Во 1991 година, Македонија одлучи да биде самостојна и независна држава. Нема поголем настан за еден народ – кој сака да биде признаен и прифатен како „другиот“, „различниот“ – од чинот на оформување сопствена држава. На ист начин како што секоја личност сака потврда и признавање на сопствената „другост“, сопствен идентитет. Во тие моменти, нашите „срца – џебови“ беа полни со надеж за идентитетско самопотврдување и за подобар живот од дотогашниот.
Шансата ја добивме, што стана со нејзиното реализирање?
Факт е дека три децении „живуркаме“ како самостојна и независна држава. Но, факт е и дека сме помалку независни во споредба со многу други држави зашто постојано сме зависни од „кислородна“ поддршка од „надворешниот фактор“: политичка, финансиска и најлошото (и пречесто) посредување и/или директно водење на нашиот внатрешен политички процес од „факторот“.
Според бројни анкети, по 31 измината година, произлегува дека надежите им се остварени само на мал процент жители на државата. Огромното мнозинство е нагласено носталгично кон минатото, од кое, пак, во тогашните околности (кризата и распаѓањето на Југославија) многу сакаше да побегне. Од каде доаѓа тоа чувство? Од самите дамари во срцата и душите на луѓето. А тие не се пополнуваат со лаги и ветувања, кои постојано се поместуваат кон иднината, како што се поместува хоризонтовата линија во движење кон неа.
Факт е дека во текот на ова тридецениско историско патување кон консолидирана држава има(в)ме многу надворешни пречки. Пречки што предизвикаa голема штета. Но, недвојбено, далеку е поголема штетата што самите си ја нанесовме – од нашите неодговорни, слабо компетентни и многу корумпирани политички водства и од слабиот одговор (отпор) кон таквите водства, несвојствен за нормална (зрела) политичка заедница.
1. Остварениот реален економски раст во трите декади (раст на БДП под 1,5%) не е само многу, многу бавен, туку и прилично илузивен. Зошто илузивен? Зашто во таа ситна бројка е пренесен и голем дел од деградираното земјоделско земјиште; од исечените и необновени шуми; од загадените реки, езера, води, воздух; дел од расположливите руди; од деградираните (неодржувани) патишта; од амортизираните (опустошени) јавни компании и друг јавен имот што не се одржуваат ни на нивото на проста репродукција. Всушност, во таа ситна бројка на годишен раст на БДП е пренесен голем дел од категоријата ‘национално богатство’ (посебна пресметковна категорија) што никогаш не е надоместен или супституиран, туку е неповратно потрошен на штета на идните генерации. Таквиот минорен и илузивен раст и натаму нѐ држи во друштвото на најнеразвиените држави во Европа – БиХ, Албанија, Украина и Косово – како субјект со „посебни потреби“.
2. Повеќепартискиот систем (во нашата верзија) не ги намали опскурантизмот и претполитичкиот колективизам во државата (својствени за минатото) со целиот нивен негативен придонес врз прениската стапка на раст и погореспомнатата неславна позиција на Македонија во Европа. Наместо од еден извор, нивното „напојување“ продолжи од неколку. Жителите на Македонија не напреднаа многу во трансформацијата од поданици кон граѓани – туку само се поделија според господарот. Не покажаа доволно енергија за зграпчување на слободата, долго тренирани за бегство од личната одговорност, која оди заедно со неа. Малубројните (борбени) поединци не го менуваат овој факт.
3. „Плебсот“ е фатално поделен. Вкопан во два-три спротивставени бункери. Комуницираат само со маневарска, по потреба и боева муниција: „крв“, „територија“, „религија“, „патриоти“, „предавници“. Од таквите бункери се регрутира јавната администрација. Нејзината непристрасност, компетентност и ефикасност постои само во празниот и банален вокабулар. Од една, ја претворија во „три во едно“ – а секој дел му служи само на партискиот водач, заедно со насобраната околу него клиентела. Јавен интерес? Што беше тоа?
