Победа на поразот

Трета светска војна. Овие три збора, деновиве сè почесто испливуваат од политички изјави и од медиумски анализи, најчесто со времeнската одредница дека сме „пред прагот“ или „на чекор“ од неа, или дека таа е почната, само што никој не се осмелува да објави.

Тоа ме потсети на една анализа од Жак Атали, од пред десетина години, дека третата светска војна би можела да биде логична последица на опстојувањето на геополитиката на понижување. Во односите меѓу луѓето и народите, таквото понижување може да доведе до безумни постапки и до незапирливи војни. Вели – клучно е да не се понижуваат другите, туку да се почитуваат. Зашто ако има понижување, ако се прекине контактот, веднаш треба да се обнови, додека понижената страна е сè уште отворена за дијалог и додека сѐ уште не се претворила во заколнат непријател што потоа може да се заузда само со сила.

Пропуштените шанси, Атали ги аргументираше со понижувањето на Германија во 1919 година со Версајскиот договор, што довело до појава и цут на нацизмот, а потоа и потреба за силна борба против него, па сè до многу примери од денешницата. Во тој корпус ги смести и неизвлечените поуки од изолирањето на Русија и бруталната и понижувачка рамнотежа меѓу Израел и Палестина, која првите ги држи во илузија дека тие ја добиваат војната, додека кај другите ја потхрануваат желбата да ја уништат еврејската држава.

Десет години подоцна, светот е во грч дека часовникот отчукува сѐ побргу кон страшниот миг. Во срцевината на секој одговор – зошто денес најгласно говори оружјето – се посочува понижувањето од страна на другиот, и потребата тој да биде победен. И додека се множат претенденти за победа, победува – поразот. Сеопштиот пораз.

Да, цивилизациски пораз е кога дијалогот ќе биде потиснат од ѕвечкањето со оружјето, од премерувањето чии ракети имаат поголем дострел, што само укажува колку е мал или никаков дострелот на дипломатијата. Односно, дека нема генерација на светски политичари кои во преден план ќе ја стават геополитиката на уважувањето, наместо геополитиката на понижувањето.

Опасни игри

За жал, тоа што го гледаме на макроплан, функционира и на микроплан. Практично, куп такви фрагментирани приказни го прават уделот во големата слика. И во Европа, и во соседството, гледаме длабоко поделени општества, гледаме кратки фитили, кои едвај чекаат да налетаат на чкорче за да распламтат, оган за да си го истераат своето. Дали Македонија е исклучок од таа слика? Не е, но е на добар пат да го раздвои каколот од житото. И на интеграциски, и на внатрешен план.

Политика за понижување на опонентите, со секојдневен наратив, буквално секојдневен, дека едниот партнер во власта е нелегитимен, а другиот легитимен, но исклучив, не е добра стратегијата во вакви времиња, а најмалку за партии што се самодекларираат како европски. Уште повеќе, ако во името го има зборот интеграција, а промовираат политики што не водат кон тоа.

Да гласаш за национална стратегија во која пишува дека „се надминува потребата од примена на алатката наречена ‘балансер’, која во пракса предизвикува бројни злоупотреби“, а потоа да врескаш – го укинаа балансерот – е понижување на јавноста и ловење политички дивиденди преку сеење магла.

Општествено опасно е да дезинформираш дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употребата на јазиците, дека се кова последната шајка во ковчегот на Охридскиот договор, и со истото тврдење да ги дезинформираш меѓународните претставници, од кои дел го фасилитираа постигнувањето на тој договор. Не е чесно.

Чукање на отворена врата

И небаре малку беа таквите подбуцнувања, па недостигаше уште да расфрлаат магла и за Јени џамијата, објект, кој, со одлука на Врховниот суд од 2011 година, е ставен под владение на Република Македонија и доделен на користење на НУ Завод и музеј – Битола.

Оттогаш до многу скоро, 13 години ДУИ беа на власт. Во сето тоа време, додека траеше ископувањето и реставрацијата на Јени џамијата, од ДУИ, ама баш ништо не спореа за статусот на овој споменик на културата. Но, вчера, во ситните часови, седнале да навезат реакција со „длабока загриженост“ дека оваа влада врши континуирана институционална, етничка и верска деградација, која ги уривала темелите на еднаквоста и соживотот.

Дали некој во ДУИ разбира колку се опасни ваквите подметнувања, или туку-така, со леснотија решиле да трескаат како Максим по дивизија? Дури и не се прецизни, па во реакцијата спомнуваат „галерија“. Толку ги интересирало за Јени џамијата и толку разбрале за 13 години.

А во реакцијата бараат „почитување на културното и верското наследство на секоја заедница“. Фактички, чукаат на отворена врата. Mузејот на христијанското и исламското наследство е токму тоа. Местото, каде што под темелите на џамијата се најдени и темели од црква, е симбол на испреплетен соживот под пластовите на времето, како што се преплетени и нашите животи на ова место во ова време.

Чизмите од таванот

Овде дилемата не е дали чашата е полупразна или полуполна, туку како во ДУИ го разбираат мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот, ако го разбираат. Дали го третираат како значка на реверот кога се на власт или како вредност што треба да се негува и кога не се таму. Мислејќи дека со реакции секој ден ќе ги оцрнат опонентите, од ДУИ веќе се на пат да ја преминат тенката црвена линија и да ја испоганат таа вредност.

На пат се да го сведат соживотот на нешто незадолжително, сè до оној момент кога некој ќе посака „да ги симне чизмите од таванот“, само затоа што не им се допаѓа да бидат во опозиција, а се добро подготвени таа фрустрација редовно да ја покриваат со етнички причини.

Хемингвеј, во една пригода, рекол дека на човекот му требаат околу две години за да научи добро да зборува и околу 50 години за да научи да слуша. За жал, нема податок колку време му е потребно на политичар или на партија да се навикне на опозициски статус. Начинот на кој ДУИ се сообразува со тој статус е нивен избор, ама ќе биде нивна и одговорноста за последиците што може да ги предизвикаат. Би било добро тоа да го научат што побргу и на полесниот, а не на потешкиот начин.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија