Господине Мороа, пред две децении интуитивно сте го почувствувале проблемот, но сте ја згрешиле дијагнозата. Не е проблемот во „племето“, (народот/граѓаните) туку во неговите политички водачи, кои и покрај алатките што им ги нуди современата демократија, сакаат да функционираат како племенски поглавици.
Задоцнето е ова што сакам да го кажам, господине Мороа, бидејќи повеќе од две години не сте меѓу нас. И да дојдам во Франција, „ефектот“ би бил ист. Моите зборови би ги слушнале само птиците што кротко слетуваат на вашето почивалиште од црн мермер, и евентуално продававачот на цвеќе, извесен Ахмет, трета генерација од алжирски доселеници. Помислив да дојдам на стадионот во Лил, кој од 2012 година го носи вашето име, и таму да го слушам ехото на мојот крик: „По ѓаволите! Пјер, вие бевте во право!“
На крајот решив тоа да го сторам од овде. Од истото место од кое пред две децении „ве кренавме на клоци“, кога на еден од нашите политичари крајно грубо, навредливо и недипломатски му рековте дека „секое племе не заслужува држава“.
И денес стојам на ставот дека такви зборови не му доликуваат на поранешен премиер. Тежината на вашиот исказ не ја намали ни фактот што тогаш бевте „само“ претседател на Социјалистичката интернационала. Верував и верувам дека се може да се каже на поинаков начин, без да се осакати вистината, а кажаното повеќе да мотивира и мобилизира за решавање на проблемите, отколку да демотивира.
Од денешна дистанца, многумина би рекле дека бевте во право. Тогаш не бевте. Но, признавам, точно ги антиципиравте денешниве состојби.
Лека полека, она што не им успеа на историските непријатели, во изминативе години полека им успеа на домашните „пријатели“: да ги стават граѓаните во свој партиски џеб, да ги претвораат постепено во племиња, да ги нас’скаат eдни против други
Господине Пјер, народот на кој му припаѓам(е) никогаш не бил племе, ниту низ историјата рефлектирал некаква племенска пасивност, зачмаеност, затвореност во енклава. Напротив, сиромашен и многупати обесправен, секогаш бил на страната на правдата, против угнетувањето, со илјадници дадени жртви во борбата против фашизмот, во борба за права, за слобода, за своја држава…
Вие, господине Мороа, претпоставувам дека пред две децении интуитивно сте го почувствувале проблемот, но сте ја згрешиле дијагнозата. Имено, не е проблемот во „племето“, (народот/граѓаните) туку во неговите политички водачи, кои и покрај механизмите и алатките што им ги нуди современата демократска политика, сакаат да функционираат како племенски поглавици.
Таквиот порив не е поттикнат од „племето“, туку од нивната лична и лукративна потреба да ги делат граѓаните на племенски заедници за да можат полесно да ги манипулираат, дури и тогаш кога политички коректно ги нарекуваат „народ“.
Секако, има случаи и кога забораваат на лажната коректност. Вашиот колега, бившиот премиер Никола Груевски, во јуни 2010 година во говор пред партиските млади сили, македонскиот народ го нарече „каков-таков“. И не се извини. А до денес без срам упорно се повикува на тој единствен релевантен судија – народот.
Лека полека, она што не им успеа на историските непријатели, во изминативе години полека им успеа на домашните „пријатели“: да ги стават граѓаните во свој партиски џеб, да ги претвораат постепено во племиња, да ги нас’скаат eдни против други, да ги тераат да сечат дрва, затоа што нивниот добро платен врач прогнозира долга и студена зима од која можат да не спасат само тие и никој друг!
Четири поглавици, кој во лавовска, кој во кожа од видра, кој под пердуви од орел, се борат за победничките трофеи – нашите скалпови. Колку повеќе скалопови ќе земат, толку поголема ќе биде нивната моќ како поглавици. Средствата ни од далеку не се демократски, орудијата се опасни, особено вербалните, а некои од нив јавно се закануваат дека нелојалноста кон нивните цели ќе биде казнета со бркање на клоци, со конечна преметка со непослушните, со измислените предавници, со сите што одбиваат да бидат третирани како племе…
Системското опслужување на ваквиот ексцес, стана рутинска дејност. Европа на која вие и припаѓавте, како веќе да ја нема. Нема европски политичари од голем демократски формат кои ќе прашаат – што правите вие таму? Има само големи евробирократи, кои кокетираат со европските вредности по потреба и зависно од политичкиот интерес, каматите, акциите…
Дали и вашата Европа, господине Мороа, се самоосуди на племенска поделба меѓу интересите на левицата и десницата, со што неповратно ги гази и губи универзалните вредности?
Постапките на вашите наследници во Европа секој ден во секој поглед ме уверуваат дека е така. Значи, веќе нема репер за достижноста на идеалот. Нема патоказ за правецот. Се враќаме кон племенското, се откажуваме од европското, реформското…
Нема европски политичари од голем демократски формат кои ќе прашаат – што правите вие таму? Има само големи евробирократи, кои кокетираат со европските вредности по потреба и зависно од политичкиот интерес, каматите, акциите…
Сигурна сум дека не би ви било сеедно, со оглед дека бевте познат како реформатор. Ви признаа и дека сте заслужен за изградбата на тунелот под каналот Ламанш, бидејќи сте успеале да ја убедите тогашната премиерка, „челичната леди“ Маргарет Тачер, во проектот да учествува Велика Британија.
Еве и ние градиме тунел. Има почеток, не знаеме дали ќе има крај. Искрено, не знаеме ни во која насока се копа. Не е важно. Кај нас велат – џабе работи, џабе не седи. Колку нешто да се работи, „реформите“ да течат… Стручни лица велат дека тунелот го пробиваме во круг. Дека ништо од тоа нема смисла. Дека градиме племенска дупка, а не држава.
Не, не ви придавам значење дека токму вие ова сте го навестиле. Имаше пред вас и други визионери. Нашиот Блаже Конески многу години пред вас чемерот го изрази во песна.
„Имав можеби неполни дваесет години
кога напишав:
‘така рикаше маката во мене
дека сум роден во смачкано племе’.
И досега,
по толку долго време,
ме следи истата таа мака,
и дури поголема,
така што дури можам,
сејач на глуво семе,
да го сменам малку зборот
и да речам:
‘уште рика истата мака во мене
дека сум роден во смачкано племе’.
Првпат пишувам писмо што нема да биде прочитано од оној на кого му е упатено.
Се надевам дека ќе го прочитаат вашите наследници и нашите поглавици.
Мојата пријателка што живее во Лил ја замолив на оваа „пасивна“ адреса (Cimetière de l’Est, tombe de Pierre Mauroy) да остави цвеќе со боите на македонското знаме и со порака: „од Македонци кои никогаш нема да се согласат да бидат претворени во племе“.
Истото би требало да се направи и на некои „активни“ адреси во Брисел, Вашингтон, Стразбур… Со прилично дополнета порака. И културно. Без клоци.