4. Во рамките, пак, на вкупната јавна администрација, како и секогаш (до каде ни досегнува меморијата) и во оваа етапа сведочиме жестока битка за позициите во судството и во полицијата – паралелно со циничните флоскули: „правна држава“, „нема правда – нема мир“, „едно општество за сите“ итн. Актуелниве настани во овие два сектори се само нова потврда на нашиот театар на апсурди под отворено небо. Колку и да се неуки за друго, поглаварите на партиските поданици не може да не знаат дека: тој што ги има овие сектори под свое, ги има во раце и ножот, а и погачата. Затоа битката кој поглавар ќе има повеќе свои судии и посилни позиции во полицијата е беспоштедна и од највисок приоритет за нив. Независните и компетентните во нив, освен што се малку, се и пасивни набљудувачи. Поради тоа, секое злодело може да биде забошотено: да недостасуваат докази, без тешкотија да застари и секоја пресуда да може да биде нарачана (купена – продадена) како на најцрн пазар. Не е важно што Уставот и судовите се и ’рбетот и скелетот на секоја држава; што, ако ги нема (на потребното ниво) алтернативата е аномија, џунгла; што, ништо друго (колку непристрасната примена на Уставот и законите) не е поделотворно во создавањето услови за национално единство – лепило за различните по повеќе основи групи во државата. Важно им е само во чии раце се наоѓаат (истовремено) „ножот и погачата“, за да сечат според аршините на нивната неограничена алчност.
5. Со „прегрнувањето“, пак, на неолибералната доктрина за односот меѓу државата и таканаречената „невидлива рака“ на пазарните сили, во комбинација со незнаењето (генерално, како и во кои домени овие полуги на економската активност најдобро дејствуваат) и корупцијата која достигна епски размери, во овој тридецениски период на граѓаните им беше украдено јавното здравство и јавното образование – кобно за сиромашните и за исчезнувачкиот среден слој. Ова што го имаме е само имитација од која само богатите немаат зијан, напротив, зашто тие имаат алтернатива што им обезбедува „пристојна дистанца“ од „недостојните“. Случајните државни функционери (независно од кој социјален слој „изртиле“) како да немаат елементарна претстава за нивното значење во секое општество – за економскиот просперитет и социјалната хармонија.
6. Поради кажаново (и многу од неизреченото), вистинските победници во Македонија од 1991 до денес се алчноста, некомпетентноста, корупцијата. Перјаниците на овие категории крстосуваат со кренати глави низ државата, ја играат некогашната улога на јаничарите и друмските јанкесеџии – компетентните и доблесните ја напуштаат. Од 1990 до денес, повеќе од половина милион луѓе ја напуштија државата, бегајќи од бесперспективноста и отсуството фер односи во општеството. Контингентот работоспособни луѓе испарува на дневна основа, „сивата материја“ поцрнува.
7. Македонија стана членка на НАТО – неуморно повторуваат оние на кои им недостасува друга фалба. Се измачува и доживува уште поголемо малтретирање на патот кон ЕУ. Понижувањата се толку големи, не само затоа што се себични, безмилосни нашите „џелати“. Туку, многу повеќе, зашто се такви, какви што се оние што „гордо“ нѐ водат таму, а и сите ние заедно. Бездруго, тоа се исклучително важни цели – во денешниот свет. И, секако, треба да се издржи на таа ориентација. Но, треба да се биде и свесен дека тоа, колку што е важно, уште повеќе е недоволно за опстанокот на државата. Секојдневно треба да демонстрираме вистинска способност за самоодржливост (се разбира, во рамки на нужната и неизбежна поврзаност со остатокот од светот). Зашто, доколку продолжиме да се однесуваме внатре во државата како и досега, некои генерации по нас сигурно ќе се разбудат во (од некого посакуваната) географска Македонија – како дел од НАТО, ЕУ или како дел од ништо слично.
Нека ни е честит 8 Септември!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија