Ужасно ме нервира раширениот став дека „ние, сепак, сме Балкан и тука одредени работи не поминуваат“, за која и да е идеја за промена. Повеќе немам трпение за подмолното „ова не ви е Шведска, Финска или Холандија“, со која сме дочекани сите ние што не мислиме како „паланката“. Не, благодарам, на таквите имам само да им порачам дека не заминавме во „белиот“ свет, туку останавме тука, за тука да го градиме светот. А во тоа не смеат да нè попречат.
Нашето искуство е паланечко, нè научи Константиновиќ во својата „Филозофија на паланката“. Со други зборови, за Константиновиќ, паланката не е географска одредница, туку искуство и дух. Духот на светот, за разлика од паланечкиот дух, подразбира многубројни стилови и гласови што ја разоруваат единственоста на паланката, нејзината затвореност и еднообразност.
Македонскиот паланечки дух се одржува така што секоја различна мисла или пракса ја дефинира како „странска“ и ја отфрла, или како непосакувана, или како невозможна. Не може Македонецот да мисли поинаку и да посакува друго од понуденото. Ако тоа случајно го изрази, тогаш тој станува внатрешен „Швеѓанец, Финец, Холанѓанец, странски агент, слуга на Другиот, непријател.“
Светот е мноштво, разногласие, визија и иднина. Паланката е единствена, униформирана и верна на минатото. Паланката не го сака непознатото. Светот ризикува
Во земја во која многу луѓе, особено млади, сонуваат да ја напуштат, баш е чудна и опасна таа опсесија за конзервирање, таа фантазма за зачувување на она познатото од кое се обидуваме да побегнеме. Бизарна е оваа состојба во која колективот истовремено е и затвореник и посветен чувар на тој затвор.
Одржувањето на оваа состојба е одржување на тој затвор, на паланечкиот дух, кој подразбира негово пренесување од генерација на генерација. За да не се испразни затворот со мигрирање, ние се впуштаме во прилично тесно сфатени демографски политики.
Жени, раѓајте вие деца, нема да можат баш сите да ни избегаат – е логиката зад сите промашени кампањи и политики за демографски раст. Сега кога добивме и Министерство за демографија, исклучително е важно одговорните да разберат зошто сè досега било погрешно, и тоа многу погрешно.
Некои од нас останаа тука од нужност, некои од избор. Ние што избравме да останеме, избравме тука да го градиме светот. Па, како се гради свет? Не може да градиме свет во паланка. Тоа се два некомпатибилни концепта. Светот се гради така што се надминува и се крши паланечкиот дух. Светот е мноштво, разногласие, визија и иднина. Паланката е единствена, униформирана и верна на минатото. Паланката не го сака непознатото. Светот ризикува.
Излез од паланката не е покажување најдобри резултати во спортот или во културата, односно излегување на терен за да го победиме светот, да ги надминеме другите. Не треба да им покажеме на другите, туку на себеси. Не треба светот да нè препознае пред да се препознаеме себеси, внатре. Она што недостасува е токму тој ентузијазам. Ентузијазмот мора да се создаде и да се негува.
Што е ентузијазмот ако не социјална храброст, која ѝ пркоси на востановената квазикохезија заснована на споделен презир и мизерија. Не зборувам за неоснован оптимизам, туку за енергичен интерес. Ентузијазмот е мотивираност, изразена заинтересираност, задоволство и уживање од тоа да се биде вклучен во нешто што значи осмислување и создавање мноштво од светови.
Го заговарам ентузијазмот како општествена практика, која носи потенцијал да иницира промени и да ја поттикне креативноста во колективот. Во затворени општества, како нашето, во кое доминираат крути структури и норми, колективниот ентузијазам е нужен за да можеме слободно да замислуваме поинакви светови и култури наместо веднаш да ги задушиме овие идеи.
Нашата средина, управувана од усогласеност, контрола и страв од непознатото, ја потиснува секоја искра што може да поттикне трансформација и тоа е неправедно.
Во затворени општества, како нашето, во кое доминираат крути структури и норми, колективниот ентузијазам е нужен за да можеме слободно да замислуваме поинакви светови и култури
Што е тоа ако не убиство на колективниот ентузијазам? Задушување на желбата за отвореност, отвореност кон нови идеи, различни искуства и колективни напори. Без овој ентузијазам, општествата остануваат заглавени во циклусот на зачувување наместо напредок, зајакнување познати и застарени системи и ограничување на потенцијалот за културни иновации и социјален раст.
Во такви простори, апатијата го заменува ентузијазмот и ги закочува сите колективни визии. Недостигот од ентузијазам не е само лична или емоционална состојба. Тоа е одраз на општествените ограничувања, кои го обесхрабруваат секое преземање ризик, сонување или прогресивна колективна акција.
Оваа културна инерција создава чувство на неизбежност, кое ни ја отежнува вербата во алтернативни иднини или во радикални културни, политички, економски и социјални промени.
Затоа, клучен предизвик на нашето општество не е да бидеме препознаени вакви какви што сме, туку да се поттикне ентузијазмот како колективна сила за зајакнување, сила што може да ги пробие бариерите на затворените општества и да инспирира создавање поинклузивни, динамични и слободарски култури.
Ентузијазмот подразбира страст. Колективна страст за создавање динамика, која ќе го турка општеството во својот развој. Статичното општество е ограничено на своите традиции и структури, но кога страста се споделува и искористува, таа ги разгорува промените и ги предизвикува доминантните динамики на моќ.
Останувам тука сè додека имам барем трошка ентузијазам и страст да ја менувам својата земја, своето општество и својата заедница.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија