Зоолошката градина во Скопје е затворена поради птичји грип. „Чистењето“ на контаминираната локација, според соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство, со својот живот го платија несреќните 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка, веројатно случајно затекната во периодот на, како што објаснуваат од Агенцијата, „хуманото убивање и нештетното отстранување“ на птиците. Зоолошката градина ќе биде затворена 21 ден.
Зоолошката градина, пак, овој „надзор над болеста“ го сфати како политички атак врз нејзиниот углед. Во нивното соопштение се наведува дека инспектори на АХВ, придружувани од вооружени лица, без налог, решение или каков било доказ упаднале во просторот на градината и безмалку извршиле „птицоцид“.
Не станува збор за никаков политички мотивиран упад во ЗОО Скопје, ниту, пак, дека случајот на птичјиот грип на каков било начин може да се врзе со работата на Зоолошката градина
„Без образложение, овие лица, по наредба на диркторот на АХВ, а без доказ, до овој момент убија неколку десетици птици, кои слободно се шетаа во Зоолошката градина. Станува збор за украсни видови шатки и гуски, кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во Зоолошката градина од градскиот парк. Целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје, со цел наштетување на угледот. За ова дело, ЗОО Скопје ќе поднесе кривични пријави против директорот на АХВ, како и до инспекторите и лицата, кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје“, се наведува во соопштението.
Она што треба да се знае за целиот случај е дека не станува збор за никаков политички мотивиран упад во ЗОО Скопје, ниту, пак, дека случајот на птичјиот грип на каков било начин може да се врзе со работата на Зоолошката градина.
Едноставно е, релативно новиот сој (или мутација) на вирусот H5N1 што ја предизвикува оваа варијанта на птичјиот грип, веќе две-три години доминира низ цела Европа. На крајот на минатата година, во Унгарија беа избројани над десет илјади жерави пострадани од овој вирус. Во истиот период се крена алармот и во соседна Србија, каде што во еден природен резерват беа пронајдени 70 угинати жерави од птичјиот грип. Вирусот е присутен и во Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија… така што прашање на денот беше кога (и каде) ќе се појави кај нас.
Луѓето и птичјиот грип
Според епидемиолозите, птичјиот грип ретко се префрла кај човекот и речиси не може да се пренесе со директен контакт меѓу човек и човек. Болеста се пренесува преку птичјиот измет или консумирање заразено (и недоволно термички обработено) птичјо месо.
Но, ако некој заболи (последниот случај е забележен во Велика Британија), тогаш шансите да преживее му се буквално половични. Имено, откога во 1997 година е регистриран првиот случај на пренесување на болеста од птица на човек, Светската здравствена организација има евидентирано околу 800 случаи, од кои буквално половината се со смртен исход.
Она што внесе забуна и сомнеж во овие сознанија беше токму последниот случај во Велика Британија, каде што беше констатирано дека заболениот немал никаков контакт со птица на начин да може да биде заразен. Проблемот е во тоа што во природата постојат три големи „резервоари“ на грип. Едниот е во птиците (пред сѐ станува збор за барски птици), другиот е кај луѓето и третиот кај – свињите.
Скопската Зоолошка градина, за две години, ќе слави стогодишнина од своето постоење. За жал, има малку достапни траги за нејзиното формирање
Свињата практично е универзален „приемник“ на вирусите на грип, па може да се случи (иако и тоа е ретко) во неа да се направи „спој“ меѓу птичјиот и хуманиот вирус на кого човечката отпорност е буквално еднаква на нула.
Зошто тогаш се убиваат птиците секаде каде што ќе биде потврден птичјиот вирус? Лаичкиот (и погрешен) одговор би бил: за да не умрат од птичјиот грип! Птичјиот грип ако не е можеби (пре)опасен за човекот, тој е буквално разорен за сеопштиот биодиверзитет.
Кај домашната живина, тој најчесто се пренесува преку заболените диви птици, а смртноста од овој вирус кај мисирките, кокошките и пилињата е речиси стопроцентна. Слично е и кај дивите птици. Во некои извештаи се наведува дека извесни видови морски галеби и морски папагали се буквално десеткувани, односно од оваа болест изумреле буквално 90 проценти од нивната популација.
Може само да се замисли што би се случило ако болеста ги дофати оние ретки и веќе загрозени видови птици.
Во таа смисла, мерките на Агенцијата за храна и ветеринарство се сосема оправдани. Но, што правиме со затворањето и „нарушениот углед“ на Зоолошката градина? Некои активисти за заштита на животните и на нивните права би рекле дека Зоолошката градина би требало трајно да биде затворена. И не само оваа во Скопје, туку сите во светот.
Животните и нивните права
Иако можам да ги разберам аргументите дека никој, вклучувајќи ги тука и животните, не е должен да го помине животот во кафез или во некаква менажерија, сепак моето мислење е донекаде поинакво. Што ќе се случи ако сите животни од сите зоолошки градини бидат пуштени во нивните природни средини? Ќе можат ли животните родени во кафез, научени на одредена исхрана и навикнати на одреден ритам да се снајдат во таканареченото „природно опкружување“? Не знам колку е познато, ама зоолошките градини одамна не ги пополнуваат своите капацитети од „дивината“, туку исклучиво станува збор за прираст роден токму во зоолошки градини.
Од друга страна, институцијата „зоолошка градина“ не е измислена за забава на безработното население (иако редовно ја добива таа намена), туку како своевидна научна институција, каде што луѓето од науката ќе можат да ги проучуваат ретките видови. Уште Чарлс Дарвин носел некои животни од своите патувања, па така, меѓу другото, е создадена теоријата за еволуцијата, едно од темелните достигнувања на новото време.
Што ќе се случеше ако во Животинската фарма на Орвел завладееше птичјиот грип? Има тука материјал за мислење
Скопската Зоолошка градина, за две години, ќе слави стогодишнина од своето постоење. За жал, има малку достапни траги за нејзиното формирање. Не можам, на пример, да најдам податок кое е, од каде е и како е донесено првото животно во градината? Кога е донесен првиот лав? Како е транспортирана првата жирафа? Дали слонот дошол со брод преку пристаништето во Солун или Драч? Како реагирале посетителите кога виделе тигар?
Како малечок многу се радував при секоја посета на Зоолошката градина. Како да бев преселен во некој егзотичен и возбудлив свет, преполн со авантури. Се сеќавам дека во тие некои времиња за првпат ја прочитав „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел. Тоа беше непримерна возраст за таа книга. Ниту знаев што е алегорија, ниту, пак, ме интересираше.
Книгата ја прочитав како една интересна, малку подолга басна. Поентата ми е дека тогаш почнав да размислувам што би се случило ако животните во нашата Зоолошка градина кренат бунт. Кои животни би биле „поеднакви од другите“. На таа возраст и на таа тема во главата создадов можеби стотици приказни.
Сега се други времиња и прилично сум навлезен во седмата деценија од животот. Сега мислам што ќе се случеше ако во Животинската фарма на Орвел завладееше птичјиот грип? Има тука материјал за мислење.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија