов не зборувам за вкоренетата пракса, кога нестручни кадри им ги заземаат местата на стручните преку алатките за партиски вработувања.
Зборувам за ситуации кога нестручни лица на одговорни позиции, игнорираат стручни оценки. Не за некоја бенигна тема, туку за многу важна – безбедноста на граѓаните. Во случајов, безбедноста на мостот Беласица по пожарот што предизвика негови оштетувања и тие допрва треба да бидат точно дијагностицирани.
Јасно е дека со исклучувањето на овој мост за сообраќај и пешаци се оптоваруваат други сообраќајници и се создава дополнителен метеж. Но, тој проблем сигурно нема да се реши со потценување и релативизирање на состојбата на мостот. И не по цена на безбедноста!
Арсовска, два пара очи и уши треба да отвори кога дава оценка деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски. Не затоа што е декан, тоа во случајов е небитно, туку затоа што е реномиран стручњак
Ако стручни лица предупредуваат дека заради безбедноста на граѓаните мора да се направи форензика на оштетувањата и серија други сериозни испитувања, дури и по цена тоа да трае подолго време во кое мостот ќе биде затворен, одговорот од Град Скопје никако не смее да биде потценување стручен став.
„Сакам да ги замолам сите институции што се чувствуваат засегнати со овој случај да не шират страв и паника меѓу граѓаните, со паушални тврдења што се однесуваат на какви било наводни структурни оштетувања на мостот Беласица“, порача градоначалничката Данела Арсовска. Од градот стигнаа и други крајно непристојни оценки: „Несериозно е од декани, неименувани експерти и неименувани извори да се предизвикува паника кај граѓаните“.
Разбирам да има ваква реакција кон гаталци, кон предвидувачи загледани во стаклена топка, квази стручњаци… Ама да обвиниш за паника институции, декани и експерти, за да ја релативизираш состојбата, и да си бараш поддржувачи на тезата дека „не е страшно“ – тоа е крајно опасен чин. Што ако утре мостот сосе возила и пешаци се струполи во Вардар? Пред пет години тоа се случи во Џенова, и без пожар.
Најкусо кажано, Арсовска, два пара очи и уши треба да отвори кога дава оценка деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски. Не затоа што е декан, тоа во случајов е небитно, туку затоа што е реномиран стручњак за армиранобетонски конструкции и армиранобетонски мостови, неслучајно ангажиран како консултант при изведба на мостови во други земји.
Марковски беше и во тимот од Градежниот факултет, кој го направи испитувањето за оштетеноста на македонската инфраструктура што ја користеше НАТО за време на косовската криза, кога до 2015 година беа поправени и зајакнати вкупно 62 моста на патниот правец Блаце – Скопје – Гевгелија.
Ако ништо повеќе, Арсовска барем требало да се распраша на кого му припишува „кревање паника“. Потоа ќе беше појасно што бара Градот: реална прва проценка за состојбата на мостот или оптимистичка дијагноза без покритие.
Не знам зошто професорот Михаил Гаревски, исто така стручњак, ама за земјотресно инженерство, по визуелното разгледување на состојбата на мостот, си дозволи експресно да го нахрани градоначалничкиот дилетантски оптимизам, дури и со оценка дека мостот може најрано да биде пуштен во средината на јули.
Па, дури и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој е нестручен за ова прашање, покажа многу поголема одговорност: учтиво го замоли Гаревски – доколку не е сигурен дека мостот е безбеден, да не ги охрабрува граѓаните да минуваат по него.
Арсовска барем требало да се распраша на кого му припишува „кревање паника“. Потоа ќе беше појасно што бара Градот: реална прва проценка за состојбата на мостот или оптимистичка дијагноза без покритие
На крајот се јави и проектантот на мостот, Вукан Њагуљ, да каже дека тоа што го видел бара многу посериозен пристап отколку што мислел: трагите и оштетувањата од пожарот биле посериозни отколку што било видливо на фотографиите. Смета дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно, дека се потребни детални испитувања и пресметки, а дозволувањето некаков редуциран патнички сообраќај со себе носи одреден ризик.
И сега што? Падна во вода целиот наратив „Кako ćemo? Lako ćemo!“, небаре на мостот му требало само една канта поликолор за да светне во целиот сјај. На сцена повторно исплива неподносливата леснотија на неодговорноста, која и досега беше причина за сите скопски хаоси: и во јавниот превоз, и во градењето, и во кавгите за Универзална, и за „падни-стани“ со пречистителната станица, и за куп „проточни директори“ – именувани па брзо разрешувани.
Но, кога и безбедноста на граѓаните неодговорно ќе биде доведувана во прашање, нема за што повеќе да правиме муабет. Освен дека Скопје еднаш навистина имало жена градоначалничка: Вера Ацева во 1948 година.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија