Простори и времиња

Колумна на Димитар Димитров

„Во очите на Севишниот светоста на животот во едно планинско село во Авганистан е исто така неприкосновена  како и светоста на вашите животи.“(В. Гледстон, обраќање пред  избирачите, 1880)

„Скопјаните нека не мислат дека Грција и Западот горат од желба да ги видат во НАТО… да ги направат луѓе. Впрочем, што се тие? Албанци, Бугари  и нешто Грци во Монастири и Гевгели. Тоа се скопјаните!“ (П. Каменос,12.09.2018)

Сопоставуваме тука два погледа на светот, на растојание од 138 години. Едниот  плени со ширината на духот, другиот наежува со небиблискиот однос  кон „ближниот свој“. Ако се согласуваме со Т. де Шарден дека ширината на идентификацијата е мерило за прогресот, наведените искази внушуваат како времето меѓу нив да минувало со раков òд.

Тоа ќе беше точно доколку тие искази се типични изрази/симптоми на своето време . Но Гледстон бил пред времето, а  Каменос не е со времето. На Бизмарк и Дизраели, ортодоксните претставници на Реалполитик(ата), Гледстон им се чинел како „верски проповедник или шарлатан“. Тој,пак, нив ги гледал како  „олицетворенија на злото“ (Х.Кисиџер, Дипломатијата).

Во основа на раздорот бил односот кон Балканот како простор и кон балканците како луѓе и народи, во контекстот на решавањето на Источното прашање. Бизмарк и Дизраели со Балканот и балканците се послужиле како со средство, во пресметката меѓу великите сили, конкретно против хегемонијата на царска Русија. Тие биле далеку од помислата за „светоста на животот“ на балканците. Рационализирајќи ја пристрасноста на Берлинскиот конгрес кон султанот, Бизмарк не штедел изрази на игноранција и презир кон балканските народи.

За Гледстон било богохулство таа инструментализација  на Балканот и на балканското население, кое  се борело за ослободување од отоманското ропство. Тој сметал дека Европа треба да стои зад тоа население, а не зад султанот. Неговата  далекусежна изрека „Македонија на Македонците“, ја претпоставува „светоста на животот“ на тоа население и неговото  право на политичка субјективизација.

Мицотакис и Каменос не ја даваат „Македонија“ (ни како „северна“);  Иванов и Мицкоски не ја примаат „северна Македонија“. Исходот е – подобро статус  кво отколку таков „капитулантски“  договор! Или – војна, под истото античко  знаме, кое се вее на протестите  против договорот и во Грција, и во Македонија!

Изјавата на Каменос го варира Бизмарковиот стереотип на грчки начин, во традицијата на елиноцентризмот, со еклатантна персонализација во Теофилакт Охридски. Практично тој модел го терале македономахите од Македонската борба (Македоникос  агон), со пораки до нашите предци – или да го прифатат елинизмот,  или ќе ги снема до куче и маче! Карнегиевиот извештај за Балканските војни 1912-13 г. сведочи за пропаганда избрутализирана до мера: „Тие не се  луѓе“.

Од друга страна Договорот меѓу Македонија и Грција кореспондира со визијата на Гледстон, во принцип и посебно со оглед на „Македонија на Македонците“. Тој ја вградува Република Македонија во единствена обединета Европа – заедница на споделени вредности и принципи – и ја прави невозможна нејзината манипулација како средство.

Отпорот кон него на Каменос, Мицотакис, Иванов и Мицкоски, претставува побуна на старите фронтови, кои тој (договорот) ги сублимира во нови квалитети, при што, во крајна линија, антагонизмот го преточува во стратешко партнерство. Консензусот на грчката и на македонската опозиција во оценката на договорот како предавството на името, преку тоа, на националните интереси, јасно отсликува анахрони идентификации, кои меѓусебно се исклучуваат: грчката и македонската верзија на панмакедонизмот, вкопани еднакво во фундаменталистичко поимање на терминот Македонија.

За грчката верзија нема македонски народ (зашто Македонците се Грци); за македонската верзија, која е извртена парафраза на грчката, Македонците се и секогаш биле Македонци  („Македонија вечна“)  па какво било временско или просторно поврзување со поимот, го нарушува идентитетот.

Отпорот на Мицотакис, Каменос, Иванов и Мицкоски кон договорот издава менталитет што го носи талогот на едно друго време, друга Европа и друг Балкан –кога „Македонија и Албанија биле подалеку од Европа, отколку Европа од Америка“

На панмакедонистите  (дури и како државјани на САД: грчките Панмакедонистички асоцијации и Обединетата македонска дијаспора) не им е проблем целиот плурализам од значења на терминот Америка/Американци (општ поим Америка, Северна и Јужна Америка, САД, државјани на САД, американска нација/народ), но го сметаат за предавство разликувањето во Договорот на терминот Македонија како географски регион во Грција и како име на држава (Северна Македонија).

Мицотакис и Каменос не ја даваат „Македонија“ (ни како „северна“);  Иванов и Мицкоски не ја примаат „северна Македонија“. Исходот е – подобро статус  кво отколку таков „капитулантски“  договор! Или – војна, под истото античко  знаме, кое се вее на протестите  против договорот и во Грција, и во Македонија!

Без да ги дочека сите деструктивни импликации од Берлинскиот договор, Бизмарк, во мемоарите, Берлинскиот договор го означил како најнизок праг во неговата кариера. Исто и Горчаков, во писмо до царот.  Периодот од нив двајцата до овој миг е време на страдање поради егоистичките идентификации со националните интереси и примената на сила во поделената Европа; но и време на подготовка и втемелување на обединета Европа и на глобализацијата, зачнати во „проповедите“ на Гледстон.

Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција е сам по себе драгоцен прилог, конститутивен елемент на тој процес, на ЕУ  и на евроатлантската асоцијација. Како таков го препознаа Европа и Америка, без ниеден исклучок. И практично ја прифаќаат Македонија како интегрален дел и сојузник  (гестот со говорот на македонскиот премиер  во европскиот парламент на македонски јазик; заложбата  за договорот како за своја грижа и потреба).

Обратно, Мицотакис, Каменос, Иванов и Мицкоски се во размин со тој процес. Нивниот отпор кон договорот издава менталитет што го носи талогот на едно друго време, друга Европа и друг Балкан –кога „Македонија и Албанија биле подалеку од Европа, отколку Европа од Америка“(Д`Естурнел де Констан, Поранешните Балкански војни 1912 – 1913).