Премрзнати во пустината

Починаа две новороденчиња како последица од премрзнување. Не во војна, туку во мирнодопски услови. Не во бегалски шатор, ниту оставени во кутија на улица, ниту завеани во снежна лавина. Дали смртта е последица исклучиво од премрзнување или тоа било само една од причините, ќе покаже обдукцијата.

Некои партии веднаш кренаа глас во обид си обезбедат политички поени. Поговорката вели – „некогаш треба и да замолчиш, ако сакаш да бидеш слушнат“. А кога ќе бидеш слушнат, треба и да имаш нешто конкретно да кажеш.

На пример – додека си бил на власт до вчера, што си направил за ова и други слични семејства, што си направил за здравството, што за амбулантите во приградските или во руралните населби? Тој што нема одговор, подобро е да молчи, бидејќи ништо не почнува од денес. Сè е континуитет.

Единственото нешто што засега го знаеме за овој случај, е од сведочењето на нивните соседи, дека ова семејство живеело многу тешко, во длабока сиромаштија, во студен дом без греење, со невработени родители и со уште три деца. Дедото на децата го тврди спротивното – дека домот бил топол. Оттука, тешко е да се изгради јасна слика во какви услови го почнале животот овие бебиња?

Патронажна служба

Ако родителите не биле вработени, дали примале социјална помош? Второ, може ли две предвреме родени бебиња, што само по себе е ризик-фактор, да бидат пуштени од болница по барање на мајката? Има ли некој пропис, протокол, кој ќе ја спречи таквата самоволна одлука поради ризикот за нивното здравје?

Особено, ако мајката знаела дека условите дома се далеку понеповолни од болничка соба, каде што бебињата би биле и под стручен надзор токму поради ризиците од предвременото раѓање. Дали мајката била во состојба да направи таква проценка и дали нејзината одлука е „над“ лекарската?

Само до вчера изгоревме кубици и кубици дрва за коледарски огнови, без да прашаме дали некому му се попотребни за да го згрее домот.

Трето, откако ја напуштиле болницата, дали биле посетени од патронажна сестра? Славеј, селото во кое живеело ова семејство, не е зад седум гори и седум мориња, туку покрај регионалниот пат Прилеп – Кривогаштани. Значи до него, по асфалтен пат може да стигне и лекар, и социјален работник, и патронажна сестра. Дали дошла патронажна сестра? Ако дошла, ако условите не биле соодветни, најлогично е дека итно би ги алармирала нејзините претпоставени за тоа. Навремен аларм би значел шанса за спас на бебињата.

Патронажните сестри се дел од тимот за примарна здравствена заштита и имале обврска да ги посетат двете новороденчиња и мајката. Така барем пишува во Упатството за начинот на вршењето на патронажната дејност. Еве дел од нив.

„Првата посета на новородено и родилка се прави првиот ден од излегување од породилиште. Доколку родилката е отпишана за време на неработен ден, се посетува првиот следен работен ден или во договор со неа. Секоја патронажна сестра ги анализира патронажните посети (…) при што се води сметка посетата на ризичното новородено да има приоритет. Според програмата, освен планираните три посети во текот на новороденечкиот период, се планираат и дополнителни најмалку две посети кај ризични новородени.“

Според Упатството, посетата ги опфаќа сите новороденчиња, без разлика дали се здравствено осигурени или не. А како ризични новородени, овие бебиња требало да имаат и приоритет, и повеќе надзор.

Меѓусекторски врски

Не се сомневам дека соседите помагале колку што можеле, како што велат, но претпоставувате како изгледа тоа – ќе дојдат до вратата, ќе го подадат тоа што го донеле, можеби и ќе го почувствуваат студенилото однатре, но немаат целосна претстава што се случува меѓу ѕидовите во домот.

Во случајов, најбитна е улогата на здравствените институции, на социјалната служба и особено на патронажната служба – која е „окото“ што прво би видело, или „гласникот“ што прв би алармирал за состојбата на бебињата.

Небаре е мала нашава демографска пустина, та пред нејзиниот „олтар“ тукутака да оставиме и два премрзнати ангели?

И тука доаѓаме до фактот дека и патронажата служба е прилично „измрзната“, илустративно кажано. Прво, бројот на патронажни сестри воопшто не е соодветен на бројот на граѓаните, што значи дека имаат обем на работа што не може да биде постигнат, а второ, проблем е и нивната старосна структура.

Трето, во пракса не постои процедура за известување на нивните претпоставени или на други институции, доколку при посета на едно семејство забележат и други појави, како на пример занемарување на децата, семејно насилство, дисфункционално родителство и слично.

За патронажната служба да нуди повеќе од проверка на здравствената состојба, потребно е подобрување на меѓусекторски врски на услугите од примарната здравствена заштита со секторите за социјална, детска заштита и образование. Само така, институциите ќе може навреме да постапат доколку се алармирани за одреден случај.

На крајот, настрана од институциите, во прашање е и граѓанската свест, солидарноста и емпатијата, кои не ги гледаме секогаш кога ќе се погледнеме себеси во општественото огледало. Зашто само до вчера изгоревме кубици и кубици дрва за коледарски огнови, без да прашаме дали некому му се попотребни за да го згрее домот.

Пак ли треба некој митрополит да нè предупреди – „нека ви бидат топли телата кога веќе ви оладеле срцата“. Небаре е мала нашава демографска пустина, та пред нејзиниот „олтар“ тукутака да оставиме и два премрзнати ангели?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија