Правично за(с)тапени

Пожари летово ја пеплосаа Македонија. Планини зјаат соголени, немоќни да спречат потенцијална ерозија на земјиштето при пообилни дождови, а видовме каков беше црниот биланс во БиХ, во голем дел поради слични причини.

Климатските промени ги преполовуваат реколтите или го смалуваат квалитетот на земјоделските производи. Земјите во ЕУ максимално ги засилуваат плановите за искоренување култури што се засегнати од ефектите од климатските промени, со цел да се заменат со култури што се поотпорни на тие промени и генерираат помалку трошоци.

Одговорни држави за таа цел планираат огромни буџетски средства и субвенции. Истото се однесува и за клучните енергенси. Војната во Украина го забрза востановувањето алтернативни коридори за снабдување, отвора нови патишта на соработка и инфраструктурно поврзување. Изградбата на гасното поврзување на земјава со Грција, кое претходните влади го најавуваа на големи ѕвона и за таа цел реализираа десетици средби, уште е на мртва точка.

Новопланираните патишта ни се заглавени во лоши проекти и траси, кои чекаат ревизија или компликувана експропријација. Не се знае кога таму ќе замириса на асфалт, а таму каде што го има – проблем е превозот. Пример е главниот град. Луѓе доцнат на работа, ученици во училиште, пациенти ги губат термините, а сите заедно – нервите.

Гола вода

А да беше „само тоа“. Неколку општини во земјава со денови немаат вода за пиење затоа што во неа се утврдени количества манган и колиформни бактерии над дозволеното, а на повидок сѐ уште нема решение. Голем број производи, во чиј процес на подготовка се користела истата вода, завршуваат на полиците во продавниците. Луѓето ги купуваат, бидејќи никој нѐ ги предупредува за можни здравствени ризици, ниту спречил производите да стигнат таму.

Ако, не дај Боже, се случи нешто, јасно е како ќе заврши приказната – нема да се знае кој е надлежен, бидејќи надлежноста кај нас се преклопува со цел никој да не сноси одговорност. И никој не се потресува што цистерни и канти за вода се устоличија во главни „споменици“ пред училишта, градинки и плоштади.

За каков јавашлак станува збор, говори информацијата од Општина Василево, каде што утврдиле дека кварцниот песок во филтер станицата Ташли Баир не бил променет од 2006 година, односно од нејзината изградба!

На други места во Струмичко, надзорот се фрапирал што филтер станица, резервоари и главната водоводна мрежа со години не биле механички чистени и хиперхлорирани. Во Гостивар, пак, беа во дилема на која лабораторија да ѝ веруваат – дали на таа што вели дека водата не е безбедна за пиење или на таа што вели дека сѐ е во ред. Им се виде поубава втората варијанта.

Во целата оваа ситуација, со што се занимаваат политичките елити? Се расправаат за балансерот и за нов закон што него треба да го супституира. Се расправаат во чие време биле остварени повеќе етнички трофеи. Се натпреваруваат со јалови прес-конференции по кои нема ништо друго, освен поголема доза на нервоза, многу повисока од онаа на манган во водата.

Скромен арсенал, силна волја

Уште погорчлив е впечатокот кога вакви теми ќе се натрупаат претпразнично, во денови кога вообичаено се прави биланс – направиле ли и денешниве генерации нешто за иднината, како што направиле оние чие дело го славиме на 11 Октомври.

Ги читам нивните имиња и се прашувам – имало ли тогаш некаков балансер, кој одредувал кој ќе го нападне участокот, кој затворот, кој полициската станица? Имало ли некаква обврска за процентуална застапеност во востанието според етничката припадност на борците, или на сите дамарите им пулсирале кон иста цел – слобода за Македонија.

Тие што ја нападнале полициската станица во Прилеп располагале со околу дваесет пушки, неколку бомби и со 300-400 куршуми и малку леб. Арсеналот бил повеќе од скромен, а волјата повеќе од грандиозна. Немале речиси ништо, а направиле сѐ.

Денес сакаме да имаме сѐ, а не правиме ништо. Го одржуваме само жарот во арената каде што племенските поглавари си ги мерат партиските мускули, додека државата атрофира. „Со ситни души не се прави држава“, рече еден поранешен политичар. Изгледаше дека изјавата има важност за тогашните прилики, но, за жал, остана со продолжено дејство до денес.

За да славиме, а не да се срамиме, за да имаме држава што е достојна на денешните предизвици и потреби, но и на моралниот долг кон предците, не ни се потребни ни челични, ни вербални куршуми. Потребен е искрен порив за сеграѓанско реформско востание, без етнички поделби, без лицемерие и дворски игри.

Таа порака мора да дојде од граѓаните. Тие мора да изградат санитарен кордон кон партиските манги со концентрација во општеството над дозволеното ниво. Во спротивно, ќе се покажеме како правично за(с)тапени само во корист на сопствената штета.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија